Предлозите на ВМРО – ДПМНЕ значат блокирање на целото Јавно обвинителство со цел згаснување и застарување на случаите

01.08.2019 Новости-М

Денеска во Министерството за правда се одржа нова средба за Предлог-законот за Јавното обвинителство помеѓу министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска, советникот на премиерот Бојан Маричиќ, пратеничката на НСДП Соња Мираковска и претставниците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ - Антонио Милошоски и Панче Тошковски.
 
Барањата на опозицијата се во насока на блокирање на целото Јавно обвинителство, демонтирање на СЈО и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, бришење на надлежности на новото Јавно обвинителство за конење на организиран криминал и висока корупција, се со цел да се дојде до блокирање, застарување или целосен прекин на одредени случаи и судски постапки.

Во прилог ја пренесуваме интегрално изјавата на министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска, како и одговорите на новинарските прашања:

- Денеска отворивме точки каде реално имаме крупни разлики со ВМРО-ДПМНЕ и затоа за жал не можевме да постигнеме одреден напредок во денешните разговори. Разговаравме претежно за точките што се разликуваат со нивниот Предлог-закон, со оној кој е поднесен во Собранието.
 
За жал одредени решенија коишто многу лесно го карактеризираат нивниот закон како ретрограден и сталинистички, беа позициите на коишто тие останаа во текот на денешните разговори.
 
Една од точките е дека бараат целосна строга централизација на системот на Јавното обвинителство, којашто ќе значи дека Јавниот обвинител, Јовевски или кој и да биде, да биде човек со чиј мандат ќе бидат врзани мандатите на 27 носители на јавнообвинителската функција во државата - значи луѓето коишто се на чело на другите обвинителства, со престанокот на државниот обвинител да престане мандатот и на тие лица. Тоа е нешто што не е добар концепт, носи силна централизација и којашто ќе значи на некој начин парализирање на целиот систем кога ќе престане мандатот на државниот обвинител.
 
Второто прашање по коешто имаме клучни разлики е прашањето околу идниот статус на СЈО, на обвинителите, на вработените и на предметите. Според барањето на ВМРО-ДПМНЕ, треба да дојде до целосно демонтирање на СЈО, но за жал и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Барањето беше дека неизвесна треба да биде судбината на сите коишто се вработени, значи лица со работен однос на неопределено работно време во овие обвинителства, со нивното спојување да не се знае каде тие лица ќе одат, понатака да се распределуваат, што ќе се одрази негативно врз континуитетот на процесите, бидејќи процесот на екипирање оди споро и тоа ќе доведе и до застареност на одредени случаи.
 
Трета клучна разлика е околу статусот на предметите коишто се водат од страна на СЈО во моментот, со оглед на тоа што инсистираат да нема одредба во законот којашто ќе даде надлежност на новото обвинителство да ги гони предметите од прислушкуваните материјали. Во тој дел се клучните разлики во коишто не можевме да направиме на некој начин доближување.
 
Исто така, и други надлежности од делот на новото обвинителство коешто го предлагаме - има разлики. Кај нив недостасуваат надлежности на Обвинителството за организиран криминал и висока корупција којшто ќе се однесуваат на изборите и гласањето, за злоупотреба на ИПА фондови, за злоупотреба на јавни набавки - тие надлежности во нивниот предлог се избришани како надлежност на новото обвинителство.
 
Новинарски прашања и одговори:

1. Дали ова значи дека бараат истрагите отворени од СЈО досега, да згаснат со новиот закон?
 
-Тука нема промена во нивниот став којшто беше од претходно, останати се на тие позиции. Тие сметаат дека не треба тие предмети да одат автоматски во новото обвинителство, особено оние предмети коишто се после 18 месеци. За другите има простор за разговор, но за овие не. Ние сметаме дека не смее да создадеме ситуација на неказнивост со закон, со којашто ќе се исклучат определени предмети.
 
2. Од опозицијата сега велат дека вие не ги прифаќате нивните предлози за избор на новиот обвинител на ова ново обвинителство, поради тоа што сакате како власт да биде контролирано од власта - обвинителот и новото обвинителство.
 
- Не станува збор за контрола. Според нашиот предлог ќе видите дека само Републичкиот обвинител се избира во Собранието, онака како што е регулирано во Уставот. Сите други обвинители се избираат од страна на Советот на Јавните обвинители - којшто никој не го контролира. Тоа е тело коешто е создадено врз основа на принципи, на лица коишто се избрани од страна на самите јавни обвинители и многу помал дел од страна на Собранието. Така што, во тој дел не може да стане збор за никаква контрола. Напротив, нивниот предлог бара она обвинителство коешто треба да ги продолжи предметите, тој обвинител којшто треба да ги продолжи предметите да биде избран од страна на опозицијата.
 
3. Случувањата околу СЈО и обвинителката во оставка Катица Јанева - како ги коментирате и како тоа влијае на целиот овој процес и на преговорите и на реформите?
 
-Оваа ситуација е апсолутно неповолна и никој не ја посакуваше - ниту пак ја очекувавме, сите сме шокирани од она што го гледаме . Јас се надевам дека Обвинителството за организиран криминал побрзо и поефикасно ќе ја води истрагата со цел да не остане сомневањата и дамката и доколку има потреба од судски постапки да почнат. Единствено низ судска постапка да видиме кој е виновен и тој што е виновен да си ја понесе својата одговорност.
 
4. Се споменува дека и припадници од власта, ваши колеги биле блиски до луѓето коишто се сега осомничени во оваа афера рекет.
 
-Значи блискоста не е основ за кривично дело, но ако има инволвираност во кривични дела, тогаш треба правдата да биде безмилосна за сите. Значи сите треба да одговараат без оглед дали се луѓе од власта, дали се од опозицијата, дали се од обвинителство – во тој дел се залагам за неселективност во гонењето на сите.
 
5. Дали Владата инсистира Русковска да биде на чело на новото обвинителство?
 
-Многу се изненадив од ставот на ВМРО-ДПМНЕ кога тие изреагираа на она што беше обзнането дека согласно сегашниот предлог, практично постојниот Јавен обвинител во организиран криминал ќе продолжи да ја врши својата функција, исто како што ќе продолжи да ја врши својата функција Јавниот обвинител во државата, како што ќе продолжат да ја вршат функцијата сите други јавни обвинители. Самите ВМРО-ДПМНЕ поднесоа амандмани на претходниот текст во законот во којшто предложија СЈО да биде дел од Обвинителството за организиран криминал. Сега ние прифативме да дојде до спојување, да се здружат силите на двете обвинителства, и тие немаа предложено дека треба да престане мандатот на Русковска. Кога ние сметавме дека практично сме излегле во пресрет на тоа што беше нивен амандман, одеднаш тие излегоа со став дека се против сопствениот предлог којшто беше даден во амандманите. Видете ги амандманите коишто ги дадоа на претходниот текст, ќе видите дека предлагаат СЈО да влезе како Одделение во Обвинителството за организиран криминал, а не предлагаат да престане мандатот на Русковска. Имам чувство дека секогаш кога ќе направиме обид да се доближиме до нив со одредени ставови, тие се повлекуваат и ги менуваат своите барања.
 
6. После ова што го кажавте, мислите ли дека е можно низ овие преговори да се дојде низ некакво решение и законот да се изгласа со поддршка на опозицијата до 15 септември.
 
-Оптимизам е лична состојба. Јас сум во принцип во животот  многу претпазлива. Гледајќи ги разликите, се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се преиспита во своите ставови и ќе ги стави интересите за евроинтеграција на нашата земја и на граѓаните пред личните интереси на лицата од нивната партија за коишто се водат постапки под надлежните судови.
 
7. Дали за вас како министерка за правда е нормално, Обвинителството за организиран криминал да оди на одмор кога најважна тема во државата е случајот „Рекет“.
 
-Вие знаете дека системот на обвинителство и судство функционира на одреден начин. Јас кога сум била студент, кога сме учеле право сме знаеле дека август месец е колективниот одмор којшто го имаат судиите и обвинителите. Имаат дежурни за итни ситуации, кога ќе дојде до притвор или слично, но тоа е нешто што регуларно функционира -не е нешто што се случува сега во моментот за одредени случаи.
 
8. До кај е процедурата за Томор Морина, дали ќе се екстрадира?
 
Процедурата оди пред надлежните судови. Според нашиот закон барањето за екстрадиција треба да стигне до Министерството за правда, а потоа тоа се препраќа до судовите коишто одлучуваат. Досегашната постапка одеше по потерница на Интерпол: МВР врши запирање на лицето коешто сакало да помине граница и потоа е судската постапка којашто се води. Ние како Министерство досега имавме единствено надлежност да ги известиме преку МНР, амбасадите чијшто држајанин е лицето. Тој е државјанин на две држави – има британско и косовско државјанство, и ние согласно тие процедури веќе пративме известување до амбасадите коишто се во нашата држава. До вчера не ни беше стасано барањето за екстрадиција, штом ќе биде стасано го препраќаме до судовите коишто треба да одлучат по тоа барање.
 
Со почит,
 
Министерство за правда
 
 
Автор
Министерство за правда
+389 (0)2 3116 - 493, +389 (0)2 3116 - 648
E-mail: cabinet@mjustice.gov.mk, publicrelation@mjustice.gov.mk
Скопје
<август 2019>
повтсрчепесане
29
30
31
1
2
3
4
5
6
7
8
9
10
11
12
13
14
15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31
1
2
3
4
5
6
7
8
Архива на новости