ПРЕДЛОГ НА

ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА НА УКАЖУВАЧИ

 

 

 

 

Скопје, ноември 2019 година

 

 

I ВОВЕД

 

 

 

I.                   ОЦЕНА НА СОСТОЈБИТЕ ВО ОБЛАСТА ШТО ТРЕБА ДА СЕ УРЕДИ СО ЗАКОНОТ И ПРИЧИНИ ЗА ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ

 

Законот за заштита на укажувачи („Службен весник на Република Македонија“, број 196/15 и 35/18) ги уредува заштитеното пријавување во јавниот и приватниот сектор, заради заштита на јавниот интерес, правата на укажувачите, како и постапувањето и должностите на институциите, односно правните лица во врска со заштитено пријавување и обезбедувањето заштита на укажувачите.

Со Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“, број 96/19), донесен на 25.02.2019 година, уредени се општите  услови  за  пропишување  на  прекршоците  и прекршочните санкции, општите услови за утврдување на прекршочната одговорност, за изрекувањето и извршувањето на прекршочните санкции и се пропишуваат прекршочните постапки.

Со предложениот закон, согласно преодните и завршните одредби од Законот за прекршоците,  се врши усогласување на Законот за заштита на укажувачи, како еден од законите во кои се пропишани прекршочни санкции.

Карактеристично за усогласувањето е ублажувањето на глобите за физичките лица и градуирање на глобите за правните лица по утврден распон предвид нивната големина (класификација на трговците согласно Законот за трговските друштва[1]).

 

 

II.                ЦЕЛИ, НАЧЕЛА И ОСНОВНИ РЕШЕНИЈА НА ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ

 

Цел на предложениот закон е усогласување на прекршочните одредби од Законот за заштита на укажувачи со одредбите од Законот за прекршоците.

 

III.             ОЦЕНА НА ФИНАНСИСКИТЕ ПОСЛЕДИЦИ ОД ПРЕДЛОГ НА ЗАКОНОТ ВРЗ БУЏЕТОТ И ДРУГИТЕ ЈАВНИ ФИНАНСИСКИ СРЕДСТВА

 

Предлог-законот за изменување на Законот за заштита на укажувачи не предизвикува фискални импликации.

 

IV.      ПРОЦЕНА НА ФИНАНСИСКИ СРЕДСТВА ПОТРЕБНИ ЗА          СПРОВЕДУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ И НАЧИН НА НИВНО         ОБЕЗБЕДУВАЊЕ КАКО И ПОДАТОЦИ ЗА ТОА ДАЛИ СПРОВЕДУВАЊЕТО НА ЗАКОНОТ ПОВЛЕКУВА МАТЕРИЈАЛНИ ОБВРСКИ ЗА ОДДЕЛНИ СУБЈЕКТИ

 

За спроведување на овој закон не е потребно обезбедување дополнителни финансиски средства од Буџетот на Републиката, ниту материјални обврски за одделни субјекти.

 

V.       УСОГЛАСУВАЊЕ НА ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ СО ПРАВОТО НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА

 

 

 

ПРЕДЛОГ НА ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА НА УКАЖУВАЧИ

 

 

Член 1

Во членот 16 зборовите „од 3.000 до 6.000 евра“ се менуваат со зборовите „од 100 до 500 евра“.

 

Член 2

Во членот 17 ставот (1) се менува и гласи:

„(1) Глоба во износ од 250 до 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на микро трговец со 10 вработени лица, односно од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на мал трговец или институција со вработени 10 лица, односно од 750 до 1.500 евра во денарска противвредност на среден трговец или институција со од 10 до 50  вработени лица, односно од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече на голем трговец или институција со повеќе од 50 вработени лица, доколку постапи спротивно на членот 4 став (7) од овој закон.“

Во ставот (2) зборовите „30% од одмерената глоба за институцијата, односно правното лице“ се заменуваат со зборовите „250 до 500 евра во денарска противвредност“.

 

Член 3

Во членот 18 зборовите „од 6.000 евра“ се менуваат со зборовите „од 5.000 до 10.000 евра“.

Зборот „му“ се брише.

 

Член 4

Членот 19 се менува и гласи:

„(1) Глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на овластено лице за прием на пријави од укажувачи или друго службено лице, доколку постапи спротивно на членот 7 став (2) или (3) од овој закон.

(2) Глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на лице кое не е службено лице, доколку постапи спротивно на членот 7 став (3) од овој закон.

(3) Глоба во износ од 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на микро трговец со 10 вработени лица, односно од 2.000  евра во денарска противвредност ќе му се изрече на мал трговец или институција со вработени 10 лица, односно 6.000 евра во денарска противвредност на среден  трговец или институција со од 10 до 50  вработени лица, односно од 10.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече на голем трговец или институција со повеќе од 50 вработени лица, доколку постапи спротивно на членот 7 став (3) од овој закон.“

 

Член 5

Во членот 20 ставот (1) се менува и гласи:

„(1) Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на микро трговец со 10 вработени лица, односно од 1.000 до 2.000  евра во денарска противвредност ќе му се изрече на мал трговец или институција со вработени 10 лица, односно од 3.000 до 6.000 евра во денарска противвредност на среден трговец или институција со од 10 до 50  вработени лица, односно од 5.000 до 10.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на голем трговец или институција со повеќе од 50 вработени лица, доколку постапи спротивно на членот 9 став (2) од овој закон.

Во ставот (2) зборовите „30% од одмерената глоба за институцијата, односно правното лице“ се заменуваат со зборовите „500 евра во денарска противвредност“.

 

Член 6

Во членот 21 во ставот (1) по зборовите „износ од“ се додаваат зборовите „1.000 до“.

Зборот „му“ се брише.

Во ставот (2) зборовите „30% од одмерената глоба за институцијата, односно правното лице“ се заменуваат со зборовите „500 евра во денарска противвредност“.

 

 

Член 7

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”.

 

 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ПРЕДЛОГ - ЗАКОНОТ

 

            I. ОБЈАСНУВАЊЕ НА СОДРЖИНАТА НА ОДРЕДБИТЕ НА ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ

 

Предложениот закон содржи 7 члена со кои се менуваат прекршочните одредби од Законот за заштита на укажувачи, заради негово усогласување со Законот за прекршоците.

 

Со предложениот член 1, се менува членот 16 од Законот, со тоа што се ублажува глобата за прекршокот сторен од страна на овластеното лице за прием на пријави од укажувачи, односно раководното лице во институцијата, со непридржување кон должноста (од член 4 став (4)) за

- постапување по пријавувањето со почитување на процедурите утврдени со актот за внатрешно пријавување,

- заштита на личните податоци на укажувачот, односно податоците кои можат да го откријат идентитетот на укажувачот кој пријавува анонимно или доверливо, согласно со прописите за заштита на личните податоци и

- информирање на укажувачот кој е познат за преземените мерки во врска со пријавата без одлагање, а најдоцна во рок од 15 дена од денот на приемот на пријавата;

и тоа од во распон од 3.000 до 6.000 евра на во распон од 100 до 500 евра.

 

Со член 2 од предложениот закон, се менува членот 17 од Законот, со тоа што за прекршување на должноста за објавување односно правење внатрешните акти за заштитено пријавување да бидат јавно достапни (член 4 став (7)), се предлага утврдување на глоба за институциите односно правните лица во распон со градуирање според големината односно бројот на вработени на правното лице односно институцијата, и тоа наместо утврдената глоба во единствен распон од 2.000 до 4.000 евра во денарска противвредност, да се утврди глоба во износ од

-          250 до 500 евра за микро трговец со 10 вработени лица,

-          500 до 1.000 евра за мал трговец или институција со вработени 10 лица,

-          750 до 1.500 евра за среден трговец или институција со од 10 до 50 вработени лица,

-          1.000 до 2.000 евра за голем трговец или институција со повеќе од 50 вработени лица.

За истиот прекршок, се предлага и утврдување на единствен износ на глобата за одговорното лице во институцијата односно правното лице, и тоа наместо во износ од 30% од одмерената глоба за институцијата односно правното лице, да биде во распон  од 250 до 500 евра во денарска противвредност“.

 

Со предложениот член 3 се менува членот 18 од Законот за, наместо утврдената глоба во износ од 6.000 евра, да се утврди глоба во распон од 5.000 до 10.000 евра во денарска противвредност за прекршување на должноста на институциите односно правните лица до кои укажувачот извршил заштитено надворешно пријавување во рамките на своите надлежности да постапат по пријавата од укажувачот, да ги заштитат неговите лични податоци, односно податоците кои можат да го откријат неговиот идентитет и да го информираат укажувачот без одлагање, а најдоцна во рок од 15 дена од денот на приемот на пријавата (член 5 став (3)).

 

Со членот  4 од предложениот закон, се менува членот 19 од Законот,  со тоа што наместо глоба во износ од 3.000 до 6.000 евра во денарска противвредност, за прекршување на должноста (од членот 7 став (2) и (3)) за заштита на податоците за укажувачот, односно податоците врз основа на кои може да се открие неговиот идентитет, се предвидува глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност за овластено лице за прием на пријави од укажувачи или друго службено лице, а во износ од 250 евра во денарска противвредност за лице кое не е службено лице.

За истиот прекршок, наместо глоба во единствен распон и износ од 3.000 до 6.000 евра, се предвидува глоба за правните лица односно институциите градуирана според нивната големина, и тоа во износ од

-          1.000 евра за микро трговец со 10 вработени лица,

-          2.000  евра за мал трговец или институција со вработени 10 лица,

-          6.000 евра за среден  трговец или институција со од 10 до 50  вработени лица

-          10.000 евра за голем трговец или институција со повеќе од 50 вработени лица.

 

Со член 5 од предложениот закон се менува членот 20 од Законот, со тоа што за прекршување на должноста (од членот 9 став (2)) за правното лице, односно институцијата, без одлагање, а најдоцна во рок од осум дена, да постапи по барањата од институциите до кои е извршено заштитено надворешно пријавување, наместо глоба во износ од 6.000 евра во денарска противвредност, се предлага утврдување на глоба за институциите односно правните лица во распон со градуирање според големината односно бројот на вработени на правното лице односно институцијата, а во износ од

-          500 до 1.000 евра за микро трговец со 10 вработени лица,

-          до 2.000  евра за мал трговец или институција со вработени 10 лица,

-          3.000 до 6.000 евра за среден трговец или институција со од 10 до 50  вработени лица,

-          5.000 до 10.000 евра за голем трговец или институција со повеќе од 50 вработени лица.

За истиот прекршок, се предлага и утврдување на единствен износ на глобата за одговорното лице во институцијата односно правното лице, и тоа наместо во износ од 30% од одмерената глоба за институцијата односно правното лице, да биде во износ од 500 евра во денарска противвредност.

 

Со предложениот член 6 се менува членот 21 од Законот, со тоа што, наместо единствениот износ од 4.000 евра во денарска противвредност на глобата за прекршување на должноста (од член 15) за доставување на полугодишни извештаи за примени пријави од укажувачи, се предлага утврдување на распон на глобата во износ од 1.000 до 4.000 евра.

За истиот прекршок, се предлага и утврдување на единствен износ на глобата за одговорното лице во институцијата односно правното лице, и тоа наместо во износ од 30% од одмерената глоба за институцијата односно правното лице, да биде во износ од 500 евра во денарска противвредност.

 

Со предложениот член 7 се утврдува периодот по кој се предлага предложениот закон да влезе во сила.

 

 

II. МЕЃУСЕБНА ПОВРЗАНОСТ НА РЕШЕНИЈАТА СОДРЖАНИ ВО ПРЕДЛОЖЕНИТЕ ОДРЕДБИ

Со предложениот закон се врши усогласување на прекршочните одредби од Законот за заштита на укажувачи со одредбите од Законот за прекршоците.

 

            III. ПОСЛЕДИЦИ ШТО ЌЕ ПРОИЗЛЕЗАТ ОД ПРЕДЛОЖЕНИТЕ РЕШЕНИЈА

Ублажени прекршочни санкции за прекршување на должностите утврдени со Законот за заштита на укажувачи и изрекување на глобите за правните лица градуирано според нивната големина.

 

 

Одредби кои се менуваат:

 

Член 16

Глоба во износ од 3.000 до 6.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на овластеното лице за прием на пријави од укажувачи, односно на раководното лице во институцијата, односно правното лице доколку постапи спротивно на членот 4 став (4) од овој закон.

 

Член 17

(1) Глоба во износ од 2.000 до 4.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на институцијата, односно правното лице доколку постапи спротивно на членот 4 став (7) од овој закон.

(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за институцијата, односно правното лице ќе му се изрече и на одговорното лице во институцијата, односно правното лице за прекршокот од ставот (1) на овој член.

 

Член 18

Глоба  во износ  од    6.000  евра  во денарска  противвредност  ќе  му  се  изрече  на институцијата, односно правното лице доколку постапи спротивно на членот 5 став (3) од овој закон.

 

Член 19

Глоба во износ од 3.000 до 6.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на секое лице кое ќе постапи спротивно на членот 7 став (2) од овој закон.

 

Член 20

(1) Глоба во износ од 6.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на институцијата односно правното лице доколку постапи спротивно на членот 9 став (2) од овој закон.

(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за институцијата, односно правното лице ќе му се изрече и на одговорното лице во институцијата, односно правното лице за прекршокот од ставот (1) на овој член.

 

Член 21

(1) Глоба во износ од 4.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на институцијата, односно правното лице доколку постапи спротивно на членот 15 став (1) од овој закон.

(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за институцијата, односно правното лице ќе му се изрече и на одговорното лице во институцијата односно правното лице за прекршокот од ставот (1) на овој член.

 



[1] Трговците се класифицираат во големи, средни, мали и микро трговци, во зависност од бројот на вработените, годишниот приход и просечната вредност на вкупните средства полугодишните сметки во последните две години (пресметковни години).

За микро трговец се смета трговецот кој во секоја од последните две пресметковни години, односно во првата година од работењето ги задоволил следниве два критериуми: 1) просечниот број на вработените, врз основа на часови на работа да е до десет работници и 2) бруто приход остварен од трговецот од кој било извор да не надминува 50.000 ЕВРА во денарска противвредност.

Мал трговец е трговецот кој во секоја од последните две пресметковни години, односно во првата година од работењето ги задоволил најмалку два од можните три следни критериуми, и тоа: 1) просечниот број на вработените врз основа на часови на работа да е до 50 работници и 2) годишниот приход да е помал од 2.000.000 евра во денарска противвредност, или 3) просечната вредност (на почетокот и на крајот на пресметковната година) на вкупните средства (во активата) да е помала од 2.000.000 ЕВРА во денарска противвредност.

За среден трговец се смета трговецот кој во секоја од последните две пресметковни години, односно во првата година од работењето ги задоволил најмалку два од можните три следни критериуми, и тоа: 1) просечниот број на вработените врз основа на часови на работа да е до 250 работници и 2) годишниот приход да е помал од 10.000.000 ЕВРА во денарска противвредност или 3) просечната вредност (на почетокот и на крајот на пресметковната година) на вкупните средства (во активата) да е помала од 11.000.000 евра во денарска противвредност.

Трговците кои не се распоредуваат во мали или средни трговци стекнуваат статус на големи трговци.