Со нотарскиот испит се проверува познавањето на кандидатот на правните институти во врска со обавувањето на нотарската дејност, а особено на правните прописи со кои се уредува нотарската служба, составувањето, заверката и легализацијата на исправите во односите со меѓународен елемент, трговските друштва, претпријатијата и правните лица воопшто, евиденција на правата на недвижности, наследното, семејното, стварното и облигационото право, парничната, вонпарничната и извршната постапка и кривичното право во делот кој е од значење за вршење на нотарската служба, како и практичното знаење на кандидатот во изготвување на нотарски исправи и заверки.
Нотарскиот испит се спроведува согласно Законот за нотаријатот (,,Службен весник на РМ“ бр.72/16, 142/16 и 233/18) и Правилникот за начинот на организирањето и полагањето на нотарскиот испит (,,Службен весник на РМ“ бр.32/19 и 47/19).
Испитни сесии – Распореди на полагање
Испитите се спроведуваат четири пати во текот на една календарска година и тоа во: априлска, јунска, септемвриска и декемвриска испитна сесија.
Пријавувањето за испитот се врши во периодот од први до петнаесетти во месецот кој претходи на месецот кога се спроведува испитната сесија.
Огласот за пријавување на кандидати за полагање на нотарски испит се објавува на веб страната на Министерството за правда.
Кандидатите за полагање на нотарски испит поднесуваат пријава во писмена форма за полагање на испитот со потребната документација во архивата на Министерството за правда на ул.“Димитрије Чуповски“ бр.9, Скопје.
Времето и местото на одржување на испитот се објавува на веб страната на Министерството за правда.
ДОКОЛКУ ПОЛАГАЊЕТО НА ИСПИТОТ СЕ СОСТОИ ОД ПОВЕЌЕ ФАЗИ – ОБЈАСНЕТЕ ГО РЕДОСЛЕДОТ НА ПОЛАГАЊЕТО И НАЧИНОТ
Нотарскиот испит се состои од два дела и тоа:
1. Писмен дел од нотарскиот испит кој се состои од изготвување на нотарски исправи и заверки, преку кој се проверува практичното знаење на кандидатот во изготвување на нотарски исправи и заверки и познавање на правните институти во врска со нотарската дејност и
2. Усмен дел од нотарскиот испит кој се состои од три предмети и тоа:
- правните иститути во врска со обавувањето на нотарската дејсност и правните прописи со кои се уредува нотарската служба, составување, заверување и легализација на исправите во односите со меѓународен елемент, трговските друштва, претпријатијата и правните лица вопшто,
- евиденцијата на правата на недвижности, наследното, семејното, стварното и облигациониото право и
- парничната, вонпараничната и извршната постапка и кривичното право во делот кој е од значење за вршење на нотарската служба.
Писмениот дел од испитот е елиминаторен, односно кандидатот кој на писмениот дел е оценет со оценка “не положил“ , не може да го полага усниот дел од испитот.
Кандидатот кој на усниот дел од испитот е оценет со оценка “не положил“ по еден предмет, има право на поправен испит во истата испитна сесија.
Начин на закажување
Кандидатите на кои им е одобрено барањето за полагање на испитот и јавноста за полагањето на првиот и вториот дел од испитот се информираат за датумот и времето на полагање на испитот, преку веб страната на Министерството за правда. Усниот дел од испитот се полага најдоцна во рок од седум дена од денот на одржување на писмениот испит.
На кандидатот кој положил нотарски испит Комисијата му издава уверение за положен нотарски испит. Уверението за положен нотарски испит се издава најдоцна до 30 дена од денот на полагање на испитот.