Собранието на Комората на извршители на Република Македонија, на седницата на Вонредното Собрание одржана на ден 14.04.2007 година, во Струга, врз основа на член 67 од Законот за извршување, го донесе следниот

 

К О Д Е К С

НА   ПРОФЕСИОНАЛНАТА   ЕТИКА   НА  ИЗВРШИТЕЛИТЕ

 

                                       

Член  1

Кодексот на професионална етика на извршителите е збир на усвоени начела по кои извршителите треба да се управуваат во својата работа и доследно да ги почитуваат.

Начелата се во согласност со општо прифатените начела на професионална етика на извршителите во Европа и пошироко каде што е воспоставен систем на приватни извршители.

Начелата кои го сочинуваат Кодексот на професионална етика, треба доследно да се применуваат.

Должност и обврска е на сите извршители, да се грижат за правилна примена на овој Кодекс, а за секоја повреда на професионалната етика да се укажува на корекции во однесувањето преку колегијален однос и преку органите на Комората.

 

Член  2

Комората на извршители во своето работење е самостојна, независна  асоцијација со својство на правно лице, во која задолжително се здружуваат извршителите и замениците извршители во Република Македонија.

Комората ги штити угледот и честа на вршењето на професијата и се грижи извршителите да ги вршат своите овластувања совесно и во согласност со законот. Секој извршител од своја страна е должен да придонесува во успешното работење на Комората, како и да го негува, штити и надоградува угледот на Комората.

Чест е секој извршител доколку биде избран во било кој орган на Комората. Извршителот неможе да не прифати таква обврска.

Извршителите се должни со своето внимание и совесно да ги исполнуваат своите обврски кои произлегуваат од членувањето во Комората, како и професионалните обврски од работен карактер, од морална и матерјална природа.

Извршителите се должни да ги зацврстуваат меѓусебните колегијални односи: да негуваат стручна и професионална солидарност и другарски однос во работата.

Извршителите во меѓусебната соработка треба да бидат искрени, чесни и корекни. Непристојно е извршителот да се нуди кај граѓани кои веќе поднеле барање кај друг извршител, или се определиле за друг извршител, особено кога притоа се понудува пониска наплата од реалната или давање на процент од наградата.

Извршителите несмеат да омаловажуваат или потценуваат друг извршител, заменик извршител и помошник извршител, во текот на работењето особено и со внимание да се однесуваат кон странките.

 

Член  3

Странките или било кој орган, кои на извршителот му доверат одделни податоци, или извршителот сознал на друг начин, а кои се од доверлив карактер, преставуваат професионална тајна.

Обврската за чување на професионална тајна се однесува и на списите што извршителите ги чуваат во своите архиви. Она што извршителот го сознал од граѓанинот како тајна може да се обелодени само во случај, ако самата странка на несомнен начин го дозволува тоа.

 

Член  4

Извршителот е должен постојано да ги усовршува своите стручни и општи познавања, извршителот своите знаења е должен несебично да ги пренесува на помошниците и извршителските заменици.

Недозволено е извршителот своите активности да ги користи спротивно од начелата на овој Кодекс, а со цел на истакнување на својата извршителска професија, или на било кој друг начин со намера да се рекламира.

Извршителот е должен, секогаш и во секое време во вршењето извршителска професија и во својот личен живот, да манифестира степен на личен и морален углед.

 

Член  5

Извршителот мора да посвети посебно внимание во работата со помошниците. Извршителот мора да се грижи за поуспешно стручно усовршување и издигање на помошниците.

Извршителот е должен да му укажува на помошникот на неговото однесување спрема извршителите, граѓаните и органите на управување на Комората.

Извршителот е должен веднаш по приемот на помошникот да му ги објасни одредбите на овој Кодекс, Статутот на Комората, и другите општи акти, како и основите за начинот на однесување и програмата за практично усовршување.

Извршителот мора со посебно внимание да ги упати помошниците во начелата на извршителската етика, без кое ниту стручната ниту стекнатите практични знаења не би имале соодветни вредности. Помошникот за својата работа мора да биде награден според Законот.  

Извршителот е должен на помошниците да им обезбеди доволно време за подготвување и полагање на извршителскиот испит.

Односот помеѓу извршителот и неговиот помошник, не смее во никаков облик да претставува злоупотреба на службената претпоставеност и доверба.

Извршителскиот помошник е должен да ја чува службената тајна што ја сознал за време на неговото практично оспособување, како престанокот на неговиот работен однос во извршителската канцаларија.

 

 

Член  6

Фирмата на извршителската канцеларија мора да биде изработена според прописите за фирмата и истата мора да биде истакната пред влезот на извршителската канцеларија, но ниту по облик ни по содржина не смее да служи за рекламни цели.

 

Член  7

Кодексот секогаш е отворен за внесување на нови начела на однесување на извршителите, замениците, помошниците и сите други вработени кај извршителот.

 

                                                              КОМОРА НА ИЗВРШИТЕЛИ НА РМ

                                          Претседател,

                                           Горан Тошевски