Министерот за правда Саљији на Меѓународна судска работилница во Охрид  
     
 

02.11.2017

 
 

Денеска, Министерот за правда, Билен Саљији учествуваше на Меѓународна судска работилница насловена „ Зајакнување на судската независност и транспарентност преку ревизија на судската одговорност“ организирана од страна на Здружението на судиите на Република Македонија во соработка со Амбасадата на Соединетите Американски Држави во

Република Македонија и CEELI институтот од Прага, Чешка Република. На работилницата која се одржува во Охрид, министерот Саљији во својство на предавач, говореше на тематската сесија со наслов „Обезбедување на правични и транспарентни механизми за одговорност на судиите како претпоставка за независност при слободно судско одлучување“. Во рамките на сесијата, покрај министерот Саљији,  излагања имаа и судии од Македонија, Србија, Црна Гора како и правен советник од Амбасада на САД во Македонија и претставник од Врховниот Суд во Масачусетс.  

Во своето излагање, министерот Саљији се осврна не активностите кои Министерството за правда ги презема во насока на воспоставување на независен, ефикасен и самостоен судски систем во Македонија, отпорен на политички притисоци или било каква политичка вмешаност во судството.

„Како министерство за правда, сакаме да создадеме услови , секако, онолку колку што ни дозволува нашата позиција како дел од извршната власт, судиите реално да ја почувствуваат својата независност од политиката. За тоа е потребна и политичка волја но и создавање на нормативни услови“ – истакна министерот Саљији.

Фокусот на предавањето беше ставен на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, како документ кој определува стратешки насоки и активности на кои треба да се темели правосудниот систем во Македонија.

„ Целите кои ги утврдивме во рамките на овој стратешки документ се јасни: независност на судството, одговорност за работата, квалитет, ефикасност и транспарентност“- потенцираше министерот Саљији. Понатаму, во предавањето детално беа елаборирани наведените цели, вклучително и механизмите преку кои истите треба да се спроведат.

Министерот Саљији во своето предавање, меѓудругото укажа и на новините за кои едногласни се стручната, домашната и меѓународната јавност, а кои треба да доведат до создавање услови за поголема независност и непристрасност на судиите при своето слободно судиско одлучување:

· Престанок на постоење на Советот за утврдување факти.

· Транспарентна дисциплинска постапка за одговорност на судии во рамките на Судскиот совет и можност против одлуките на Судскиот совет за дисциплинска одговорност на судија да се поднесе жалба до посебен совет при Врховниот суд на Република Македонија.

·  Депрофесионализација на судиите како членови на Судскиот совет на Република Македонија.

· Контрола од страна на Министерството за правда, како и ревизија од независни ревизори врз правилната и доследна автоматска распределба на судските предмети без можност за надворешни или внатрешни влијанија.

На крајот на своето излагање, министерот Саљији истакна дека Министерството за правда останува отворено за соработка со Здружението на судии и во иднина задржувајќи го нивото на  еднакви партнери кои имаат иста цел: зголемување на независноста и ефикасноста на судскиот систем и подигање на довербата на граѓаните во институциите на правосудството.

 „ Очекувам, Здружението на судии да биде силен и значаен коректив на нашето работење, но и на работењето на сите судски инстанци и органи во државата“- рече на крајот од своето излагање министерот Саљији.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk