Скринингот е формална и техничка операција што ја врши Европската комисија, со цел да се подготват преговорите за членство и претставува аналитичка презентација на правото на ЕУ и состојбата во земјата кандидат во однос на него. Поспецифично, како процес, тој има за цел, од една страна - да ги запознае земјите кандидати со правното наследство на Европската Унија и на тој начин да ги подготви за преговорите. Од друга страна, целта е да се овозможи Комисијата и земјите-членки да го оценат степенот на подготвеност на земјите кандидати, да бидат информирани за нивните идни планови и да добијат прелиминарни насоки за прашањата што ќе бидат најактуелни во преговорите.
Скринингот се спроведува по поглавја, освен за поглавјата: 34 „Институции" и 35 „Други прашања", кои се предмет на преговори во последната фаза од процесот на пристапување. Најпрво се одржуваат објаснувачки состаноци на кои претставници на Комисијата детално го презентираат правото на ЕУ, а потоа билатерални состаноци со секоја држава. По завршувањето на овие две фази, Комисијата подготвува извештај за скринингот и го презентира на Советот. По извршениот скрининг на соодветното поглавје, Советот одлучува за започнување на преговорите, по препорака на Комисијата.
По одлуката на Европскиот совет од јуни 2018 година и обезбедувањето на јасна перспектива за почеток на пристапните преговори во јуни 2019 година, Република Северна Македонија на 27 септември 2018 година започна со фазата на објаснувачки состаноци.