Министерот за правда Саљији присуствуваше на Промоција на Матрицата за мерење на перформансите во правосудството  
     
 

07.11.2017

 
 

Саљији: Не само реализирање на активности туку и евалуација на работењето ќе биде патоказот до исполнување на крајната цел: независен, ефикасен и кредибилен правосуден систем

 

Министерот за правда, Билен Саљији се обрати  на настанот кој беше посветен на  Промоција на матрицата за мерење на перформансите во правосудството во Македонија која е изработена согласно Меморандумот за соработка меѓу Министерството за правда, Британската амбасада и Центарот за правни истражувања и анализи од 2016 година. Оваа алатка е подготвена врз основа на компаративните анализи за механизмите за мерење на судските реформи во европските земји, но и меѓународните стандарди согласно CEPEJ и EU Justice Scoreboard.

 

На настанот покрај министерот Саљији се обратија и британскиот амбасадор во Република Македонија, Чарлс Гарет и претседателката на Центарот, Лидија Стојкова Зафировска.

 

На почетокот на своето обраќање, министерот Саљији укажа на значењето на Матрицата бидејќи нејзиното креирање е мерката преку која ќе се евалуира исполнувањето на целите предвидени во рамките на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор со Акциски план.

 

„Во Акцискиот план, согласно утврдената потреба за внатрешна и надворешна координација на институциите и граѓанскиот сектор, определивме цел – стратешко планирање и креирање политики, која ќе се оствари преку стратешката насока - координација на реформата во правосудниот сектор. Една од клучните активности во таа насока беше и креирањето на матрицата во соработка со граѓанскиот сектор и научните институции“- истакна министерот Саљији. Понатаму потенцираше дека со ваквиот потег, за прв пат во правосудството во Македонија ќе се овозможи системско оценување на реформите врз основа на мерливи и јасни критериуми што ќе биде индикација дека се движиме во правилната и посакувана насока.

 

„На крајот, ве уверувам дека Министерството за правда цврсто останува на намерата за реализација на реформските активности во правосудството. Но не само реализирање туку и евалуација на работењето што ќе ни биде патоказ до исполнување на крајната цел: Република Македонија да има независен, ефикасен и кредибилен правосуден систем кој ќе се развива паралелно со европските системи.“ – го заврши своето обраќање министерот Саљији.

 

Британскиот амбасадот Гарет истакна дека Матрицата ќе помогне во подобрување на квалитетот на работата на правосудниот систем,  ќе придонесе  за правична и ефикасна работа на судовите но и ќе помогне да се идентификува начинот за подобрување на правниот систем во Македонија за да се овозможи унифициран пристап во примена на законите.

 

Во таа насока и Претседателката Зафировска го потенцираше значењето на Матрицата сметајќи го за неопходно бидејќи досега изостанувала проценка на сработеното и изнаоѓање начин како работите да се подобрат.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk