МИНИСТЕРСТВО ЗА ПРАВДА
Врз основа на член 36 став (7) од Законот за медијација („Службен весник на
Република Македонија“ бр. 188/13, 148/15, 192/15 и 55/16), министерот за правда донесе
ПРАВИЛНИК ЗА СОДРЖИНАТА НА ИЗВЕШТАЈОТ ЗА РАБОТАТА НА
КОМОРАТА НА МЕДИЈАТОРИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Член 1
Со овој правилник се пропишува содржината на извештајот за работата на Комората на
медијатори на Република Македонија (во понатамошниот текст: Комората).
Член 2
Извештајот за работата на Комората содржи податоци за:
- вкупен број на запишани медијатори во Именикот на медијатори по градови;
- број на медијатори во специфични области;
- структура на медијатори по професии запишани во Именикот на медијатори;
- вкупен број на избришани медијатори од Именикот на медијатори;
- постигнати резултати во медијацијата (се прикажува бројот на започнати медијации,
градовите во кои се водени медијациите, вредноста на споровите, број на постигнатите
спогодби);
- активностите на Комората преку органите и комисиите на Комората (одржани
редовни и вонредни седници на Собранието и одлуките кои се донесени, одржани
седници на Управниот одбор на Комората и одлуките кои се донесени, активностите на
Претседателот на Комората во врска со донесени одлуки и остварените средби, одржани
седници на Надзорниот одбор на Комората и одлуките кои се донесени, одржани седници
на Етичкиот совет на Комората и одлуките кои се донесени, вкупен број на одржани
семинари и советувања, учество или организација на меѓународни конференции,
нормативната активност на Комората, планови на Комората за следните години);
- општа оцена за работата на медијаторите;
- предлог мерки за унапредување на примената на медијацијата и
- усвоениот финансиски извештај и завршната пресметка доставена до Управата за
јавни приходи.
Член 3
Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен
весник на Република Македонија“.
Бр. 01-2268/3
31 јули 2017 година Министер за правда,
Скопје Билен Салији, с.р.