Членови на Претставничкиот дом на Холандија: Северна Македонија постигна дополнителен напредок кон започнување на преговорите со ЕУ

04.03.2020 Новости

 По извештајот на Европската комисија во кој беа позитивно оценети реформите во правосудството, добивме позитивен извештај и од Делегацијата на Постојаниот комитет за европски прашања на Претставничкиот дом на Кралството Холандија која ја посети Северна Македонија во февруари годинава.

 

Од последната посета во мај 2019 година, известувачот констатира дека Северна Македонија постигна дополнителен напредок кон започнување на преговорите за пристап во ЕУ.

 

Во извештајот е нотирано дека Северна Македонија има постигнато голем напредок во прилагодувањето на домашната политика и законодавството во согласност со правото на ЕУ. Извештајот потенцира дека, околу 34% од европските правила од регулативите и директивите во областа на правдата и внатрешните работи се веќе имплементирани во домашното законодавство. Исто така , во извештајот се констатира дека во Република Северна Македонија е забележана суштинска мотивација и убедлива посветеност на реформите од страна на власта.

 

Според известувачот, усвојувањето на Законот за Јавното обвинителство е импресивен резултат, кој овозможил продолжување на истрагите, но и дека законот не содржи скриена амнестија која ќе им овозможи на одредени (поранешни) политичари да избегнат истрага.

 

Овој позитивен извештај се очекува да биде основа на дискусијата во Холандскиот парламент за проширувањето на ЕУ на Балканот. Извештајот е објавен на веб-страницата на Претставничкиот дом на Холандија.

 
Автор
Министерство за правда
+389 (0)2 3116 - 493, +389 (0)2 3116 - 648
E-mail: cabinet@mjustice.gov.mk, publicrelation@mjustice.gov.mk
Скопје
Архива на новости