Обраќање на министерот за правда, Билен Саљији на денешната прес- конференција за Извештајот од увидот во функционалноста на информатичкиот систем  
     
 

07.12.2017

 
 

 

Почитувани претставници на медиумите,

Почитувани граѓани,

 

            Првиот дел од увидот во функционалноста на информатичкиот систем и надзор над примената  на одредбите од Судскиот Деловник во судовите, заврши.

            Како што и досега бевте информирани, потребата од извршување на увид во работата на познатиот АКМИС систем дојде како резултат на извештајот од експертската група на Прибе, во кој беше наведено дека има индиции за злоупотреба на системот за автоматска распределба на предмети во судовите.

Министерството за правда согласно својата надлежност предвидена во Законот за судовите и Судскиот деловник, изврши увид над примената на одредбите од Законот за судовите и Судскиот деловник во Основниот суд Скопје 1 Скопје, Апелациониот суд Скопје и Врховниот суд на Република Македонија.

Увидот го спроведе Работна група која беше формирана од страна на Министерството за правда, а ја сочинуваат стручни лица од Министерството за правда, судии и  информатичари.

            Првиот увид се спроведе во Основниот суд Скопје 1 Скопје, на 5 октомври 2017 година и на 10 октомври 2017 година.

Во Апелациониот суд Скопје  увидот беше извршен на ден  09 ноември 2017 година.

Во Врховниот суд на Република Македонија увидот беше извршен на 17 ноември 2017 година.

Предмет на увид, во сите три суда, беа процедурите за функционирање на АКМИС, годишниот распоред на судии, процедурата за исклучување на судија од автоматска распределба и прераспределба на предмети, сите одлуки за рачна распределба на предмети.

Увидната работна група констатираше недоследност во примената на Законот за управување со движењето на предметите во судот и Судскиот деловник како и недоследност во користењето на АКМИС –от во Основниот суд Скопје 1 Скопје и во Врховниот Суд.

Во Апелациониот Суд во Скопје  е констатирано дека Законот за управување со движењето на предметите во судот и Судскиот деловник се применуваат, АКМИС-от е имплементиран и редовно се користи освен во делот за судска управа.

На почеток да истакнеме дека во секој суд, секоја година, најдоцна до 31 декември се донесува Годишен распоред за работа на судот со кој се определува бројот и видот на судските оддели и специјализрани судски одделенија, претседатели на судски оддели, судии по судски оддели, претседатели на совети. Доколку во текот на годината се појави потреба за менување на Годишниот распоред истиот може да се измени само согласно постапката за негово донесување. 

Исто така секоја година се донесува и Годишен план за работа на судот и се формира Работно тело за управување со движење на предмети во судовите.

Во секој суд треба да постојат и внатрешни процедури за одделни процеси при управувањето со движењето на предмети во судот.

Во продолжение, ве информираме за наодите односно увидените недоследности од секој суд поединечно.

 

Основниот суд Скопје 1 Скопје

 

1. Годишен план за управување со движење на предметите во судот е донесен само во 2013 година. Не е формирано Работно тело за управување со движење на предмети во судовите .

2. Не се донесени внатрешни процедури за одделни процеси при управувањето со движењето на предмети во судот.

3. Годишниот распоред за работа на судот за 2016 и 2017 година е менуван често и не е испочитувана процедурата за негово донесување. Во рок од речиси две години бил десет пати менуван од кои во месец септември 2016 година бил сменет три пати.

4. Не се почитувале одредбите од Законот за управување со движењето на предметите во судовите согласно кои АКМИС-от задолжително се користи при управувањето со движењето на предметите во судовите.

5. Не се користел модулот за автоматска распределба на предметите а распределбата се вршела рачно.

6. Движењето на предметите не се вршело во насока кон судии, тоа не се евидентирало, а од страна на уписничарот е избиран стручен соработник кој вршел избор на кривичен совет пред кој ќе го реферира предметот.

7. При увидот во судот, е констатирано дека постојат 860 предмети во кои нема доделен  судија. Со ова се доведува во прашање точноста на статистичките податоци во месечните и годишните извештаи за работа на судот и на судиите коишто се доставувани до повисоките судови, Судскиот совет на Република Македонија и Министерството за правда.

8. Исклучувањето на судиите од автоматската распределба на предметите се вршело без изготвување на писмена одлука со наредба и без образложена причина. Тоа се правело само со параф на претседателот на судот и со телефонско јавување во судската писарница.

9. Пишаните уписници не се заклучуваат, оставени се празни броеви, а истата состојба е и со електронскиот уписник.

 

Апелациониот Суд во Скопје

 

1. По извршената проверка на водење на уписниците од судската управа е констатирано дека основниот предмет се заведува во АКМИС, но сите дополненија на предметот не се заведуваат туку се зема бројот на основниот предмет и предметот се чува во регистар.

 

 Останатите активности кои беа предмет на увид биле исполнувани согласно законските обврски.

 

Врховен Суд

 

1. Донесените упатства и заклучоци на Работното тело за стандардизација на постапките во судовите не ги објавил на својата веб страна, не се доставувани до Комисијата за стручни мислења за примена на Судскиот Деловник . Оваа обврска која е задолжителна според Судскиот Деловник,  не е исполнета.

2. Не било формирано Работно тело за управување со движењето на предметите во судот .

3. При промена на претседателот на судот веднаш се носел нов распоред за работа на судии.

Не се почитувала процедурата за годишна промена на распоредот. На пример: во 2017 година Годишниот распоред за работа на судиите бил сменет 9 пати.

4. Не се почитувало начелото на специјализација на судиите, односно судии кои постапувале во предмети од граѓанска материја се прераспределувале во кривична материја и обратно.

5.  АКМИС-от се применувал според претходно применета рачна прераспределба на предмети за што постои писмена одлука од Претседателот на судот но таа не е во согласност со одредбите на Судскиот Деловник.

На овој начин наместо случаен избор на судија се добива очекуван избор на судија.

6. Прераспоредување на поименични предмети од еден на друг конкретен судија. Прераспределбата на предмети не се врши преку АКМИС туку рачно преку системот се делат предметите на судиите кои се определени за постапување по тој вид предмети.

На пример, за судија кој најавил подолго боледување на почетокот на месецот јули, а работи на притворски предмети (оддел за казниви дела)  одлука за исклучување од АКМИС  е донесена после еден месец од  траење на боледување.

 

На крајот сакам да потенцирам дека целта на извршениот увид е по укажувањето за лоцирани недоследности , истите да се корегираат  од страна на надлежните судови со цел да се воспостави исклучителна професионалност во работењето на судовите и враќање на дигнитетот и кредибилитетот на судските институции.

 

За таа цел препораките од Министерството за правда се следни:

1. Доследно почитување на Законот за судовите, Законот за управување со движењето ан предметите во судовите и Судскиот деловник.

2. Формирање и функционирање на работни тела за управување со движење на предметите во судовите

3. Претседателите на судовите да поднесуваат извештај за реализација на нивната програма за работа до Судскиот совет  на Република Македонија, а претседателите на повисоките судови да изготвуваат мислења за работата на претседателот на судот.

4. Да се зајакнат контролите на повисоките врз пониските судови и да се даваат конкретни забелешки и прецизни мерки за следење на констатирани неправилности со цел истите да се отстранат.

5. Министерството за правда му препорачува на Судскиот Совет, согласно своите овластувања, перманентно да ја следи работата на судовите  во имплементација на АКМИС-от и спроведување на Законот за управување со движењето на предметите во судовите и Судскиот Деловник

На самиот крај од ова излагање информираме дека Извештајот од извршениот увид во наведените судови кој беше изготвен од страна на Работната група ќе биде соодветно доставен до надлежните институции за да понатаму постапат согласно своите надлежности.

Исто така сакам да потенцирам дека Министерството за правда согласно своите ингеренции и во иднина ќе воспостави пракса на перманентен увид во функционирањето на АКМИС-от и спроведувањето на одредбите од Судскиот Деловник. Увидот ќе продолжи и во останатите судови низ Македонија.

 Ви благодарам на вниманието.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk