Министерот Маневски на четвртиот Форум на европски правници во Виена  
     
 

04.05.2007

 
 

Министерот за правда Михајло Маневски присуствува на четвртиот Форум на европски правници, кој оваа година се одржува во Виена, Република Австрија од 3 до 5 мај 2007 година. Форумот претставува еминентен собир на правници од Европа со цел размена на искуства и дискусија за иднината на правниот систем на ниво на Европа во насока на постигнување поголема хармонизација и соработка помеѓу земјите членки на ЕУ.

На свеченото отворање на форумот, на кој оваа година присуствуваат повеке од 1200 правници, двојно повеке од претходно, поздравни говори одржаа претседателот на Австрија др. Хајнц Фишер, потпретседателот на Европската Комисија и Комесар за правда и внатрешни работи Франко Фратини, сојузната министерка за правда на Австрија, др. Марија Бергер, министерката за правда на Германија, г-ѓа Бригите Циприс и претседателот на Австриското здружение на правници др. Николаус Михалек. Тие упатија посебни поздрави до присутните почесни гости – министрите за правда на земјите од Европа и дискутираа за потребата од постигнување поголема рамнотежа помегу правдата, слободата и безбедноста во Европа.

Форумот се одвива во рамки на 3 сесии и тоа: Кон Европсто кривично право, Миграција во и кон Европа и Европско договорно право.

Министерот Маневски учествува на втората сесија каде се дискутираат основните модели и тенденции и перспективите на европското кривично право што е од исклучително значење за Република Македонија како земја кандидат за членство во Европската унија која во моментов спроведува реформи во кривичното законодавство.

На маргините на форумот министерот Маневски се сретна со претседателот на Австриското здружение на правници др. Николаус Михалек, разговараше со министрите за правда на Словенија, Хрватска, како и правници од Франција и Австрија со кои размени мислења за реформите во кривичното законодавство во насока на спроведување на успешна борба против организираниот криминал и корупцијата.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk