Република Македонија

МИНИСТЕРСТВО ЗА ПРАВДА

ВЛАДИН АГЕНТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

 

 

 

 

 

 

ИНфОРМАЦИЈА

за

состојбата по предмети пред

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП)за 2006 година

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Скопје, март 2007

 

 

 

1.ВОВЕД

 

 

Република Македонија ја ратификуваше Европската Конвенција за човекови права и основни слободи на 10 април 1997 година. Првите жалби против државата, поднесувани од страна на нејзините граѓани започнаа да пристигнуваат кон крајот на 1999 година. 

 

Заклучно со 31.12.2006 година Владиниот агент на Република Македонија, постапувал по вкупно 76 предмети по поднесени жалби до Европскиот суд за човекови права, за наводни повреди на правата и слободите предвидени во Европската Конвенција за човекови права и основни слободи од страна на Република Македонија. Од нив 29 предмети се пристигнати во 2006 година.

 

 

 

   

 

 

 

 

Од споменатите 76 предмети, заклучно со 31.12.2006 година 27 од нив се завршени, а 49 остануваат во постапка пред Европскиот суд за човекови права. Од завршените 27 одлуките по 12 од нив пристигнаа во 2006 година.

    

Неопходно е да се укаже дека податокот за бројот од 76 предмети кои биле или сеуште се во постапка пред Европскиот суд за човекови права, заклучно со 31.12.2006 година, е релaтивен, од аспект на вкупниот и прецизен број на поднесени жалби против Република Македонија пред овој суд.

Ова се должи на следниве причини: Прво, Европскиот суд за човекови права го известува Владиниот Агент само за предметите по однос на поднесените жалби за кои судот оценил дека се допуштени; Второ, првите сознанија за предметите против Република Македонија, Владиниот агент ги добива во моментот кога Европскиот суд за човекови права, откако претходно ќе оцени дека жалбата е допуштена, истата ја доставува до Владиниот агент на Република Македонија, со барање Владата на Република Македонија да се произнесе по однос на прифатливоста и основаноста на жалбата. Овој факт претпоставува дека Владиниот агент, кој работи според процедурите на Европскиот суд, не може да располага со вкупниот и прецизен број на жалби кои се во тек пред Европскиот суд во периодот на поднесување на овој извештај, а кои потенцијално можат да бидат искомуницирани до Владата.

 

Статистичките податоци на Европскиот суд укажуваат дека во текот на 1998 година, против Република Македонија биле поднесени вкупно пет жалби, во 1999 година вкупно 31 жалба, во 2000 година 41 жалба, во 2001 година вкупно 59 жалби, во 2002 година биле поднесени вкупно 95 жалби, во 2003 година 148 жалби, во 2004 година 148 жалби, а во 2005 година 234 жалби. Според последниот годишен извештај на Европскиот суд за 2006 година, во текот на 2006 година биле поднесени 343 жалби против Република Македонија. Со тоа, вкупниот број на апликации поднесени од страна на македонските граѓани против Република Македонија изнесува околу 1.104 жалби, од кои околу 880 се регистрирани од страна на судот, и се, или биле, доставени до трочлениот Kомитет за прелиминарно одлучување по допуштеноста на жалбата, според член 28 од Конвенцијата.

 

 

 

            

 

 

Презентираните официјални бројки од страна на Европскиот суд за човекови права несомнено укажувааат на постојан драстичен пораст на жалбите кои граѓаните ги поднесуваат против Република Македонија пред Судот за човекови права, видливо и од приказите погоре.

Пораст бележи и бројот на жалбите кои пристигнуваат пред Владиниот агент. Имено, додека заклучно до декември 2005 година Владиниот агент постапи по 47 предмети (од кои 15 пристигнати во 2005 година), во 2006 се примени 29 нови предмети, со што е забележан пораст од 93 % во однос на вкупниот број на предмети доставени претходната година.

Во јануари 2006 година, исто така, беше одржана и една јавна расправа пред Европскиот суд за предмет против Република Македонија, и тоа во  случајот Јашар против Република Македонија. Со тоа бројот на вкупно одржаните расправи досега во предмети против Република Македонија, вклучувајќи ја и расправата  за  предметот Солаков во 2001 година, е само две расправи.

Следат неколку статистички податоци, со цел да се добие генерална слика за обемот на работа на Европскиот суд:

 

 

·         Во 2006 година во судот биле примени 50.500 апликации,

·         Биле донесени 1.560 пресуди, од кои 334 се однесуваат на Турција, 190 на Словенија, а 120 на Украина,

·         Биле одбиени или прогласени за недопуштени 28.160 апликации,

·         Заклучно со 31.12 2007 година, вкупно 89.887 апликации се во тек пред Европскиот суд. Од нив, околу 23.000 треба допрва да бидат алоцирани на соодветно одлучувачко тело (комитет или совет).  Од вкупниот број апликации, околу 20 % се насочени против Русија, околу 12% се однесуваат на Романија, а околу 10% на Турција. Од вкупниот број на апликации, против Република Македонија во тек се околу 726 предмети.

 

 

 

2. ЗАВРШЕНИ ПРЕДМЕТИ

 

 

 

Во текот на 2006 година се завршија 12 предмети против Република Македонија пред Европскиот суд, со што вкупниот број на завршени предмети изнесува 27 предмети.

Од 12–те завршени предмети пред Европскиот суд за човекови права, со седум пресуди е констатирана повреда од страна на Република Македонија по однос на човековите права, во еден предмет е донесена пресуда со која е констатирано дека нема повреда на правата загарантирани со Конвенцијата, а во преостанатите четири предмети, Европскиот суд донесе одлуки со кои жалбите ги прогласи за недопуштени.

 

 

               

 

 

Детални информации по однос на завршените предмети пред Европскиот суд, заедно со пресудите и одлуките веќе се доставени до Владата на Република Македонија и за истите од страна на Владата на Република Македонија се донесени следните заклучоци:

 

1.      Со Заклучок бр.19-2927/1 од 23.06.2006 година беше усвоена Информацијата за пресуди донесени во врска со следните предмети:

·         Милошевиќ против РМ ( парничен предмет) – предмет во кој со Пресуда од 20.04.2006 година беше констатирана повреда на правото за судење во разумен рок од член 6 став 1 од Конвенцијата и беше досудена сума од 2.000,- Евра за надомест на нематеријална штета. Во рокот определен од Европскиот суд, од страна Владата на Република Македонија, сумата на жалителот беше исплатена на 20.10 2006 година, .

·         Костески против РМ ( парничен предмет) – предмет во кој со Пресуда од 13.04.2006 година беше утврдено дека нема повреда на правото на слобода на вероисповест од член 9 од Конвенцијата и забраната за дискриминација од член 14 од Конвенцијата.

2.      Со Заклучок бр.19-4135/1 од 08.11.2006 година беше усвоена Информацијата за пресуди донесени во врска со следните предмети:

·         Костовска против РМ (парничен предмет) – предмет во кој со Пресуда од 15.06.2006 година беше констатирана повреда на правото за судење во разумен рок од член 6 став 1 и беше досуден правичен надомест од 3.100,- Евра, кој во претходно утврдениот рок, од страна на Владата на Република Македонија беше исплатен на жалителот, според одлука на Влада од 12.12 2006 год. а на 15.12 2006 година.

·         Ризова против РМ (парничен предмет) – во кој со Пресуда од 06.07.2006 година беше констатирано дека има повреда на член 6 став 1 од Конвенцијата, односно правото на судење во разумен рок и досуди износ од 2.000,- Евра, кој беше исплатен на жалителот на 12.12 2006 година.

·         Личков против РМ (парничен предмет) – во кој со Пресуда од 28.09.2006 година беше констатирана повреда на правото на судење во разумен рок и беше досуден износ од 500,- Евра за нематеријална штета. Пресудата на ден 28.12.2006 година стана конечна, така да исплатата на досудениот износ ќе се изврши во периодот што следи, а според заклучокот на Владата, со краен рок до 20.03 2007 година.

3.      Со Заклучок бр.19-6626/1 од 09.01.2007 година беше усвоена Информацијата за пресуди донесени во врска со следните предмети:

·         Арсов против РМ (парничен предмет) – во кој со Пресуда од 19.10.2006 беше aконстатирана повреда на правото за судење во разумен рок и беше досуден износ од 2.200,- Евра за нематеријална штета и трошоци.

·         Маркоски против РМ (парничен предмет) – предмет во кој од страна на Европскиот суд со Пресуда од 02.11.2006 година  беше констатирана повреда на правото на судење во разумен рок и му досудил износ од 700,- Евра за нематеријална штета и трошоци.

·         МЗТ Леарница АД против РМ (парничен предмет) – во кој со Пресуда од 30.11.2006 година беше констатирана повреда на правото на судење во разумен рок и беше досуден надомест на нематеријална штета во износ од 4.000,- Евра.

 

Последните три пресуди сеуште не се конечни, но по конечноста на пресудите, од страна на Владата на Република Македонија, досудениот надомест  во утврдениот рок, ќе им биде исплатен на жалителите.

 

 

Оттука, може да се заклучи дека Република Македонија заклучно со 31.12 2006 година, имала обврска за исплати на име отштета врз основа на повреда на правата согласно Конвенцијата во вкупна висина од  14. 500 евра. Доколку овој износ се според со средствата побарувани од страна на жалителите, а особено доколку се констатираат износите побарувани во случаите каде од страна на судот е донесена конечна одлука за недопуштеност, може да се констатира дека постои значителна разлика помеѓу висината на побаруваните, наспроти висината на досудените износи. Овој факт е видлив од табелата наведена подолу, а говори во прилог на заклучокот во делот 5 од овој извештај, во поглед на тоа дека за жалителите од Република Македонија пред Европскиот суд од првостепено значење е финансискиот исход на поднесувањето на апликација пред судот.

Во 2006 година Европскиот суд донел 4 (четири) конечни одлуки за недопуштеност на жалбата и тоа по предметите: Дабиќ, Лимковски, Мартиновска и Милтеновиќ.

 

 

 

3. ПРЕДМЕТИ  ВО ТЕК

 

Анализата на предметите комуницирани досега до Владиниот агент укажуваат на тоа дека најголемиот број на жалби пред Судот се однесуваат на граѓанските предмети.

 

 

              

Заклучно со 31.12.2006 година, кај Владиниот агент се водат 49 предмети, кои се сеуште во постапка пред Европскиот суд за човекови права. Во врска со овие предмети, Владиниот Агент има изготвено писмени обсервации и/или дополнителни поднесоци по различни основи.

Структурата на тековните предмети го следи генералниот тренд на застапеност така да и понатаму најголем број од активните предмети се по жалби се за наводни на повреди сторени во граѓанска постапка, што ја опфаќа и извршната постапка.

 

 

                    

Најголем број на предмети кои се во тек пред Европскиот суд, 70%, односно 34 од вкупно 49 активни предмети, се од сферата на граѓанското право. Десет од вкупно 49-те активни предмети, односно 20% се од сферата на кривичното право. Само 10%, односно пет 5 од вкупно 49-те активни предмети, се од сферата на управното право.

 

 

 

4. ИЗВРШУВАЊЕ НА ПРЕСУДИТЕ НА ЕВРОПСКИОТ СУД

 

 

Извршувањето на пресудите на Европскиот суд е регулирано со членот 44 од Европската конвенција за човекови права и основни слободи. Оттука, пресудата станува конечна кога странките ќе изјават дека нема да бараат нивниот предмет да биде разгледан пред Големиот судски совет или три месеци по денот на донесување на пресудата, доколку не се побарало предметот да биде разгледан од страна на Големиот судски совет, како и доколку Големиот судски совет го одбие барањето.

Според член 46 од Конвенцијата, високите договорни страни се обврзуваат дека ќе се придржуваат кон конечните пресуди на Судот, во сите предмети во кои тие се страни на спорот. Конечната пресуда на Судот ќе се достави до Комитетот на министрите, кој го надгледува нејзиното извршување. Комитетот на министри одржува сесии два пати во годината, посветени исклучиво на контрола врз извршувањето на пресудите на Европскиот суд од страна на државите-членки. Освен тоа, едни од клучните точки во плановите за реформа на судскиот систем и подобрувањето на неговата ефикасност се и мерките кои треба да се преземат во поглед на поефикасното извршување на судските пресуди ( дел 5 од овој извештај).

 

 

4.1 Индивидуални мерки за извршување на пресудите

 

По добивањето на известување од страна на Судот дека е донесена пресуда по предмет против Република Македонија, и по објавувањето на пресудата, Владиниот агент за истата со информација ја известува Владата на Република Македонија. Владиниот агент ја известува Владата и за конечноста на пресудите, со оглед на фактот дека од тој датум започнува да тече рокот од три месеци за евентуалната исплата на паричната отштета, доколку е таква доделена заради повреда на правата според Конвенцијата.

Индивидуалните мерки може да се групираат во две подгрупи: фискални - односно исплата на парични средства, доколку такви се досудени, и поединечни правни мерки, што подразбира можност на жалителот во рамки на домашниот правен систем да ја исправи неправдата која била основ за поднесување на жалбата пред Европскиот суд (тоа најчесто значи можност за повторување или обновување на постапките пред домашните судови)

 

За извршувањето на пресудите, двапати годишно, на посебни сесии се известува Комитетот на министри при Советот на Европа, а од страна на Министерството за надворешни работи на Република Македонија.

 

 

 

 

 

 

4.2. Генерални мерки за извршување на пресудите

 

 

 

 

 

       Во случај кога Европскиот суд со серија пресуди констатира иста или слична повреда на одредени права загарантирани со Конвенцијата од страна на државата, истата е должна да преземе и т.н. генерални мерки, со цел отклонување на евентуалните системски пречки, за кои се смета дека доведуваат до повреда на правата на граѓаните согласно Конвенцијата.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

За Република Македонија, иако сеуште не е донесена т.н. пилот-пресуда, со која се констатираат системски проблеми кои доведуваат до повреда на одредено право, таква специфика може да се лоцира во повредите на правата од членот 6 став 1 од Конвенцијата, со посебен акцент на правото на судење во разумен рок. [1]

Со оглед на фактот дека околу 90% од комуницираните предмети до Владиниот агент, 70 % од сите досега изречени пресуди спрема Република Македонија, односно 87 % од пресудите донесени во 2006 година се однесуваат токму на повреда на правото на судење во разумен рок, многу пред донесувањето на првите пресуди на Европскиот суд, Владиниот агент анализирајќи ги слабостите на процедуралните закони низ годините, го лоцираше овој проблем и предлагаше цела низа на мерки со кои би се надминал овој проблем.

Така во изминатиов период на предлог на Владата на Република Македонија, Собранието усвои низа генерални мерки, за кои, со тек на нивната примена, легитимно се очекува да доведат до намалување на повредата на ова право, и соодветно, намалување на бројот на апликациите пред Европскиот суд, а во врска со членот 6 став 1 од Конвенцијата.[2]

Имено , во 2005 година, пред донесувањето на првите пресуди на Европскиот суд за повреда на правото на судење во разумен рок од страна на Република Македонија, се донесоа низа процесни закони, и тоа Законот за парнична постапка (Службен весник на Република Македонија бр. 79/05) и Законот за  кривична постапка (Службен весник на Република Македонија бр.15/05), Законот за општа управна постапка (Службен весник на Република Македонија бр.38/05), Законот за управни спорови (Службен весник на Република Македонија бр. 62/06), Законот за извршување (Службен весник на Република Македонија бр. 35/05, 50/06 и 129/06), Законот за судови (Службен весник на Република Македонија бр. 58/06).

 

При подготвителните анализи во врска со изработката на овие закони беше констатирано дека домашната легислатива, со цел да обезбеди фер судење на странките и утврдување на материјалната вистина по секоја цена, овозможуваше бројни процесни права за секоја од странките. Истите создаваа системски проблеми кои неминовно имаа свое влијание, меѓудругото, и врз должината на судските постапки. Оттука, акцентот на измените во процесните закони беше ставен на зголемувањето на ефикасноста и намалувањето на времетраењето на постапките.

Со Законот за парнична постапка и Законот за кривична постапка создадена е можност за повторување на постапката пред домашните судови во случај на пресуда на Европскиот суд со која е констатирана повреда на човековите права и слободи.

Преземени се и генерални мерки во поглед на системско пресретнување на проблемот со бавното извршување на судските одлуки. Застојот во поглед на извршувањето на судските одлуки од своја страна се одразуваше и врз бавната реализација на правата на граѓаните. Констатирано беше дека главната причина лежи во несоодветните решенија на Законот за извршна постапка. Владата , увидувајќи ја таквата состојба, донесе нов Закон за извршување. Согласно новиот закон, а со цел да се надмине апсурдната ситуација на двојна судска постапка во процесот на извршување на судските одлуки, еднаш донесената правосилна судска одлука веднаш станува извршна исправа која доверителите ја поднесуваат на извршување кај приватните извршители, надвот од системот на судството, кои се должни без никакви одложувања да ја спроведат одлуката на судот, за која цел имаат и посебни јавни овластувања. Според новиот закон, не постојат никакви можности за одолговлекување на извршувањето преку користење на правни лекови од страна на должниците со кои би се оспорувала суштината на одлуките донесени во парнична постапка.

Се цени дека во догледна иднина новиот Закон за извршување во голема мера ќе ја зголеми ефикасноста во овој сегмент. Оваа определба е сосема во согласност со ставот на Европскиот суд, повеќепати повторуван во неговата пракса, според кој извршувањето е интегрален дел од една судска постапка и не може да се разгледува одвоено, односно дека  “ членот 6 став 1 од Конвенцијата подразбира дека сите фази од судската постапка за “определување на ...граѓанските права и обврски“ не исклучувајќи ги фазите по донесувањето на мериторна пресуда, треба да се разрешат во разумен рок (Silva Pontes v. Portugal пресуда од 23 март 1994, §§ 33–36; Di Pede v. Italy and Zappia v. Italy пресуди од 26 септември 1996, §§ 24 и 20, Hornsby v. Greece пресуда of 19 март 1997, § 40).

Со цел да се имплементира препораката на Комитетот на министри за зголемување на ефикасноста во поглед на подобрувањето на националните правни лекови со кои ќе се овозможи директна заштита на граѓаните , со новиот Закон за судови, кој ќе започне да се применува од мај 2007 година, утврдено е и ново правно средство, односно постапка со која граѓаните можат да бараат директна заштита на правото на судење во разумен рок пред домашните судови.

 

Сето горенаведено упатува на заклучок дека во Република Македонија се преземаат и генерални мерки со цел првенствено превенција во поглед на повредата на правата согласно Европската конвенција, а особено на правото за кое од досегашното искуство се потврдува дека  се поднесуваат најголем број на апликации пред Европскиот суд во однос на Македонија- правото на судење во разумен рок. Сепак, со оглед на релативно неодамнешното стапување во сила на новите закони од погоре, Владиниот агент е на став дека треба да се остави простор за нивна целосна ефектуализација во пракса. Ова особено се однесува за процесните можности по донесена пресуда на Европскиот суд, за што прва премиса е постоењето на таква пресуда. Едновремено, Владиниот агент е на став дека, со целосна имплементација на новото правно средство елаборирано погоре, кое ќе им биде ставено на располагање на граѓаните со Законот за судови, постапно, но значително ќе се минимизира системскиот проблем по однос на судењето во разумен рок. Се разбира, сето горенаведено е можно да се разгледува само во контекст на целокупниот пакет реформи на правосудниот систем во Република Македонија.

 

 

5.  СТРУКТУРА И КАРАКТЕРИСТИКИ НА ЖАЛБИТЕ ПРОТИВ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ПРЕД ЕВРОПСКИОТ СУД

 

Статистичките податоци за регистрирани жалби поднесени против Република Македонија (1104 според последните податоци) пред Европскиот суд и 76 комуницирани предмети (од кои што 2 во 1999г., 4 во 2000 г., 5 во 2001 г.,10 во 2002 г., 11 во 2004 г. , 15 во 2005 г. и 29 во 2006 г.) преку Владиниот Агент, а до Владата на Република Македонија, укажуваат на огромна диспропорција.

Диспропорцијата се однесува на разликата во бројот на поднесените жалби во однос на оние кои, по прелиминарното испитување на допуштеноста, се комуницираат до Владата. Жалбите се отфрлаат како недопуштени најчесто поради неисполнување на некој од формалните критериуми за допуштеност на жалба, утврдени со Конвенцијата, или пак поради очигледната неоснованост, што е предмет на оценка на Судот за секој поединечен случај. Овој тренд бележи нагорна линија и по оцена на Владиниот агент, најмногу се должи на недоволната информираност кај граѓаните во поглед на обемот на надлежности и процедурите пред Европскиот суд, но и на недоволното познавање на Конвенцијата кај правничката јавност во Република Македонија.

 

При изготвување на обсервациите како одбрана на  Владата, Европскиот суд бара произнесување и по допуштеноста и по основаноста на жалбените наводи. Во голем број на случаи, при изготвувањето на обсерваците од страна на канцеларијата на Владиниот агент, жалбите и во оваа фаза од постапката пред Европскиот суд, од страна на Владата се оценуваат за недопуштени .  

 

Ваквата констатација се потврдува и со анализа на жалбите комуницирани до Владата на произнесување. Подносителите на жалбите, како и нивните застапници пред Европскиот суд од редот на адвокатската професија сеуште сметаат дека Европскиот суд за човекови права претставува касационен суд во однос на домашното судство. Македонските жалители сеуште имаат перцепција за Европскиот суд како за четврта инстанца и бараат од него да се впушта во ценење и изведување на докази кои биле дел од домашните судски постапки. Во жалбите наместо да се држат на конкретни повреди сторени од домашните органи врз правата и слободите загарантирани со Конвенцијата, жалителите бараат и предлагаат Европскиот суд да цени и изведува докази кои повеќе пати биле предлагани и ценети од домашните судови. Од Европскиот суд се бара да се впушта во мериторно одлучени предмети најчесто од граѓанската сфера, да расчистува имотно правни односи, меѓи и слично. Според судската пракса на Европскиот суд[3], неговата функција не е да се занимава со погрешно утврдени факти, или пак наводно погрешна примена на материјалното право од страна на домашните судови, освен и само доколку тие може да ги загрозат правата и слободите загарантирани со Конвенцијата (Shenk v. Switzerland 12,July 1988, Series A.140  p.29 and 45). Токму по овој основ неприкосновено најголем е бројот на жалбите од македонските граѓани кои Европскиот суд за човекови права веднаш ги прогласува за недопуштени, без притоа за истите да ја извести Владата на Република Македонија. Во одреден број предмети, пак, Судот ја прогласува за недопуштена жалбата во претежниот дел, а останува да одлучува само за едно или две права загарантирани со Конвенцијата.

 

Перцепцијата на македонските апликанти за Европскиот суд како за четврта инстанца е особено видлива во делот на побарувањето за правична отштета, кое жалителите го подигнуваат уште со самото поднесување на апликација пред Европскиот суд, а и по поднесувањето на писмени обсервации од страна на Владата, во кој стадиум Владата, според правилата на судот, посебно се произнесува за евентуалните подигнати барања за материјална и/или нематеријална штета, како и трошоци во постапката. Во најголем дел од случаите Апликантите од Европскиот суд бараат да ја пресуди онаа финансиска отштета која соодветствува на сумите за кои тие сметаат дека им биле ускратени во текот на постапката пред домашните судови. Сепак, Европскиот суд никогаш не се впушта во преоценување на одлуките на домашните органи, туку секогаш се задржува само на утврдување дали во постапките е повредено одредено право согласно Конвенцијата.  Оттука , евентуалната сума што судот ќе ја одреди како надомест за правична отштета, секогаш ќе се однесува на отштета заради повредување на правата на жалителите, а не за нивна отштета од исходот од домашните постапки. Впрочем, и согласно праксата на Европскиот суд, целта на институтот правична отштета, така како што е дефиниран и разработен според членот 41 од Конвенцијата[4], не е збогатување на жалителите кои ќе го добијат спорот против државата, туку  неговата улога е да ги направи стандардите во областа на човековите права јавни и обврзувачки. Со други зборови, овие стандарди не се неизбежно и исклучиво врзани со лукративниот аспект од апликацијата пред Европскиот суд – напротив, овој рестриктивен пристап супстанциелно ги намалува истите.     

 

Во прилог на гореизнесените заклучоци , следи и табела со досудените отштети во пресудите пртив Македонија во кои е утврдена повреда на Конвенцијата, од која е јасно видлива разликата помеѓу сумите кои жалителите пред Европскиот суд ги побаруваат на име материјална и  нематеријална отштета и трошоци , и сумите кои Европскиот суд, доколку утврди повреди, ги досудува по тој основ.

 

 

 

БАРАЊА ЗА ОТШТЕТА ВО ПРЕДМЕТИТЕ ЗАВРШЕНИ СО ПРЕСУДА во периодот 1999 - 31.12 2006

 

 

Предмет

 

барана отштета

досудена отштета

 

материјална

нематеријална

Трошоци

материјална

нематеријална

трошоци

Џидровски

 

70-100.000 ДМ

1000 ДМ

0

0

0

Веселински

 

 

 

0

0

0

Јанева

 150 000 ДМ

 150.000 евра

 

Пријателска спогодба 77.000 евра

0

0

Атанасовиќ

96.653,56 евра

 

 

0

0

0

Костовска

 

40.000 евра

6000 евра

 

1600 евра

1500 евра

Думановски

3000 евра

100.000 евра

 

0

0

0

Милошевиќ

Правична 100.000 евра

 

 

0

2000 евра

0

Личков

 

200.000 евра

 

500 евра

 

 

Ризова

50 000 евра

50 000 евра

 

0

2000 евра

0

Арсов

 

50 000 евра

5 000 евра

0

1 600 евра

600 евра

Марковски

12 222 евра

50 000 евра

1 897 евра

0

500 евра

200 евра

МЗТ Леарница

20.668,56 долари со камата од 1991 г. до исплата

 

153.840 ден.

0

4 000 евра

0

Солаков

44100 ден. и 75 долари за секој ден притвор

 

генерално барање

0

0

0

Костески

генерално барање

50 000

генерално барање

0

0

0

 

 

 

Жалителите пред Европскиот суд најчесто покренуваат апликација за наводна повреда на повеќе права по повеќе членови согласно Европската конвенција. По прелиминарното испитување на допуштеноста на жалбата, а доколку Судот реши да ја комуницира истата до Владиниот агент на понатамошно постапување, Судот поставува прашања до Владата за кои оценил дека се битни при донесувањето на конечната одлука во постапката. Оттука, во пракса, судот не ги зема во предвид, и не е ограничен со наводите на Апликантите во однос на испитувањето кои права според Конвенцијата биле прекршени. Сепак, според Владиниот агент, наводите на апликантите за членовите по кои се тврди повреда претставуваат битен индикатор околу тоа во кои области македонските граѓани сметаат дека им се повредуваат човековите права.

 

 

 

 

Како што може да се види од прикажаните податоци, најчесто пред Европскиот суд се актуелизира правото на правично судење-членот 6 од Конвенцијата, кој е засегнат во најголемиот дел од жалбите, и генерално во сите комуницирани предмети, а и во 2006 година. Овој податок не треба да изненадува, ако се има предвид дека анализата на предметите пред Европскиот суд укажува на истоветен тренд и дека членот 6 е застапен во повеќе од 50% од жалбите поднесени пред Судот.

 

 

Податоците за предметите пристигнати во 2006 година укажуваат дека во 27 од 29 пристигнати предмети се работи за жалба по основ на членот 6, став 1 – најчесто во делот за судење во разумен рок, но и во различни аспекти на правичното судење (правото на пристап до суд, еднаквост на оружја и право на преведувач во постапката). Само два случаи пристигнати во 2006 се  жалби по други основи, и тоа по членот 8 (право на почитување на семејниот и приватниот живот) и членот 5 став 1(д) од Конвенцијата (правото на слобода и сигурност на ментално оболено лице).

 

Постои една специфика по однос на структурата на жалбите кои се повикуваат на повреди на членот 6. Во предметите од граѓанската и управната сфера, жалителите во најголем број на случаи се повикуваат на повреда на правата загарантирани со ставот 1 и тоа првата реченица, во оној дел кој се однесува на судење во разумен рок. Тоа пак воопшто не е случај со предметите од кривичната сфера кои пак се повикуваат на повреда на правата исто така од став 1, но во оној дел кој се однесува на еднаквост на оружјата на странките и на условите под кои се одвива постапката, како и на правото на непристрасен и независен суд, а секако и на ставот 3 од истиот член кој пак исклучиво се однесува на правата загарантирани во кривичните постапки.

 

 

            

 

Алармантен е податокот дека во предметите во кои е актуелизиран членот 6 став 1- судењето во разумен рок, констатирано е дека навистина станува збор за граѓански, извршни или управни постапки со времетраење од повеќе години, а често и децении. Генерално, главниот проблем може да се лоцира во неколкукратното враќање на предметите пред првостепените судови, и тоа како по основ на жалба, така и по основ на вонредни правни лекови, ревизија или барање за заштита на законитост.

 

Како специфика на предметите по кои е постапувано во 2006 година се јавуваат и предмети по кои, од непознати или недоволно аргументирани причини, судовите во сите три инстанци не постапувале, односно не преземале никакви процесни дејствија по три и повеќе години. Во 2006 година е значително зголемен бројот на граѓанските предмети, кај кои апликацијата се однесува на извршната постапка – околу осум од апликациите пристигнати во 2006 година.

 

6. ОБИДИ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЕФИКАСНОСТА НА ЕВРОПСКИОТ СУД ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА

 

            Континуираниот пораст на предметите не се однесува само на Република Македонија, туку тоа е генерален тренд кој се одразува и на работата на Европскиот Суд за човекови права и кој се очекува да трае и во наредните години.  Ваквиот тренд на зголемување на бројот на жалбите пред Европскиот суд доведе до огромен застој на работата на Судот, заради што Советот на Европа преку своите органи (Комитетот на Министри) усвои сеопфатен пакет од мерки за реформа на системот на Конвенцијата за човекови права, неопходни за зачувување на системот за во иднина.

 

            Со усвојувањето и отварањето за потпишување на Протоколот 14 се извршија значајни измени во начинот и организацијата на работата на Европскиот суд, а особено во контекст на најголемиот проблем со кој истиот се соочува- имено енормниот број на предмети и невозможноста да се постапува по истите во разумен рок со оглед на техничките, организациони и кадровски капацитети на судот. За влегување во сила на Протоколот 14, потребна е ратификација на истиот од страна на сите држави-членки на Советот на Европа. До крајот на  2006 година, остана уште една држава-членка на Советот на Европа која не го ратификувала истиот – Русија.

 

            Иако проценките се дека со помош на Протоколот бр. 14 полесно ќе се постапува по одреден вид на апликации, сепак истиот не го решава континуираниот зголемен прилив на нови апликации. Проценките на Судот се дека прво, потребно е изминување на одреден период по операционализацијата на Протоколот 14 за да се увиди неговото функционирање во пркаса, и второ, дека истиот не го решава трајно проблемот со блокадата на судот поради постојаното пристигнување на нови предмети. Всушност, процените се дека со овој протокол, зголемувањето на продуктивноста на судот би било 20 %.

 

            Од тие причини, на Самитот на шефови на држави и влади при советот на Европа во мај 2005 година во Варшава, беше одлучено да се формира т.н. Група на мудри, составена од еминентни европски правници, а чија задача би била да предложат мерки кои би ја осигурале понатамошната ефикасно на системот на Европскиот суд.

 

            Во декември 2006 година Групата на мудри го презентираше својот извештај пред Комитетот на министри. Следат накратко нивните препораки за зголемување на ефикасноста на работата на Европскиот суд:

 

Ø      Отварање на национални канцеларии на судот, со цел обезбедување на поцелосни информации за потенцијалните жалители по однос на критериумите за допуштеност на жалбите, како и исцрпувањето на домашните правни и не-правни средства. Ова со оглед на фактот дека околу 90% од сите жалби пред судот се прогласуваат за недопуштени.

Ø      Создавање на посебно тело – т.н. Судски комитет, кое ќе има улога на филтер за апликациите по однос на нивната допуштеност или очигледна неоснованост, пред истите да бидат разгледувани од страна на судот.

Ø      Пошироко распространување и признавање на авторитетот на т.н. “принципиелни пресуди“ и надвор од странките за кои истите се обврзувачки.

Ø      Пристапност до пресудите на судот за националните судски и административни органи, со цел помош при идентификација на оние пресуди на судот кои би можеле да им бидат од корист за решавање на случите пред нив. Според Групата на мудри, трошоците за превод, издавање и дисеминација на пресудите треба да бидат на товар на државите- членки.

Ø      Во однос на националните судии, Групата на мудри силно препорачува понатамошни обуки на националните судии, како и разгледување на можноста за развивање на механизам по кој националните судови би можеле да му се обраќаат на Европскиот суд за советодавни мислења по однос на правни прашања поврзни со интерпретација на Конвенцијата, со основна идеја поттик на “дијалогот“ помеѓу судовите и јакнење на “конституционалната“ улога на Европскиот суд.

Ø      Реформи во однос на членот 41 од Конвенцијата, кој се однесува на доделување на правична отштета на жалителите. Имено, Групата на мудри смета дека, согласно основниот принцип на субсидијарност, според кој државите се примарно одговорни за заштитата на човековите права, предлага одлуката за висината на отштетата, во случај на повреда, да се остави на засегнатата држава. Оваа надлежност би требала да се извршува од страна на посбно тело, а согласно праксата на судот, со тоа што прво, на жртвата ќе и биде оставено правото да се жали до судот доколку смета дека националното тело не ја одредило правичната отштета согласно утврдените критериуми и второ, судот (и Судскиот комитет кој се предлага) ќе ја имаат можноста за исклучок од ова правило, во смисла тие да ја одредуваат сумата кога тоа ќе се смета за неопходно со цел ефикасна заштита на човековите права, или кога истото е прашање на итност.

Ø      Зголемени напори за постигнување на што е можно поголем број на пријателски спогодби помеѓу жалителите и односните тужени држави, по пат на медијација. Ова е поврзано со зголемената улога која, според Групата на мудри, треба да ја има Комесарот за човекови права, кој помеѓу останатото, треба активно да реагира при објавата на пресуди во кои е констатирана сериозна повреда на човековите права, како и да промовира основање на тела кои ќе се бават со медијација на национално ниво.

Ø       Постигнување на поголема флексибилност на судскиот систем, преку воспоставување на механизам со кој Комитетот на министри ќе има овластување да спроведува реформи по пат на усвојување на едногласни резолуции, а без интервенција во текстот на Конвенцијата, со што и супстанцијалните права според истата би останале непроменети.

Ø       Со оглед на фактот дека должината на постапките пред домашните органи е еден од основните извори на покренување постапка пред Европскиот суд, се препорачува измена на текстот на Кнвенцијата во насока на наметнување експлицитна обврска на државите-договорни страни да воведат домашни правни механизми за обесштетување во случај на било каква повреда на правата од Конвенцијата, а особено во случаите кои се резултат на структурни или генерални  недостатоци во законодавството или праксата во односната држава.

 

            Со оглед на фактот дека овој извештај е сеуште на ниво на работен документ, горенаведените препораки во оваа фаза претставуваат само насоки во кои се очекува да се движат реформите во работата на Европскиот суд во догледна иднина. Сепак, во интерес на Република Македонија е да го следи развојот во оваа смисла.

 

 

7. ПРОБЛЕМИ СО КОИ СЕ СООЧУВАШЕ  ВЛАДИНИОТ АГЕНТ ПРИ ИЗВРШУВАЊЕТО НА ФУНКЦИЈАТА

 

 

Владата во текот на изминатите години повеќепати, беше информирана за работата на Владиниот агент и за проблемите од организационен тип со кои тој се сретнуваше при вршењето на функцијата. Беше укажувано дека неекипираноста на Одделението за подршка на работата на Владиниот агент, доведува до опасност за сериозни и далекусежни последици (во смисла на неможност за справување со предметите, а не станува ниту збор за извршување на другите функции кои што тој би требал да ги врши и кои се многу посериозни -ценење на компатибилност на легислатива и сл.) за целата држава и тоа како политички така и фискални.

 

За таа цел Владата на 15.12.2005 година донесе Заклучок со кој што се одреди од Фондот за зајакнување на капацитетите на Администрацијата да се определат лица за кадровско екипирање на Владиниот агент и создавање на трајни услови за ефикасно извршување на функцијата Владин Агент пред Европскиот суд за човекови права. Вака утврдената обврска Владата во текот на 2006 година ја реализираше, и најпосле Одделението за подршка на Владиниот агент при Министерството за правда се екипираше со 3 лица-кадри способни да одговорат на сериозните работни задачи кои стојат пред нив.

За одбележување е дека ова се случи во последниот момент со оглед на огромниот прилив на предмети кој се случи во 2006 година и бележи 100% пораст во однос на 2005 година, и чиј тренд сигурно ќе биде запазен и во текот на 2007 година. Доколку ова не се случеше функцијата на одбрана на државата пред Европскиот суд за ќе беше во сериозна опасност од неможност на реализација.

Исто така, во 2006 година Владиниот агент за првпат постапуваше по три жалби во врска со предмети пред домашните судови, за кои при подготвувањето на одбраната се констатира дека се архивирани, уништени или изгубени. Доколку во понатамошниот период се појават и други предмети со сличен исход, се остава простор за детектирање на проблем, кој од една страна укажува на сериозните организациони недостатоци на судскиот систем во Република Македонија, а од друга неминовно ќе се одрази и врз сериозноста и тежината на пресудите на Европскиот суд по случаите чии предмети (судски списи) се со таква завршница во националната постапка. 

 

Во текот на 2006 година Владиниот агент спроведе и постапка за комуницирање на сите домашни судови чии предмети се актуелизирани пред Судот во Стразбур, со цел да ги ажурира податоците по предметите во Судот и при тоа се дојде до поразителни резултати: предметите со години остануваат активни пред домашните судови заглавени во некоја од инстанциите, првостепени пресуди не се донесени и по неколку децениски постапувања, комуникацијата со органите на управата (компарирана со судството) е отежната и често останува без никаков одговор и слично. 

 

 

 

8. ЗАВРШНИ СОГЛЕДУВАЊА

 

 

 

Очекуваниот прилив на предмети најавуван во измината година се случи и забележан е 100% пораст на нови предмети комуницирани до Владата на Република Македонија .

 

Структурата на поднесените жалби пред Европскиот суд во текот на 2006 година го следи трендот на претходните години па и натаму најголемиот број на предмети (70%) се однесуваат на предмети од граѓанската сфера.  

 

Очекувањата искажани во текот на 2005 година дека ќе започнат да пристигнуваат пресуди со констатирани повреди на правото за судење во разумен рок, се реализираа. Од сите донесени пресуди во 2006 година 87% се токму заради неразумниот рок на постапување пред домашните судови. Ако кон тоа се додадат и 13% пресуди кои се однесуваат на констатираната повреда на членот 13 од Конвенцијата(немањето на ефикасно правно средство за заштита на правото за судење во разумен рок), тогаш е јасно дека процентот на засегнатост на правото за судење во разумен рок, изнесува 100%   

 

Во 2006 година за прв пат, сметано од 1999 година, започнаа да пристигнуваат пресуди во кои освен констатирањето на повреди на правата од Конвенцијата, Судот започна да досудува и правичен надомест како обесштетување, но во износи далеку помали од оние кои ги предјавуваат апликантите-жалителите. Засега извршувањето на пресудите на Европскиот суд тече без никаков проблем и исплатите на досудените средства се вршат во роковите определени од Судот.

 

Добро е што укажувањата на Владиниот Агент низ годините наназад имаа ефект па Владата предложи, а Собранието на Република Македонија правовремено, многу пред пристигнувањето на првите пресуди со констатирани повреди, донесе низа на процесни закони за надминување на хроничниот проблем со бавни постапки пред домашните судови. Останува да се следи имплементацијата на донесените закони со цел да се констатира дека бројните реформски зафати во сферата на правосудството придонеле за надминување на констатираните системски проблеми и превенција од повреди на човековите слободи и права во сферата на разумен рок на постапување.

 

Анализата на предметите во работа кои се од кривичната сфера дијагностицира одредени проблеми во Законите кои ја регулираат кривичната постапка и работата  на јавниот обвинител. Имено во неколку предмети се констатираат истоветни проблеми на непревземање на никакви истражни мерки по прием на кривични пријави заради тортура, против нн сторители припадници на МВР. Не се превземаат никакви чекори за идентификација на лицата од страна на МВР, а затајува и меѓусебната комуникација на МВР со Јавното обвинителство. Неактивноста пак на јавниот обвинител го спречува оштетениот да поведе постапка како субсидијарен тужител и му го попречува правото за пристап до надлежниот суд. Едновремено, недостатокот од било каква истрага во врска со наводите на жалителот дека бил предмет на нечовечко и деградирачко однесување од страна на полицијата за време на приведувањето, неминовно резултира со утврдување на повреда на член 3 од Конвенцијата (забрана на тортура). Потребно е анализирање на законите (ЗКП, Законот за полиција, Законот за јавното обвинителство) како и подзаконските акти кои произлегуваат од нив и кои ја регулираат оваа сфера со цел да се надминат проблемите.

 

Лоциран е уште еден евентуален проблем во предметите од кривичната сфера и тоа по однос на постапката за изрекување и праксата за преиспитување на мерката за безбедност  “задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа“ што може да резултира со констатирање на повреда на правото слобода и безбедност предвидено во член 5 од Европската Конвенција за човекови права (предмет Стојановски). Проблемот е во недореченоста на ЗКП во тој дел, операционализација на законските одредби и комуникацијата на судот со психијатриските болници.

 

Исто така, во 2006 година Владиниот агент за првпат постапуваше по три жалби во врска со предмети пред домашните судови, за кои при подготвувањето на одбраната се констатира дека се архивирани, уништени или изгубени. Доколку во понатамошниот период се појават и други предмети со сличен исход, се остава простор за детектирање на проблем, кој од една страна укажува на сериозните организациони недостатоци на судскиот систем во Република Македонија, а од друга неминовно ќе се одрази и врз сериозноста и тежината на пресудите на Европскиот суд по случаите чии предмети (судски списи) се со таква завршница во националната постапка.