Испит за судски преведувачи

Судските преведувачи се лица поставени на неопределено време, кои преведуваат говор и писмен текст од македонски јазик на странски јазик и од странски на македонски јазик. Постојаните судски преведувачи поставени од Министерот за правда, преведуваат по барање на судот, државен орган, друга институција или граѓани.
Министерството за правда ја спроведува постапката за поставување на судски преведувачи во согласност со Законот за судовите („Службен весник на РМ" бр.58/06, 62/06, 35/08  150/2010 и 83/18) и Судскиот деловник („Службен весник на РМ" бр.66/13 и 114/14), на начин и под услови утврдени со членовите од 32 до 59.
Министерот за правда, со решение поставува судски преведувачи и води Именик.

Испитите се спроведуваат два пати во текот на една календарска година и тоа:

- Априлска испитна сесија за која огласот се објавува во текот на месец март и

- Октомвриска испитна сесија за која огласот се објвавува во текот на месец септември. 

Огласот се објавува во два дневни весници (од кои едниот е на албански јазик) и на веб страницата на Министерството за правда и трае 15 дена од денот на објаувањето. Во овој рок кандидатите треба до архивата на Министерството за правда да достават барање (формуларот се објавува со огласот) со потребната документација и уплатници.

Барањето и документите со уплатниците може да се достват и по пошта. 

За сите информации околу спроведувањето на испитот, по завршувањето на пријавувањето кандидатите се известуваат на нивните електронски адреси како и на веб страницата на Министерството за правда во делот за судски преведувачи.