Често поставувани прашања

Извршни исправи се:
1) извршна судска одлука и судско порамнување;
2) извршна одлука и порамнување во управна постапка, ако гласат на исполнување на парична обврска;
3) извршна нотарска исправа;
4) заклучокот на извршителот за утврдување на трошоците на извршувањето;
5) решение за издавање на нотарски платен налог  и
6) друга исправа која како извршна исправа е предвидена со закон.

Извршните исправи согласно Законот за извршување ги извршува извршител кој се именува за подрачјето на основен суд и извршува извршни исправи на судот, нотарот или органот чие седиште е на подрачјето за коешто е именуван, а при спроведување на извршувањето презема дејствија на целата територија на Република Македонија.

Приговор против извршно дејствие на извршител може да поднесе странката, учесникот или трето лице кое што смета дека извршителот при извршувањето постапувал незаконито, или пак пропуштил да преземе определено законско дејствие.

Приговорот образложен, аргументиран и поткрепен со соодветни докази во доволен број на примероци, се поднесува во рок од 3 дена по денот на осознавање на незаконитоста односно непреземањето на дејствие, но не подоцна од три месеци по преземеното односно непреземеното дејствие, до основниот суд на чие подрачје извршувањето, или пак дел од него се спроведува.

Судот  со  решението  со  кое  го  усвојува  приговорот,  ги  утврдува  сторените незаконитости и ги става вон сила преземените извршни дејствија, или пак го утврдува пропуштањето за преземање на определено законско дејствие. Судот со решението не може да го запре извршувањето, ниту да го задолжува извршителот да презема извршни дејствија.

Против решението на основниот суд кој одлучувал по приговорот, странката, учесникот или третото лице и извршителот има право да поднесе жалба до Апелациониот суд на чие подрачје се наоѓа основниот суд. Жалбата се поднесува преку основниот суд кој го донел решението во рок од три дена по приемот на решението.

Изземени се од извршување:
1) примање врз основа на законска издршка, надоместок на штета настаната поради нарушување на здравјето или намалување, односно губење на работната способност и надоместок на штета за загубена издршка поради смрт на давачот на издршката;
2) примање врз основа на надоместок поради телесно оштетување според прописите за инвалидското осигурување;
3) примање врз основа на права на парична помош од социјална заштита;
4) примање врз основа на привремена невработеност;
5) примање врз основа на додаток на деца;
6) примање врз основа на стипендија, кредит и помош на ученици и студенти;
7) примање на питомци на Воената академија;
8) надоместок за работа на осуден во казнено-поправен дом, освен за побарување врз основа  на  законско  издржување,  како  и  за  побарување  на  надоместок  на  штета предизвикана со кривично дело на осудениот;
9) примање врз основа на патни трошоци и
10) средствата на посебната сметка која ја поседува извршителот

Извршувањето врз плата или пензија како и врз надоместок наместо плата може да се спроведе до износот од една половина или една третина на платата или пензијата во согласност со Законот за извршување.
 

Медијација е секое посредување, без оглед на неговиот назив, при решавање на спорниот однос во постапка на медијација во коешто на страните во спорниот однос им се овозможува истиот  да го решат по пат на преговарање,  на мирен начин со помош на еден или повеќе лиценцирани медијатори, со цел да се постигне заедничко прифатливо решение изразено во форма на писмена спогодба.

Медијатор може да биде деловно способно физичко лице кое поседува лиценца за вршење на медијаторски работи.

Листата на лиценцирани медијатори е објавена на веб страната на Министерството за правда.

Испитот за медијатори се пријавува од 01-15 во месеците јануари, март, април, мај и октомври, а се полага во февруари, април, мај, јуни и ноември.

Нотарот потврдува дека странката во негово присуство своерачно ја потпишала исправата, или ставила свој ракознак, или го признала потписот, односно ракознакот на писменото како свој. При заверка на потписот или ракознакот, нотарот е должен да ја запознае странката дека се потврдува само потписот, но не и содржината на исправата.

аботното време на нотарските канцеларии е од 8.30 – 16.30 часот. По писмено барање на странката кога за тоа има оправдани причини, нотарот преземa службени дејствија и во работни денови од 16.30 до 18.30 часот и во други
неработни денови во договор со странката.

Предлог  за  издавање  на  решение  за  нотарски  платен  налог  врз  основа  на веродостојна исправа се поднесува до нотарот на чие подрачје е живеалиштето, односно престојувалиштето на должникот-физичко лице, односно седиштето на должникот-правно лице.