НАЦРТ
ЗАКОН ЗА ЛОБИРАЊЕ
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
(1) Со овој закон се уредуваат условите за стекнување својство на лобист и лоби организација, регистрирањето на лобистите и лоби организациите, обврските на лобистите и лоби организациите и обврските на лицата и органите кај кои се лобира, со цел транспарентност на процесите на подготвување, донесување и изменување на јавни политики односно програми, закони, подзаконски или други општи акти.
(2) Овој закон се однесува на лобирањето кај законодавната власт, извршната власт и органите на единиците на локалната самоуправа.
Значење на изразите
Член 2
(1) Под поимот „лице кај кое се лобира“ се подразбира избрано или именувано лице, секретар во единица на локалната самоуправа, генерален или државен секретар, посебен советник или кабинетски службеник.
(2) Под поимот „орган кај кој се лобира“ се подразбира орган на законодавната или извршната власт или орган на единица на локалната самоуправа.
(3) Под поимот „контакт“, во смисла на овој закон, се подразбира посредна или непосредна комуникација, без оглед на локацијата каде таа се остварува, начинот и средството за комуникација кое се користи.
(4) За определување на значењето на поимот „посебен советник“ се применуваат одредбите од Законот за вработените во јавниот сектор.
(5) За определување на значењето на поимот „кабинетски службеник“ се применуваат одредбите од Законот за административни службеници.
(6) Под „јавно соопштен став односно мислење“, во смисла на овој закон, се подразбира став односно мислење соопштено на јавен собир, јавен настан, јавна седница, собир на граѓани или преку средства за јавно информирање, содржина објавена на веб-страница до која пристапот е јавен и не е ограничен или јавно поставен односно дистрибуиран плакат, леток или транспарент.
(7) За определување на значењето на изразот „судир на интереси“ се применуваат одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Дефиниција за лобирање
Член 3
(1) Лобирањето претставува активност со цел остварување влијание врз процесите на подготвување, донесување и изменување на:
закони, подзаконски или други општи акти,
јавни политики односно програми што ги носат органите кај кои се лобира, особено кога тие политики односно програми се однесуваат на просторното планирање, развој и доделување односно распределба на јавни средства.
(2) Лобирањето подразбира контакт со лице кај кое се лобира, со цел конкретно насочено влијание врз процес односно врз содржина на јавни политики односно програми, прописи и други акти од ставот (1) на овој член, а кој контакт се остварува вон утврдена и започната постапка односно процедура и не претставува јавно соопштен став односно мислење, ниту пак учество на повик односно на барање на орган кај кој се лобира во работа на подготвување, разгледување или барање односно давање фактографски информации односно податоци или стручни мислења за иницијативи и предложени решенија за јавни политики, програми, закони, други прописи и општи акти.
(3) Лобирањето не претставува односно не се однесува на:
a. судски или управни постапки, постапки што се спроведуваат согласно прописите што ги уредуваат јавните набавки и постапки во кои се одлучува за права и обврски на поединци;
б. комуникација со граѓанин во врска со остварување на индивидуални права;
в. комуникација чиешто обелоденување може да претставува закана по безбедноста на кое било лице или по безбедноста на државата;
г. граѓанска иницијатива покрената согласно закон;
д. комуникација со синдикати односно со претставници на синдикати кога ги застапуваат интересите на своите членови во преговори за условите за вработување и работа;
ѓ. комуникација меѓу службени лица во орган на законодавната власт, орган на извршната власт или орган на единица на локалната самоуправа која ја остваруваат во рамки на својот делокруг на работни задачи односно функции;
е. комуникација меѓу именувани односно назначени членови во тела формирани од органите на законодавната власт, органите на извршната власт или органите на единиците на локалната самоуправа, за целите на разгледување, проценување и анализирање на прашања од јавната политика, заради известување на органите од кои телата се формирани.
ж. комуникација со или во име на меѓународни организации;
з. комуникација со или во име на политичка партија;
Член 4
(1) Лобирање може да вршат само лобисти регистрирани согласно одредбите од овој закон.
(2) По исклучок од одредбата од ставот (1) на овој член, во име и за сметка на лоби организација лобирање може да врши застапник по закон, вработен или овластено лице на лоби организацијата (во понатамошниот текст: претставник на лоби организацијата).
(3) За да врши лобирање, претставникот на лоби организацијата се запишува во Регистарот на лобисти, лоби организации и лобирање, согласно одредбите од овој закон.
(4) За утврдување на обврските на претставникот на лоби организацијата при лобирањето се применуваат одредбите од овој закон кои ги утврдуваат обврските на лобистите и лоби организациите.
Нарачатели на лобирање
Член 5
(1) Нарачател на лобирање е физичко или правно лице кое ангажира лобист или лоби организација заради вршење лобирање врз основа на договор склучен во писмена форма.
(2) Нарачателот од ставот (1) на овој член му издава полномошно на лобистот односно лоби организацијата, за да ги застапува неговите интереси пред органите кај кои лобира.
II. УСЛОВИ ЗА СТЕКНУВАЊЕ СВОЈСТВО НА ЛОБИСТ ИЛИ ЛОБИ ОРГАНИЗАЦИЈА
Член 6
(1) Лобист може да биде физичко лице кое има деловна способност.
(2) Лоби организација може да биде правно лице регистрирано во Централниот регистар.
(3) Странски правни и физички лица можат да вршат лобирање, под услов да се регистрирани за лоби организација односно лобист согласно одредбите од овој закон.
Член 7
(1) Избрани и именувани лица, секретари во единици на локалната самоуправа, генерални секретари, државни секретари, одговорни лица во јавно претпријатие или јавна установа основана од орган кај кој се лобира и одговорни лица во организации со јавни овластувања не смеат да вршат лобирање додека им трае мандатот.
(2) Лицата од ставот (1) на овој член можат да вршат лобирање по истекот на три години од денот на престанокот на мандатот.
(3) Вработените лица и посебните советници во орган кај кој се лобира не смеат да вршат лобирање додека се вработени во тие органи.
(4) Лицата од ставот (3) на овој член не смеат да вршат лобирање пред истекот на една година од денот на престанокот на вработувањето.
III. РЕГИСТРИРАЊЕ НА ЛОБИСТИ, ЛОБИ ОРГАНИЗАЦИИ И ЛОБИРАЊЕ
Регистар на лобисти, лоби организации и лобирање
Член 8
(1) Лобистите и лоби организациите се регистрираат со запишување во Регистарот на лобисти, лоби организации и лобирање (во понатамошниот текст: Регистарот).
(2) Регистарот го води Државната комисија за спречување на корупција (во понатамошниот текст: Државната комисија).
(3) Регистарот содржи:
а. податоци за лобисти и лоби организации:
- податоци кои се собираат со пријавата за запишување во Регистарот (член 8),
- датум и број на решение за запишување во Регистарот,
- датум и број на решение за бришење од Регистарот,
- причини за бришење од Регистарот и податоци за поведена судска постапка против донесеното решение и исход од постапката;
б. записници од остварени контакти со цел лобирање (член 21);
в. извештаи за активностите на лобистите и лоби организациите (член 17);
г. донесени внатрешни акти кои уредуваат процедури за остварувањето и евиденцијата на контактите со цел лобирање во органите кај кои се лобира (член 25).
(4) Формата и начинот на водење на Регистарот ги пропишува Државната комисија.
(5) Регистарот се објавува на веб-страницата на Државната комисија, со исклучок на податоците кои се заштитени согласно закон.
(6) Податоците запишани во Регистарот и документацијата приклучена кон нив се чуваат согласно закон и во рок од десет години по бришењето на лобистот односно лоби организацијата од Регистарот.
(7) Ажурирањето на податоците во Регистарот и повлекувањето на податоци од Регистарот кои се објавени на веб-страницата на Државната комисија се врши согласно член 12 од овој закон.
Запишување во Регистарот
Член 9
(1) Пријавата за запишување во Регистарот се поднесува до Државната комисија.
(2) Пријавата од ставот (1) на овој член за запишување на лобист содржи:
име, презиме и матичен број на лицето кое се пријавува за лобист;
државјанство на лице кое се пријавува за лобист;
адреса на живеалиште и престојувалиште на лице кое се пријавува за лобист и адреса за е-пошта за контакт;
области за кои лицето кое се пријавува за лобист сака да го регистрира својот интерес да врши лобирање;
потпишана изјава со која лицето потврдува непостоење на ограничувањата за вршење на лобирање од член 7 на овој закон;
потпишана изјава за запознаетост и прифаќање на Етичкиот кодекс на лобистите и лоби организациите (член 16).
(3) Пријавата од ставот (1) на овој член за запишување на лоби организација содржи:
назив и матичен број на правното лице кое се пријавува за лоби организација;
адреса на вистинско седиште на правното лице кое се пријавува за лоби организација и адреса за е-пошта за контакт;
областите за кои правното лице кое се пријавува за лоби организација сака да го регистрира својот интерес да врши лобирање;
список со име и презиме, матични броеви, адреси на живеалиште и престојувалиште на лицата кои се запишуваат за претставници на лоби организацијата, со приложени потпишани изјави со кои лицата поединечно потврдуваат непостоење на ограничувањата за вршење на лобирање од член 7 на овој закон;
потпишана изјава за запознаетост и прифаќање на Етичкиот кодекс на лобистите и лоби организациите (член 16).
(4) Кон пријавата од ставот (2) на овој член се приложува и фотокопија од исправа за идентификација на физичкото лице кое се пријавува за лобист.
(5) Кон пријавата од ставот (3) на овој член се приложува и фотокопија од исправи за идентификација на лицата кои се запишуваат за претставници на лоби организацијата и доказ за регистрација на правното лице од Централниот регистар односно друг надлежен регистар ако се пријавува странско лице.
(6) Странско лице кое поднесува пријава од ставот (1) на овој член, приложува и заверен превод на прилозите од ставот (4) односно ставот (5) на овој член.
(7) Формата и содржината на образецот за пријавата и изјавите од овој член ги пропишува Државната комисија.
Член 10
(1) Државната комисија ја проверува потполноста на примените пријави за запишување во Регистарот врз основа на податоците од пријавата и податоците од Регистарот.
(2) Доколку Државната комисија по проверката од ставот (1) на овој член утврди дека подносителот на пријавата за запишување во Регистарот ги исполнува условите од членовите 6 и 7 на овој закон и на подносителот не му е суспендирано правото на повторно запишување во Регистарот (член 13 ставови (5) и (6)), во рок од осум дена од приемот на пријавата донесува решение за запишување на лобистот односно лоби организацијата во Регистарот.
(3) Запишувањето на лобистот односно лоби организацијата во Регистарот се врши на денот на донесувањето на решението од ставот (2) на овој член.
Член 11
(1) Доколку Државната комисија утврди дека пријавата за запишување во Регистарот не ги содржи сите потребни податоци и прилози согласно член 9 од овој закон или кога во списокот од ставот (3) на член 9 од овој закон е наведено за претставник на лоби организацијата лице за кое е суспендирано правото на повторно запишување во Регистарот (член 13 ставови (5) и (6)), Државната комисија ќе го повика подносителот на пријавата за запишување во Регистарот, во рок од 15 дена, да ја комплетира односно коригира пријавата.
(2) Доколку подносителот на пријавата за запишување во Регистарот не постапи согласно ставот (1) на овој член, Државната комисија ќе донесе решение со кое ќе ја отфрли пријавата за запишување во Регистарот.
(3) Решението од ставот (2) на овој член е конечно.
(4) Доколку Државната комисија утврди дека подносителот на пријавата за запишување во Регистарот не ги исполнува условите од членовите 6 и 7 на овој закон или правото на запишување му е суспендирано согласно член 13 ставови (5) и (6), ќе донесе решение со кое ќе ја одбие пријавата за запишување во Регистарот.
(5) Против решението од став (2) и став (4) на овој член, подносителот на пријавата за запишување во Регистарот има право на тужба до Управниот суд, во рок од 30 дена од приемот на решението.
Ажурирање на Регистарот
Член 12
(1) Лобистите и лоби организациите се должни во рок од три работни дена да ја пријават до Државната комисија секоја промена во податоците кои за нив се запишани во Регистарот.
(2) Државната комисија постапува по пријавата од ставот (1) на овој член со ажурирање на податоците во Регистарот без одлагање, а најдоцна во рок од три работни дена од приемот на пријавата.
(3) Податоците кои се објавени за лобист односно лоби организација за која е донесено решение за бришење од Регистарот согласно одредбите од овој закон, се повлекуваат од веб-страницата на Државната комисија на денот на донесувањето на решението.
Бришење од Регистарот
Член 13
(1) Државната комисија донесува решение за бришење на лобистот односно лоби организацијата од Регистарот во случај кога:
а. Државната комисија констатира дека податоците и прилозите од поднесената пријавата за запишување во Регистарот се невистинити;
б. Државната комисија утврди дека лобистот односно лоби организацијата повеќе не ги исполнува условите за запишување во Регистарот, согласно членовите 6 и 7 од овој закон;
в. Државната комисија утврди дека лобистот односно лоби организацијата постапила спротивно на одредбите од член 14 и член 15 од овој закон;
г. лобистот односно лоби организацијата не постапи по барањето на Државната комисија за дополнителни информации за проверка на целосноста и вистинитоста на извештајот од член 17 на овој закон или на друг начин ги попречува проверките од ставот (2) на овој член, член 19 или член 23 од овој закон, или
д. лобистот или лоби организација поднесе барање за бришење од Регистарот, во писмена форма.
(2) Државната комисија ги утврдува случаите од ставот (1) точки а., б. и в. на овој член по добиена претставка или по допрен глас, во рок од 20 дена, по извршена проверка спроведена на начин утврден со член 19 од овој закон.
(3) За целите на проверката од ставот (2) на овој член, лобистите, лоби организациите, претставниците на лоби организациите, нарачателите на лобирање и државните органи се должни да постапат по барањето на Државната комисија во рок од 15 дена.
(4) Државната комисија го донесува решението од ставот (1) на овој член во рок од три дена од приемот на барањето за бришење од Регистарот односно од утврдување на случај од ставот (1) на овој член.
(5) За лобистот односно лоби организацијата кои се избришани од Регистарот се суспендира правото на повторно запишување во Регистарот како лобист, лоби организација или претставник на лоби организација, во траење од една година од денот на донесувањето на решението од ставот (1) на овој член.
(6) Со решението од ставот (1) донесено за лоби организација се утврдува суспендирањето од ставот (5) на овој член и за претставник на лоби организацијата за кои Државната комисија утврдила дека бил вклучен односно придонел во случајот поради кој е донесено решението за бришење на лоби организацијата од Регистарот.
(7) Против решението од ставот (1) на овој член дозволена е тужба до Управниот суд во рок од 30 дена од приемот на решението.
IV. ОБВРСКИ НА ЛОБИСТОТ И ЛОБИ ОРГАНИЗАЦИЈАТА
Член 14
(1) Заради лобирањето, лобистот односно лоби организацијата не смее да прима, дава, ветува донации, подароци, услуги, влијание или други погодности или предности за себе или за друг.
(2) Лобистот односно лоби организацијата не смее да предлага или да презема активности или да организира и остварува контакти со што ќе го стави лицето кај кое лобира во состојба на судир на интереси или ќе му предизвика чувство на обврска спрема лобистот односно лоби организацијата.
(3) Забрането е истовремено односно паралелно лобирање по однос на исто прашање во одредена област насочено кон остварување на спротивставени интереси.
Член 15
(1) Лобистот односно лоби организацијата не смее да дава невистинити или нецелосни информации на лицата кај кои лобира во врска со статусот на својството во кое лобира или за нарачателот во чие име лобира.
(2) Лобистот односно лоби организацијата не смее да користи или открие информација или документ кој го добил од лицето кај кое лобира спротивно на целите за кои ја добил информацијата односно документот.
Член 16
(1) Лобистите и лоби организациите се запознаваат со и го прифаќаат Етичкиот кодекс на лобистите и лоби организациите.
(2) Етичкиот кодекс од ставот (1) на овој член го пропишува Државната комисија.
(3) Државната комисија спроведува едукативни активности за Етичкиот кодекс од ставот (1) на овој член кои ги предвидува со својот годишен план за работа.
Член 17
(1) Лобистот односно лоби организација е должна до Државната комисија да достави писмен извештај за својата активност, и тоа најдоцна до 31 јануари во тековната година за претходната година и најдоцна 30 дена од денот на бришењето од Регистарот, без оглед на причините за бришење.
(2) Извештајот од ставот (1) на овој член содржи:
- податоци за идентитетот на лобистот односно лоби организацијата и претставниците на лоби организацијата кои лобирале во нејзино име;
- податоци за идентитетот на нарачателите на лобирање, со податоци за област и предмет на лобирањето во име на секој од нарачателите;
- податоци за органите кај кои е лобирано, податоци за сите лица кај кои е лобирано и кои дејствија за лобирање биле превземени;
- податоци за висината на исплатите за секоја работа добиена од нарачател во чие име е лобирано. Доколку лобирањето е дел од договор за општи услуги кој подразбира и други активности, а вредноста на лобирањето не може да се одреди, лобистот ќе поднесе податоци за вредноста на целокупниот договор на услуги и процентот на време поминат за лобирање во однос на останатите услуги од тој договор.
(3) Лобистот односно лоби организација е должна да ја чуваат документацијата врз основа на која го составиле извештајот од ставот (1) на овој член, во рок од пет години од денот кога бил поднесен извештајот.
(4) Формата и содржината на образецот за извештајот од ставот (1) на овој член ги пропишува Државната комисија.
(5) Извештајот од ставот (1) на овој член е информација од јавен карактер.
Член 18
(1) Државната комисија врши формална проверка на извештајот од член 17 од овој закон при приемот на истиот.
(2) Доколку Државната комисија при проверката од ставот (1) на овој член утврди дека извештајот е нецелосен, ќе побара од лобистот или лоби организацијата во рок од 15 дена да достави целосен извештај.
Член 19
(1) Државната комисија по допрен глас или примена претставка ја проверува целосноста и вистинитоста на податоците од извештајот од член 17 на овој закон, на следниот начин:
со увид во документацијата од член 17 став (4) на овој закон,
со барање за доставување дополнителни податоци од лобистот односно лоби организацијата,
со барање за доставување податоци од нарачателите во чие име лобистот односно лоби организацијата лобирала,
со барање за доставување податоци од органите и/или лицата кај кои лобистот односно лоби организацијата лобирала или
со барање за доставување на податоци од политички партии и организатори на изборни и референдумски кампањи.
(2) Лицето односно органот, како и политичката партија односно организаторот на изборни или референдумска кампања до кој Државната комисија доставила барање од ставот (1) на овој член е должно да одговори на барањето во рок од 15 дена.
(3) За целите на проверката од ставот (1) на овој член, Државната комисија може да побара податоци и од други државни органи, покрај органите од ставот (1) на овој член.
(4) Органите од ставот (3) на овој член се должни да постапат по барањето на Државната комисија во рок од 15 дена.
V. ОБВРСКИ НА ЛИЦЕТО КАЈ КОЕ СЕ ЛОБИРА
Член 20
(1) Лицето кај кое се лобира е должно да внимава да не се стави во состојба на судир на интереси при лобирањето, предвид целите на лобирањето кое го врши лобистот односно лоби организацијата која го контактира.
(2) Во случај на состојбата од ставот (1) на овој член, лицето кај кое се лобира е должно да го прекине контактот и да одбие било каков понатамошен контакт со лобистот односно лоби организацијата и претставник на лоби организацијата.
Член 21
(1) За секој контакт со цел лобирање, лицето кај кое се лобира е должно да изготви записник од остварен контакт со цел лобирање кој ги содржи следните податоци:
име, презиме и работно место на лицето кај кое се лобира;
име и презиме на лобистот односно претставникот на лоби организацијата и назив на лоби организацијата;
областа на лобирање и предметот на дискусија односно цел на лобирањето, со краток опис;
податоци за нарачателот на лобирањето;
датумот, местото и начинот на остварување на контактот со цел лобирање.
(во понатамошниот текст: записникот)
(2) Лицето кај кое се лобирало е должно да проследи копија од записникот до Државната комисија во рок од осум дена од денот на остварувањето на контактот, заради објавување во Регистарот.
(3) Формата и содржината на образецот за записникот ги пропишува Државната комисија.
Член 22
(1) Државната комисија врши формална проверка на записникот при приемот на истиот.
(2) Доколку Државната комисија при проверката од ставот (1) на овој член утврди дека записникот е нецелосен, ќе побара од лицето кај кое е лобирано во рок од осум дена да достави целосен записник.
Член 23
(1) Државната комисија врши проверка на содржината на записникот по добиена претставка или по допрен глас, во рок од 20 дена, на начин утврден со членот 19 од овој закон.
(2) За целите на проверката од ставот (1) на овој член, лобистите, лоби организациите, претставниците на лоби организациите, нарачателите на лобирање и државните органи се должни да постапат по барањето на Државната комисија во рок од 15 дена.
Член 24
(1) Лицето кај кое се лобира е должно да поднесе претставка до Државната комисија доколку лобистот или лоби организацијата односно претставникот на лоби организацијата постапи спротивно на одредбите од овој закон, во рок од 10 дена од остварувањето на контактот со лобистот или лоби организацијата односно претставникот на лоби организацијата.
(2) Државната комисија во рок од три дена од денот на приемот ја доставува претставката од ставот (1) на овој член до лобистот односно лоби организацијата на која се однесува, за во рок од 10 дена лобистот односно лоби организацијата да се произнесе по однос на тврдењата изнесени во претставката.
(3) Државната комисија, во рок од 20 дена од добивањето на претставката од ставот (1) на овој член, утврдува постоење на повреда на одредбите од овој закон од страна на лобистот или лоби организацијата односно претставникот на лоби организацијата и одлучува за поведување прекршочна постапка и/или бришење од Регистарот согласно одредбите од овој закон.
(4) Заради постапување по претставката од ставот (1) на овој член, Државната комисија спроведува проверка на начин утврден со член 19 од овој закон.
(5) За целите на проверката од ставот (4) на овој член, лобистите, лоби организациите, претставниците на лоби организациите, нарачателите на лобирање и државните органи се должни да постапат по барањето на Државната комисија во рок од 15 дена.
VI. ОБВРСКИ НА ОГРАНИТЕ НА ЗАКОНОДАВНАТА, ИЗВРШНАТА И ЛОКАЛНАТА ВЛАСТ
Член 25
(1) Органите кај кои се лобира се должни со внатрешни акти да утврдат процедури односно правила со кои ќе се уредат:
- остварувањето и евиденцијата на контактите со цел лобирање;
- идентификувањето и евиденцијата на лицата кои остваруваат контакти во институциите;
- транспарентни процеси на подготвување, донесување и изменување на јавни политики односно програми, закони или подзаконски или други општи акти, што вклучуваат објавување на податоци за идентитетот на сите учесници во процесот, субјектите чии интереси биле застапувани, условите под кои учеството било остварено и исплатените надоместоци за истото;
- проактивно објавување на соопштенија за остварени официјални средби и состаноци, со податоци за присутните учесници и предметот на дискусија.
(2) Органите кај кои се лобира се должни, во рок од шест месеци од денот на влегување во сила на овој закон, да ја известат Државната комисија за утврдените процедури односно правила од ставот (1) на овој член и да ги достават до Државната комисија внатрешните акти од ставот (1) алинеја 1 на овој член заради објавување во Регистарот.
Член 26
(1) Органите кај кои се лобира се должни на своите веб-страници да објавуваат податоци за идентитетот на учесниците во процесите на подготвување, донесување и изменување на јавни политики односно програми, закони или подзаконски или други општи акти, субјектите чии интереси биле застапувани, условите под кои учеството било остварено и исплатените надоместоци, и тоа во текот на процесот, а најдоцна во рок од пет работни дена по завршување на процесите.
(2) По исклучок од ставот (1) на овој член, органите кај кои се лобира можат да ја ограничат транспарентноста на процесите и објавувањето на податоците кои претставуваат класифицирана информација со соодветен степен на класификација согласно закон, со тоа што ќе ги одвојат тие податоци, а останатите ќе ги направат јавно достапни без притоа да се загрози безбедноста на класифицираните информации.
Член 27
(1) Државната комисија спроведува активности за развивање на јавната и институционалната свест за лобирањето и дава насоки за правилна примена на одредбите од овој закон по барање на органите кај кои се лобира.
(2) Активностите од ставот (1) на овој член ги предвидува Државната комисија со својот годишен план за работа.
VII. НАДЗОР
Член 28
(1) Надзор над примената на одредбите од овој закон врши Државната комисија.
(2) За примената на овој закон Државната комисија информира во рамки на својот годишен извештај за работа.
VIII. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ
Член 29
(1) Глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на избрано или именувано лице, секретар во единица на локалната самоуправа, генерален секретар или државен секретар или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа основана од орган кај кој се лобира или одговорно лице во организација со јавни овластувања доколку:
врши лобирање додека му трае мандатот (член 7 став (1));
врши лобирање пред истекот на три години од денот на престанокот на мандатот (член 7 став (2) ).
(2) Глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на посебен советник во орган кај кои се лобира, доколку:
врши лобирање додека е вработено во орган кај кој се лобира (член 7 став (3));
врши лобирање пред истекот на една година од денот на престанокот на вработувањето односно ангажманот во орган кај кој се лобира (член 7 став (4)).
(3) Глоба во износ од 200 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на вработено лице во орган кај кој се лобира, а кое не е посебен советник, доколку:
врши лобирање додека е вработено во орган кај кој се лобира (член 7 став (3));
врши лобирање пред истекот на пред истекот на една година од денот на престанокот на вработувањето во орган кај кој се лобира (член 7 став (4)).
Член 30
(1) Глоба во износ од 500 до 1000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на правното лице (лоби организација) доколку:
заради лобирањето прима, дава или ветува донации, подароци, услуги, влијание или други погодности или предности за себе или за друг (член 14 став (1));
предлага или презема активности или организира и остварува контакти со што ќе го стави лицето кај кое лобира во состојба на судир на интереси или ќе му предизвика чувство на обврска спрема лоби организацијата (член 14 став (2));
врши истовремено односно паралелно лобирање по однос на исто прашање во одредена област насочено кон остварување на спротивставени интереси, решенија односно исходи (член 14 став (3));
дава невистинити или нецелосни информации на лицата кај кои лобира во врска со статусот на својството или за нарачателот на лобирање во чие име се лобира (член 15 став (1));
користи или открие информација или документ кој го добил од лицето кај кое лобира спротивно на целите за кои ја добил информацијата односно документот (член 15 став (2));
не постапи по барањето на Државната комисија за дополнителни информации за проверка на целосноста и вистинитоста на извештајот од членот 17 на овој закон или записникот или на друг начин попречува проверка од член 13 став (2), член 19 и член 23 на овој закон.
(2) Глоба во износ од 500 до 1000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на правното лице доколку врши лобирање иако не е запишано во Регистарот како лоби организација или е избришано од Регистарот.
(3) Глоба во износ од 200 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице за прекршоците утврдени во ставот (1) и (2) на овој член.
(4) Глоба во износ од 200 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичко лице (лобист) за прекршоците утврдени во ставот (1) на овој член.
(5) За прекршоците утврдени во ставот (1) на овој член на правното лице (лоби организација) и физичкото лице (лобист или претставник на лоби организација), Државната комисија ќе им утврди суспендирање на правото на повторно запишување во Регистарот во траење од една година, согласно член 13 од овој закон.
Член 31
(1) Глоба во износ од 500 до 1000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на правно лице (лоби организација) доколку:
не достави писмен извештај за својата работа до Државната комисија во рокот утврден со членот 17 став (1) од овој закон;
не ја чува документацијата врз основа на која поднела извештај до Државната комисија, во рокот утврден со членот 17 став (3) од овој закон;
не достави целосен извештај за својата работа до Државната комисија во рокот утврден со членот 18 став (2) од овој закон;
Државната комисија констатира невистинитост на податоците од поднесена пријава за запишување во Регистарот.
(2) Глоба во износ од 200 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице (лоби организација) за прекршоците утврдени во ставот (1) на овој член.
(3) Глоба во износ 200 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичко лице (лобист) за прекршоците утврдени во ставот (1) на овој член.
(4) За прекршоците утврдени во ставот (1) на овој член на правното лице (лоби организација) и физичкото лице (лобист или претставник на лоби организација), Државната комисија ќе им утврди суспендирање на правото на повторно запишување во Регистарот во траење од една година, согласно член 13 од овој закон.
Член 32
Глоба во износ од 200 до 400 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на лице кај кое се лобирало доколку:
не проследи до Државната комисија копија од записник од остварен контакт со цел лобирање во рокот утврден со член 21 став (2) од овој закон;
не поднесе претставка до Државната комисија доколку лобистот или лоби организацијата односно претставникот на лоби организацијата постапи спротивно на одредбите од овој закон или Етичкиот кодекс во рокот утврден со член 24 став (1) од овој закон.
Член 33
Глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на раководно лице на орган во кој се лобира, доколку:
не ги утврдат процедурите од член 25 став (1) на овој закон, не ја известат Државната комисија за утврдените процедури;
не ги достават до Државната комисија внатрешните акти од член 25 став (1) алинеја 1 од овој закон заради објавување во Регистарот;
на своите веб-страници не објават податоци за идентитетот на учесниците во процес на разгледување, донесување или изменување на јавни политики односно програми, закони или подзаконски или други општи акти, податоци за субјектите чии интереси биле застапувани, условите под кои учеството било остварено и исплатените надоместоци, и тоа во текот на процесот, а најдоцна во рок од пет работни дена по завршување на процесот (член 26).
Член 34
(1) За прекршоците утврдени со овој закон прекршочната постапка ја води и прекршочни санкции изрекува Прекршочната комисија во Државната комисија.
(2) Членови на Прекршочната комисија од ставот (1) на овој член се овластени службени лица во Секретаријатот со соодветен степен и вид на стручна подготовка и потребно работно искуство определени со закон, од кои најмалку еден од членовите е дипломиран правник со положен правосуден испит.
(3) Пред поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка се води постапка на порамнување со издавање на прекршочен платен налог, согласно со Законот за прекршоците.
(4) Овластените службени лица од ставот (2) на овој член се должни да водат евиденција за издадените прекршочни платни налози и за исходот на поведените постапки.
(5) Во евиденцијата од ставот (4) на овој член се собираат, обработуваат и чуваат следниве податоци: име и презиме, односно назив на сторителот на прекршокот, живеалиште, односно престојувалиште, седиште, вид на прекршокот, број на прекршочниот платен налог и исходот од постапката.
(6) Личните податоци од ставот (5) на овој член се чуваат пет години од денот на внесувањето во евиденцијата.
(7) Формата и содржината на прекршочниот платен налог ги пропишува Државната комисија.
Член 35
Одмерувањето на глобата се врши согласно со Законот за прекршоците.
Член 36
Остварувањето на правото на правен лек по изречена глоба и постапката по него се врши согласно со Законот за прекршоци.
IX. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДИ
Член 37
(1) Подзаконските акти утврдени со овој закон ќе се донесат во рок од шест месеци од денот на влегување во сила на овој закон.
(2) Внатрешните акти од член 25 на овој закон ќе се донесат во рок од шест месеци од денот на влегување во сила на овој закон.
Член 38
Со влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за лобирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.106/2008 и 135/2011).
Член 39
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”, а ќе се применува по една година од влегувањето во сила.