Заврши ИПА Твининг Проектот „Зајакнување на владеење на правото“ финансиран од Европската Унија  
     
 

02.11.2017

 
 

Во просториите на Делегацијата на  Европската Унија во Скопје се одржа завршниот настан посветен на ИПА Твининг Проектот „Зајакнување на владеење на правото“ финансиран од Европската Унија. На овој настан беше презентиран извештајот за спроведени активности во рамките на овој проект  кој започна да се реализира во декември 2015  година.

 

На настанот се обратија раководителот за соработка во Делегацијата на Европската Унија во Македонија, Никола Бертолини, заменик министерот за правда на Република Македонија, Оливер Ристовски, и државниот секретар во министерството за правда на Република Латвија, Раивис Кронбергс, како и државниот секретар во Министерството за правда на Република Хрватска, Кристијан Туркаљ.

 

„Оваа поддршка беше од големо значење за министерството за правда, особено важно при изготвување на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор како и останатите активности кои се преземаа од страна на министерството а кои се во насока на исполнување на главните стратешки активности за приближување на правосудството кон европските стандарди“- истакна Никола Бертолини. 

 

Сите говорници на настанот потврдија дека како резултат на добрата соработка на Министерството за правда на Македонија со министерствата за правда на Латвија и Хрватска, квалитетно и ефективно се реализираа сите предвидени активности но дека меѓусебната поддршка и помош  треба да продолжи и по завршувањето на овој проект.

 

Заменик министерот за правда на Македонија им се заблагодари на сите инволвирани страни во проектот и притоа укажа на неопходноста од понатамошна соработка на Македонија со партнерите во проектот бидејќи во изминатиот период тоа се покажа како успешен начин да се справиме со тековните потреби во процесот на подготовка на Македонија за влез во Европската Унија.

 

„Искуството кое ни го пренесоа колегите од министерствата за правда на Латвија и Хрватска како и соработката со меѓународни експерти од областа на правосудството ни помогнаа во планирањето и дефинирањето на многу стратешки прашања во оваа област, особено при подготовка на прашањата кои го засегаат Поглавјето 23 Правосудство и фундаментални права. Токму поради тоа, сакам да ве информирам дека и во иднина ќе ни биде добродојден ваков тип на поддршка имајќи предвид дека Министерството за правда во согласност со заложбите на Владата на Република Македонија, ги забрзува чекорите во создавање на услови за влез во Европската Унија“ – истакна заменик министерот Ристовски.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk