ПРЕЧИСТЕН ТЕКСТ
(Закон за медијација („Службен весник на Република Мaкедонија“ бр. 188/13, 148/15, 192/15 и 55/16)).
ЗАКОН ЗА МЕДИЈАЦИЈА
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Предмет на Законот и подрачје на примена
Член 1
(1) Со овој закон се уредува медијацијата во спорните односи во кои страните можат слободно да располагаат со своите барања, освен ако со друг закон не е пропишана исклучиво надлежност на суд или друг орган, без оглед на тоа дали таа се спроведува пред или по започнување на судска или друга постапка.
(2) Медијацијата се применува особено во имотноправни, семејни, работни, трговски, потрошувачки, осигурителни спорови, спорови од областа на образованието, заштитата на животната средина, спорови во врска со дискриминацијата, како во други спорни односи каде што медијацијата одговара на природата на спорните односи и може да помогне за нивно разрешување.
(3) Одредбите од овој закон се применуваат и во кривични спорови, доколку со посебен закон не е исклучена нејзината примена.
Поим на медијација
Член 2
„Медијација“ е секое посредување, без оглед на неговиот назив, при решавање на спорниот однос во постапка на медијација во коешто на страните во спорниот однос им се овозможува истиот да го решат по пат на преговарање, на мирен начин со помош на еден или повеќе лиценцирани медијатори (во натамошниот текст: медијатор), со цел да се постигне заедничко прифатливо решение изразено во форма на писмена спогодба.
Договорни одредби за медијација
Член 3
Страните може во меѓусебниот облигационен договор да внесат одредби со кои се обврзуваат во случај на спор, да се обидат спорниот однос да го решат по пат на непосредно преговарање или медијација пред започнувањето на судската или друга постапка за правна заштита.
Меѓународна медијација
Член 4
(1) Меѓународна медијација, во смисла на овој закон, е медијација во спорни односи со странски елемент, а особено:
1) ако страните во време на постигнување на согласност за медијација имаат престојувалиште или седиште во друга држава;
2) ако некоја од обврските од облигациониот договор меѓу страните треба да се изврши во друга држава или
3) доколку страната којашто има спорен однос ги трпи последиците од спорниот однос во друга држава.
(2) Кога медијацијата во спорните односи од ставот (1) на овој член се води во Република Македонија, се применуваат одредбите од овој закон, освен ако страните писмено поинаку не се договориле.
Примена на начелата и стандардите
на медијацијата
Член 5
Прашањата кои стриктно не се уредени со овој закон, се решаваат согласно со начелата на медијација предвидени со овој закон.
II. НАЧЕЛА НА МЕДИЈАЦИЈA
Доброволност
Член 6
(1) Постапката на медијација се спроведува врз основа на стриктна писмена согласност на страните, освен во спорните односи каде што со посебен закон започнувањето на постапка на медијација е предвидена како услов за водење на судска или друга постапка.
(2) Судот или друг орган, кој со посебен закон е обврзан на страните да им укаже на можноста за користење на медијацијата, е должен да ги обезбеди потребните информации до страните за можностите на медијацијата.
(3) Обврската од ставот (2) на овој член судот или друг орган може да ја исполни со упатување на страните во Комората на медијатори.
(4) Ако страните спогодбено не се договорат за начинот на вршење на медијација, медијаторот ја спроведува медијацијата на начинот што го смета за соодветен, земајќи ги во предвид предлозите на страните, околностите на случајот и потребата за брзо решавање на спорниот однос.
Рамноправност
Член 7
(1) Страните се рамноправни во постапката за медијација.
(2) Медијаторот е должен, уважувајќи ги сите околности на спорниот однос, на страните да им обезбеди рамноправна положба.
Неутралност
Член 8
Во постапката за медијација медијаторот постапува неутрално и непристрасно во однос на страните или на спорниот однос.
Доверливост
Член 9
(1) Сите информации што произлегуваат или се поврзани со постапката на медијација ќе останат доверливи, освен ако страните писмено поинаку не се договориле.
(2) Страните, нивните законски застапници и полномошници, медијаторите, третите лица кои присуствуваат на постапката за медијација, како и лицата кои извршуваат административни работи за потребите на медијацијата, се должни сите податоци, предлози и изјави во врска со постапката за медијација да ја чуваат како тајна и одговараат за штетата настаната со повреда на оваа обврска.
(3) Предлозите изнесени во текот на медијацијата, дадени исклучиво во правец на постигнување на спогодбата, не можат да се користат во судска, арбитражна или друга постапка, ниту да се соопштат на друг начин.
(4) Судот или другиот орган кој ја води постапката нема да ги прифати предлозите од ставот (3) на овој член, ако бидат понудени од која било од страните или нивните полномошници.
(5) Одделни информации од ставот (1) на овој член нема да имаат карактер на доверливост, ако:
1) тоа е предвидено со посебен закон;
2) тоа е побарано со цел да се обезбеди заштита на интересите на децата на страните во медијацијата;
3) тоа е побарано заради заштита од повреда на физичкиот или психичкиот интегритет на засегнатото лице во спорниот однос;
4) тоа го бара јавниот интерес и
5) тоа е нужно за спроведување на спогодбата која произлегува од постапката на медијација.
Исклучување на јавноста во медијацијата
Член 10
(1) Во постапката за медијација јавноста е исклучена.
(2) Во постапката за медијација учествуваат страните.
(3) Страната која не е деловно способна, како и страната која има ограничена деловна способност, надвор од границите на деловната способност, ја застапува законски застапник.
(4) Правното лице го застапува законски застапник, односно овластен полномошник.
(5) Полномошниците на страните можат да учествуваат во постапка за медијација, освен ако нивното учество не е исклучено со посебен закон.
(6) Трети лица можат да присуствуваат на постапката за медијација само со дозвола на сите страни кои учествуваат во постапката на медијација.
Еднаквост на страните
Член 11
(1) Страните имаат еднакви можности за учество во постапката за медијација, за што ќе бидат информирани на јасен и разбирлив начин од страна на медијаторот.
(2) Во водењето на постапката медијаторот постапува еднакво со страните имајќи ги предвид околностите на случајот.
Достапност на информации за медијацијата
во други постапки
Член 12
Страните, нивните законски застапници и полномошници, медијаторите, третите лица кои присуствуваат на постапката на медијација, како и лицата кои извршуваат административни работи за потребите на медијацијата, не можат во која било судска или друга постапка да се повикаат на факти, да сведочат или да предлагаат како доказ:
1) факт дека една од страните предложила постапка на медијација или изразила волја да учествува во таа постапка;
2) мислења и ставови изнесени од страните во постапка на медијација, или предлозите изнесени во таа постапка исклучиво со цел за постигнување на спогодбата;
3) можните начини за решавање на спорниот однос кои во текот на постапката за медијација ги изнел медијаторот и фактот дека едната страна во постапката изразила спремност да го прифати предложениот начин на решавање на спорниот однос или
4) исправа подготвена исклучиво за потребите на постапката за медијација, освен под условите од членот 9 став (5) од овој закон.
Ефикасност
Член 13
Постапката на медијацијата е економична, ефикасна и брза постапка до која страните имаат лесен и еднаков пристап.
Правичност
Член 14
(1) Во постапката на медијација се гарантира правично постапување.
(2) Страните треба да бидат поттикнувани од страна на медијаторот целосно да соработуваат во постапката и да обезбедуваат информации за правично решавање на спорниот однос.
III. ПОСТАПКА НА МЕДИЈАЦИЈА
Започнување на постапката на медијација
Член 15
(1) Медијацијата започнува на денот кога страните во спорот во писмена форма се согласиле дека ќе учествуваат во медијација или со потпишување на изјава за согласност дека ќе учествуваат во медијација дадена на записник пред суд.
(2) Страната којашто смета дека постои спорен однос упатува писмена покана преку медијатор до другата страна или до повеќе страни, доколку во спорот се вклучени повеќе страни.
(3) Во рок од седум дена по добивањето на поканата за медијација поканетата страна треба да се јави на средба со медијаторот или на заедничка средба со медијаторот и страната која ја упатила поканата за медијација.
(4) Доколку на средбата една од страните не е согласна спорот да се решава во постапка на медијација истото писмено го потврдува.
(5) Ако страната која поканила друга страна на медијација не добие одговор за прифаќањето на поканата за медијација најдоцна во рок од 15 дена од денот на испраќањето на поканата или во друг пократок рок кој е утврден со поканата, се смета дека предлогот за поведување на постапка на медијација не е прифатен.
(6) Кога со посебен закон е предвидено започнување на постапка на медијација како услов за водење на судска или друга постапка, односно ако страните при склучување на деловниот договор се обврзале спорот да се обидат да го решат со медијација пред започнување на судска или друга постапка, постапката за медијација започнува со поднесување на покана за медијација.
Застареност и преклузија
Член 16
(1) Со постигнување на спогодбата за медијација од членот 15 став (1) од овој закон, започнува застој на рокот за застареност на побарувањето кое е предмет на спорниот однос и трае до завршувањето на постапката за медијација, која не може да трае подолго од 60 дена од денот на започнувањето на медијацијата од членот 15 став (1) од овој закон.
(2) Кога постапката на медијација ќе заврши без постигната спогодба, рокот за застареноста на побарувањето од ставот (1) на овој член ќе продолжи да тече од моментот на завршувањето на постапката за медијација во која не била постигната спогодбата.
(3) Страните кои започнале постапка за медијација немаат право истовремено, односно додека трае постапката на медијација, да започнат судска, арбитражна или друга постапка за спорниот однос кој е предмет на медијацијата, освен ако се работи за времени мерки или мерки за обезбедување.
Број и определување на медијатори
Член 17
(1) Страните спогодбено определуваат дали постапката за медијација ќе ја спроведува еден или повеќе медијатори и спогодбено ги избираат лицата кои ќе бидат медијатори од Именикот на медијатори.
(2) Ако страните не можат да се спогодат за бројот или за лицата кои ќе бидат определени за медијатори, можат да побараат Комората на медијатори да препорача или да го определи бројот на медијатори или да определи медијатор за дадениот спорен однос.
Спроведување на постапка на медијација
Член 18
(1) Пред почетокот на постапката на медијација, медијаторот е должен да ги запознае страните со целите на медијацијата, улогата на медијаторот, правилата и трошоците на постапката на медијација.
(2) Страните слободно се спогодуваат за начинот на спроведување на медијацијата, почитувајќи ги начелата на медијацијата утврдени со овој закон.
(3) Медијаторот може да води заеднички или одвоени разговори со страните, како и
предлозите и ставовите на едната страна, со нејзина согласност, да и ги пренесе на другата страна.
(4) Секоја од страните може да отстапи од натамошно учество во постапката во која било фаза од постапката на медијација за што се должни веднаш писмено да го известат медијаторот.
(5) Медијаторот може да ја прекине постапката на медијација пред истекот на законски утврдениот рок од членот 16 став (1) од овој закон, ако процени дека натамошно спроведување на постапката не е целисходно.
(6) Медијаторот ќе ги почитува начелата на медијацијата, земајќи ги предвид сите околности во спорниот однос, интересите на страните и потребата за брзо и трајно решавање на спорниот однос.
Изнесување на предлози
Член 19
(1) Страните и медијаторот, доколку поинаку не се договориле, можат во кое било време во текот на постапката на медијација да изнесуваат свои предлози за спогодбата со која ќе го решат спорот.
(2) Во случаите од ставот (1) на овој член на секоја страна и се дава можност да се произнесе по предлозите.
Завршување на постапката на медијација
Член 20
(1) Постапката на медијација завршува:
1) со склучување на писмена спогодбата за решавање на спорниот однос меѓу страните, на денот на склучувањето на спогодбата;
2) со писмена изјава на медијаторот, по извршени консултации со страните дека натамошното водење на постапката на медијација не е целисходно (оправдано) на денот на поднесувањето на писмената изјава;
3) со писмена изјава од страните до медијаторот дека постапката на медијација е завршена на денот на поднесувањето на изјавата;
4) со писмена изјава на која било од страните на постапката до другите страни и медијаторот дека постапката за медијација е завршена на денот на поднесувањето на изјавата;
5) со смрт на една од страните на спорниот однос и
6) со престанување на својство на медијаторот кој ја водел постапката.
(2) Постапката на медијација завршува во рок до 60 дена од денот на давањето на изјавата за започнувањето на постапката, без оглед на нејзиниот исход.
Спогодба на страните
Член 21
(1) Спогодбата постигната во постапката на медијација во писмена форма ја изготвуваат страните во постапката или по нивно барање ја изготвува медијаторот, а ја потпишуваат страните во рок од три работни дена од денот на постигнувањето на спогодбата. Содржината на спогодбата ја одредуваат страните.
(2) Спогодбата од ставот (1) на овој член потпишана пред поведувањето на судската постапка, медијаторот ја заверува со свој потпис и ја пријавува во Министерството за правда, заради упис во Регистарот за евиденција на постапките за медијација.
(3) Ако страните не постигнат спогодба заради несогласување за правните прашања, можат да постигнат писмена согласност за фактичките прашања.
(4) Фактичките прашања опфатени со согласноста од ставот (3) на овој член ќе се сметаат за неспорни во судска или друга постапка.
Спогодбата како извршна исправа
Член 22
(1) Кога постапката на медијација се одвивала пред започнување на судската постапка, а страните сакаат на спогодбата да и дадат сила на извршна исправа, содржината на спогодбата во пишана форма, потпишана од страните ја солемнизира нотар согласно со закон.
(2) Ако постапката на медијација се води по упатување на судот, медијаторот е должен во рок од три работни дена по завршувањето на постапката на медијација да го извести судот за начинот на завршување на постапката. Во рок од три работни дена по потпишувањето на спогодбата постигната како резултат на упатување на медијација при прекин на судска постапка, медијаторот е должен да ја достави спогодбата во суд и истата претставува основ за судско порамнување.
Примена на Законот за облигациони односи
Член 23
(1) За склучувањето, дејството и престанувањето на спогодбата постигната во постапка на медијација, ќе се применуваат одредбите од Законот за облигациони односи со кои се уредува вонсудското порамнување.
(2) За материјалната одговорност на медијаторот ќе се применуваат општите начела за основите на одговорноста за причинување на штета според одредбите од Законот за облигациони односи.
Одговорност за штета
Член 24
(1) Медијаторот e одговорен за штетата што тој ја причинил спрема страните и трети лица, со незаконско спроведување на дејствија и со неисполнување на обврските кои ги има како медијатор согласно со овој закон.
(2) Како трети лица се сметаат сите лица на кои им е причинета штета, освен лицата кои се страни во медијацијата.
(3) Незаконското спроведување или неисполнување на обврските на медијаторот
определени со овој закон се утврдуваат со одлука на суд донесена во парнична постапка.
(4) Најнискиот износ на осигурување за кој медијаторот мора да склучи договор за осигурување изнесува 50.000 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на уплатата.
Трошоци на постапка на медијација и награда на медијаторот
Член 25
(1) Во постапката за медијација секоја страна ги намирува своите трошоци од постапката, а заедничките трошоци ги намируваат на еднакви делови, освен ако страните поинаку не се договорат.
(2) Заедничките трошоци ја сочинуваат наградата на медијаторот и трошоците на медијаторот во врска со постапката на медијација.
(3) Висината на наградата и надоместокот на трошоците на медијаторот се определуваат со Тарифник кој го донесува министерот за правда по претходно прибавено мислење од Комората на медијатори.
(4) Наградата на медијаторот за извршената медијација се определува според:
1) вложениот труд и потрошеното време во постапката, согласно со Тарифникот за награда и надоместок на трошоци на медијаторите;
2) видот на спорот и
3) бројот на страните.
(5) Надоместокот на реалните трошоци на медијаторот се определува според административно-техничките трошоци кои ги опфаќаат трошоците потребни за започнување на постапката и нејзино спроведување.
(6) Постапката на медијација може да биде бесплатна за страните во случај кога страните и медијаторот ќе се договорат за тоа или кога тоа е уредено со закон.
Депозит
Член 26
(1) Медијаторот може да побара од страните да депонираат аванс за трошоците на постапката.
(2) Доколку средствата од ставот (1) на овој член не се платени во целост од двете страни во рок од осум дена од денот на приемот на барањето на медијаторот од ставот (1) на овој член, тој може со писмена изјава да се откаже од постапката на медијација која предизвикува дејство од денот на нејзиното изјавување.
(3) По завршувањето на постапката на медијација, медијаторот е должен на страните да им достави доказ за потрошените средства, како и преглед на преземените дејствија, тарифирани согласно со Тарифникот за надоместок и награда на медијаторот.
(4) Непотрошените средства им се враќаат на страните во постапката за медијација.
(5) Медијаторот може да поведе постапка за наплата на надоместокот и наградата што му следува во постапката за медијација, доколку не му биде исплатена во рок од седум дена од потпишувањето на спогодбата од страните во постапката за медијација.
IV. ПОДДРШКА НА МЕДИЈАЦИЈАТА
Развој на медијацијата
Член 27
(1) Владата на Република Македонија донесува програма за развој на медијацијата, во која се определуваат мерки и средства со кои се обезбедува поддршка на медијацијата. Програмата се донесува за период од најмалку четири години.
(2) Посебни програми за поддршка на медијацијата донесуваат Судскиот совет на Република Македонија и Врховниот суд на Република Македонија.
Субвенционирање
Член 28
(1) Заради развој на медијацијата во Република Македонија државата врши субвенционирање на дел од трошоците на медијацијата, ако:
1) со посебен закон започнувањето на постапка за медијација не е предвидено како услов за водење на судска или друга постапка;
2) постапката за медијацијата била спроведена пред започнување на судска постапка;
3) една од страните во постапката за медијација е физичко лице;
4) медијаторот го пријавил предметот за медијација како завршен во Регистарот за евиденција на постапките за медијација и
5) медијаторот презентирал трошковник на образец за наплатени награда на медијаторот и трошоци на медијаторот.
(2) Државата субвенционира само една постапка за медијација меѓу исти страни за еден спорен однос.
(3) Корисник на надоместокот по основ на субвенција е медијаторот кога се исполнети условите од ставот (1) на овој член.
(4) Потребните средства за субвенционирање на медијацијата на годишно ниво ги обезбедува и исплатува Министерството за правда во рамките на сопствениот буџет.
(5) Субвенцијата се исплатува во износ на висината на наплатената награда на медијаторот и трошоците на медијаторот согласно со Тарифникот за награда и надоместок на трошоци на медијаторите.
(6) Поблиските критериуми и начинот на субвенционирањето и образецот за наплатена награда и трошоци на медијаторот ги пропишува министерот за правда.
V. ОДНОС НА МЕДИЈАЦИЈАТА И СУДСКАТА ИЛИ ДРУГА ПОСТАПКА
Упатување на медијација од страна на суд
Член 29
(1) Судот во текот на првостепената постапка им препорачува на страните спорот да го решат во постапка на медијација и истата ја нотира во записникот од рочиштето.
(2) Судијата може, во согласност со странките во спорот, во која било фаза на судската постапка, да ја прекине постапката и да ги упати странките на медијација.
Обврска за плаќање на такса во случај
на медијација
Член 30
(1) Ако во судската постапка до прво рочиште за главна расправа страните започнат постапка на медијација истите не ги плаќаат судските такси утврдени со закон.
(2) Ако постапката на медијација од ставот (1) на овој член не заврши со постигнување на спогодба меѓу страните и судската постапка продолжи, странките се должни да ја платат соодветната судска такса утврдена со закон.
Обезбедување на технички услови за спроведување на медијација
Член 31
Кога постапката за медијација е започната во текот на судската постапка, судот може да овозможи спроведување на медијацијата во судската зграда, согласно со судскиот деловник.
VI. ОРГАНИЗАЦИЈА НА МЕДИЈАТОРИТЕ
Комора на медијатори
Член 32
(1) Лиценцираните медијатори запишани во Именикот на медијатори задолжително се организираат во Комора на медијатори на Република Македонија (во натамошниот текст: Комората).
(2) Комората ги штити угледот и честа на медијаторите и се грижи тие да ја спроведуваат медијацијата согласно со начелата утврдени со овој закон и Етичкиот кодекс на медијатори и се грижи за промоција и унапредување на медијацијата во Република Македонија.
(3) Комората работи како непрофитна организација со својство на правно лице.
(4) Седиштето на Комората е во Скопје.
(5) Комората може да има одделенија и во други градови во Република Македонија, согласно со Статутот на Комората (во натамошниот текст: Статутот).
Доверени јавни овластувања на Комората
Член 33
(1) На Комората и се доверуваат следниве јавни овластувања:
1) водење на Именик на медијаторите;
2) издавање уверенија за факти за кои води евиденција и
3) утврдување на висината на членарината за членовите на Комората.
(2) Во вршењето на работите од ставот (1) на овој член се применуваат одредбите на Законот за општа управна постапка, освен ако со овој закон поинаку не е уредено.
Статут и други општи акти на Комората
Член 34
(1) Статутот го донесува Собранието на Комората врз основа на претходна согласност од Министерството за правда.
(2) Со Статутот се уредува организацијата и работењето на Комората, видовите, составот, начинот на избор и делокругот на органите на Комората кои не се уредени со овој закон, другите општи акти на Комората, како и други прашања од значење за работата на Комората.
Финансирање на работата на Комората
Член 35
(1) Работата на Комората се финансира од:
1) приходи од членарина од членовите на Комората;
2) приходи остварени од издавачка дејност;
3) приходи од подароци и донации и
4) други приходи остварени согласно со закон.
(2) Висината на членарината за членовите на Комората се одредува со акт на Комората.
Надзор над работата на Комората
Член 36
(1) Надзор над работата на Комората кој се однесува на спроведувањето на одредбите од овој закон врши Министерството за правда.
(2) За вршење на надзорот министерот за правда формира Комисија составена од тројца претставници од редот на државните службеници во Министерството за правда. При вршењето на надзорот од страна на Комисијата мора да биде присутен претседателот на Комората или лице овластено од него.
(3) Претседателот на Комората е должен на Комисијата од ставот (2) на овој член да и овозможи пристап до сите простории и увид во сите акти и евиденции кои ги води Комората. Поради спреченост на претседателот на Комората, по негово овластување може да го заменува член на Управниот одбор.
(4) За спроведениот надзор се прави извештај и се укажува за констатираните евентуални недостатоци и нивно отстранување.
(5) Еден примерок од извештајот за спроведениот надзор, Министерството за правда најдоцна во рок од 30 дена по извршениот надзор го доставува до Комората на медијатори.
(6) Комората е должна секоја година во првата недела на април да достави до Министерството за правда извештај за работата на Комората во кој е содржана и завршната сметка доставена до Управата за јавни приходи, како и општа оцена за работата на медијаторите и предлог на мерки за унапредување на примената на медијацијата.
(7) Содржината на извештајот од ставот (6) на овој член и начинот на вршење на надзорот ги пропишува министерот за правда.
Органи на Комората
Член 37
(1) Највисок орган на Комората е Собранието на Комората.
(2) Други органи на Комората се Надзорниот одбор, Управниот одбор, претседателот и Етичкиот совет на Комората.
Собрание на Комората
Член 38
(1) Собранието на Комората го сочинуваат сите лиценцирани медијатори запишани во Именикот на медијатори.
(2) Собранието на Комората ги врши следниве работи:
1) ги застапува и штити професионалните интереси на своите членови;
2) ја донесува програмата за работа на Комората;
3) ја донесува годишната програма за работа на Управниот одбор на Комората;
4) расправа по приговор, претставка, жалба или предлог од Управниот одбор или кој било член на Комората во ситуации кога се поведува постапка за исклучување од членство и бришење на медијатор од Именикот на медијатори;
5) го донесува Статутот на Комората, Етичкиот кодекс на медијаторите, други акти предвидени со овој закон и се грижи за нивната примена;
6) расправа за прашања непосредно поврзани со целите и задачите на здружувањето во Комората;
7) ги избира членовите на органите на Комората согласно со одредбите од овој закон;
8) го усвојува годишниот извештај на Етичкиот совет на Комората;
9) го донесува Деловникот за работа на Собранието на Комората;
10) го усвојува годишниот финансиски извештај за работењето и користењето на средствата на Комората;
11) донесува одлука за користење на средства за одредена намена во износ кој надминува износ од 5.000 евра во денарска противвредност;
12) одлучува за висината на членарината и начинот на нејзиното плаќање и користење;
13) се грижи за промоција и развој на медијацијата во Република Македонија и
14) врши и други работи утврдени со закон и Статутот.
(3) Собранието на Комората се состанува редовно најмалку еднаш годишно и тоа во текот на март. На седницата е потребно присуство од најмалку половина од вкупниот број медијатори запишани во Именикот на медијатори.
(4) Доколку на седницата на Собранието не присуствуваат најмалку половината од вкупниот број медијатори, веднаш се закажува нова седница во рок од осум дена, сметано од денот на неуспешно одржаната седница, за што електронски се известуваат сите лиценцирани медијатори.
(5) За работа на новата седница на Собранието е потребно присуство на една третина на медијатори запишани во Именикот на медијатори, а за донесување на одлуките е потребно мнозинство од присутните членови.
Собрание за избор на органите на Комората
Член 39
(1) Изборот на членови во органите на Комората се врши на Собрание за избор на органите на Комората (во натамошниот текст: Изборното собрание), од редот на членовите на Комората. На Изборното собрание е потребно присуство од најмалку половина од вкупниот број медијатори запишани во Именикот на медијатори.
(2) На Собранието за избор на органите на Комората прво се врши избор на членови во Надзорниот одбор, потоа на членови во Управниот одбор, а на крајот се врши изборот на претседател на Комората.
(3) Изборното собрание се закажува 60 дена пред истекот на мандатот на органите на Собранието.
(4) Кандидатите за членови на органите на Комората, се должни во рок не пократок од седум дена пред одржување на Изборното собрание да ја истакнат својата кандидатура до Комисијата за верификација на кандидати на органите на Комората - формирана во согласност со Статутот на Комората, која е должна истите да ги објави на веб страницата на Комората.
(5) Секој кандидат за претседател на Комората е должен да поднесе целосна програма за мандатот за којшто ќе го извршува и истата да биде објавена на веб страницата на Комората, пред одржувањето на Изборното собрание.
(6) Членовите на органите на Комората се должни во рок од 15 дена по одржувањето на Изборното собрание да извршат примопредавање на функциите на новоизбраните членови на органите на Комората.
(7) Изборот на сите органи на Комората во Собранието се врши лично, по пат на тајно гласање.
(8) Изборот на органите на Комората, со исклучок на претседателот на Комората, се врши со обично мнозинство.
(9) За претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од присутните членови на Изборното собрание. Ако кандидатите за претседател не го добијат потребниот број гласови се организира втор круг на гласање.
(10) Во вториот круг на гласање за избор на претседател влегуваат двајцата кандидати кои имаат најголем број на гласови.
(11) За избран претседател во вториот круг се смета кандидатот кој добил повеќе гласови од присутните членови на Изборното собрание, но не помалку од една четвртина од вкупниот број членови присутни на Изборното собрание.
(12) Ако и по вториот круг не се избере претседател, постапката се повторува по трет пат, по правилата како за вториот круг, а за избран претседател се смета кандидатот кој добил повеќе гласови од присутните членови на Собранието.
Надзорен одбор
Член 40
(1) Надзорниот одбор ја следи примената на одредбите од овој закон, Статутот и другите општи акти на Комората од страна на органите и телата на Комората. Надзорниот одбор го проверува и материјалното и финансиското работење на Комората.
(2) Сите органи и тела на Комората се должни да му обезбедат услови за работа на Надзорниот одбор, во врска со вршењето на надзорот.
(3) Надзорниот одбор има три члена кои ги избира Собранието на Комората согласно со одредбите на членот 39 од овој закон.
(4) Мандатот на членовите на Надзорниот одбор трае две години со можност за еднократен реизбор.
Управен одбор
Член 41
(1) Управниот одбор е извршен орган на Собранието.
(2) Управниот одбор е составен од седум члена, а начинот на работа на Управниот
одбор се уредува со Статутот на Комората и со Деловникот за работа на Управниот одбор.
(3) Мандатот на членовите на Управниот одбор трае две години со можност за еднократен реизбор.
(4) Управниот одбор:
1) ги подготвува седниците на Собранието на Комората;
2) утврдува предлог на Статутот и другите акти на Комората кои ги усвојува
Собранието на Комората и прибавува претходна согласност од Министерството за правда за актите за кои тоа е предвидено со одредбите од овој закон;
3) ја спроведува политиката и ги извршува заклучоците и одлуките донесени од Собранието на Комората;
4) се грижи за наплата на членарината;
5) управува и одговара за средствата и имотот на Комората;
6) составува предлог на периодична и годишна пресметка;
7) одлучува за други прашања кои се во негова надлежност согласно со закон или Статутот;
8) се грижи за примена на Статутот, Етичкиот кодекс на медијаторите и другите општи акти на Комората;
9) дава стручна помош на членовите на Комората заради унапредување на праксата во спроведување на медијацијата;
10) ја следи примената на прописите од значење за медијацијата;
11) објавува студии, зборници на трудови, стручни прирачници, информатори и други документи од областа на медијацијата;
12) организира научни и стручни собири од областа на медијацијата;
13) ја информира стручната и широката јавност за медијацијата и
14) врши и други работи определени со овој закон, Статутот и општите акти на Комората.
Претседател на Комората
Член 42
(1) Комората на медијатори ја претставува и застапува претседателот на Комората. Претседателот на Комората по функција е претседател на Управниот одбор.
(2) Во отсуство на претседателот, по негово овластување или со одлука на Управниот одбор, Комората може да ја застапува и член на Управниот одбор.
(3) Претседателот на Комората ги потпишува одлуките на Собранието и на Управниот одбор.
(4) Претседателот на Комората го избира Собранието со мандат од две години, со можност за еднократен реизбор.
Етички совет на Комората
Член 43
(1) Етичкиот совет на Комората (во натамошниот текст: Етичкиот совет) се грижи за примена на Етичкиот кодекс на медијаторите.
(2) Етичкиот совет е составен од седум члена со мандат од три години без право на повторен избор.
(3) Мандатот на член на Етичкиот совет престанува пред истекот на времетраењето за кое е избран во случај на смрт, оставка или изречена дисциплинска санкција или правосилна судска пресуда.
(4) Ако мандатот на член на Етичкиот совет престане пред истекот на времетраењето за кое е избран, тогаш Собранието избира член на Етичкиот совет во рок од три месеци.
(5) Претседателот на Етичкиот совет се избира од редовите на членовите на Етичкиот совет.
(6) За член на Етичкиот совет не може да биде избрано лице за кое во последните пет години има изречено дисциплинска санкција или правосилна судска пресуда.
(7) За член на Етичкиот совет не може да биде избрано лице кое не навршило 35 години возраст во време кога се врши изборот и да биде најмалку три години член на Комората.
(8) За член на Етичкиот совет може да биде избран медијатор кој ги промовира програмските определби и етиката при постапувањето на медијаторот во општеството во пишана или говорна форма.
(9) Етичкиот совет донесува Деловник за својата работа.
(10) Етичкиот совет се состанува најмалку еднаш во два месеца, а за своите состаноци изработува записник.
(11) Етичкиот совет за својата работа со писмен извештај го информира Управниот одбор во кој дава и мислење, насоки и предлози за надминување на спорните прашања наведени во извештајот.
(12) Етичкиот совет расправа по иницијатива или предлог за примената на Етичкиот кодекс, доставен во писмена форма, потпишан од подносителите.
(13) Етичкиот совет доставува покана до страните на кои се однесува иницијативата или предлогот.
(14) Етичкиот совет по завршувањето на расправата од ставот (12) на овој член донесува мислење со мнозинство од вкупниот број членови на Етичкиот совет.
(15) Мислењето на Етичкиот совет се доставува до Собранието на Комората кој е должен да го постави на разгледување на седница на Собранието, по што донесува одлука за прифаќање или отфрлање на истото.
Член 44
Подносители на иницијативата, односно предлогот од членот 43 став (11) од овој закон за примена на Етичкиот кодекс, може да бидат орган на Комората, медијатор - член на Комората, група на медијатори, страните во постапка на медијација, како и друго физичко или правно лице засегнато од спорниот однос.
Именик на медијатори
Член 45
(1) Медијаторот кој има лиценца за вршење на медијаторски работи од членот 46 од овој закон се запишува во Именикот на медијатори кој го води Комората.
(2) Се смета дека уписот во Именикот на медијатори е извршен на денот кога медијаторот кој ги исполнува условите предвидени со овој закон ќе достави пријава за упис во Комората.
VII. МЕДИЈАТОР
Услови за медијатор и вршење на медијаторски
работи
Член 46
(1) Медијатор може да биде деловно способно физичко лице кое поседува лиценца за вршење на медијаторски работи (во натамошниот текст: лиценца за медијатор).
(2) Лиценца за медијатор му се издава на лицето кое ќе го положи испитот за проверка на теоретските познавања и практичните вештини на медијацијата (во натамошниот текст: испит за медијатори) пред Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата (во натамошниот текст: Одборот) ќе презентира склучен договор за осигурување од одговорност за штета согласно со членот 24 став (4) од овој закон.
(3) Издадената лиценца важи пет години и истата може да се продолжи или одземе во зависност од резултатите од евалуацијата на квалитетот на работењето на медијаторот.
(4) Евалуацијата на квалитетот на работењето на медијаторите ја врши Одборот најмалку еднаш во пет години согласно со методологијата и постапката за вршење на мониторинг и евалуација на квалитетот на работењето на медијаторите.
(5) Формата и содржината на лиценцата за медијатор ги пропишува министерот за правда.
Испит за медијатори
Член 47
(1) Испитот за медијатор можат да го полагаат лицата кои до Одборот доставиле пријава за полагање испит заедно со доказ за:
а) завршено високо образование VII/I или 300 кредити според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС) во Република Македонија или решение за признавање на соодветна високообразовна квалификација стекната во странство издадено од Министерството на образование и наука;
б) завршена обука според акредитирана програма за обука на медијатори од најмалку 70 часа во Република Македонија, односно странство, или решение за признавање на соодветна обука завршена во странство донесено од Одборот;
в) најмалку три години работно искуство по дипломирањето;
г) проследени најмалку четири постапки за медијација спроведени од медијатор за што е издадена потврда од медијатор поткрепена заедно со извод од Регистарот за евиденција на постапките за медијација за соодветните постапки;
д) спроведен психолошки тест и тест на интегритет издаден од лиценцирано стручно лице;
ѓ) уверение за државјанство на Република Македонија и
е) најмалку пет препораки од лица кои професионално го познаваат апликантот.
(2) Кандидатите на кои им е одобрено барањето за полагање на испитот и јавноста се информираат за датумот и времето на полагање на испитот, најмалку осум дена пред одржување на испитот преку веб страната на Министерството за правда и Јавниот радиодифузен сервис.
(3) Со испитот за медијатор се проверува познавањето и разбирањето за општата теорија, правните прописи со кои се уредува дејноста медијатор, процесот и постапката на медијација и практика за медијацијата, врз основа на писмени тестови, есеи и извештаи.
(4) Лицето од ставот (1) на овој член е должно да ги надомести трошоците за полагање на испитот.
(5) Министерот за правда ја утврдува висината на реално направените трошоци за полагање на испитот, неопходни за спроведување на првиот и вториот дел од испитот, подготовката на базите на прашања и студии на случај, спроведувањето на електронскиот тест, подготовка на материјали и покани и подготовка на уверенија.
(6) Трошоците за полагање на испитот се уплатуваат на сметката на сопствени приходи на Министерството за правда.
(7) Ако трошоците не се уплатени на соодветната сметка на Министерството за правда, најдоцна 15 дена пред денот определен за почеток на испитната сесија, на лицето нема да му се дозволи полагање на испитот.
(8) Ако лицето во рок од една година од денот на уплатата на средствата не го полага испитот, уплатените средства се враќаат согласно со закон.
Програма за полагање на испитот за медијатор и испитни сесии
Член 48
(1) Испитот се состои од три дела, и тоа:
- прв дел (теоретски дел), со кој се проверува теоретското знаење
- втор дел (студија на случај), со кој се проверува способноста за спроведување на процес на медијација во практиката и
- трет дел, во кој се оценуваат личните особини и карактеристики и практичните вештини, способности и знаења за медијација.
(2) Испитот од ставот (1) алинеи 1 и 2 на овој член се полага писмено по електронски пат со одговарање на определен број прашања во вид на решавање на електронски тест на компјутер од сферата на:
1) знаење за медијација;
2) вештини на медијаторот;
3) градење на добри односи;
4) мотивирање на учесниците за процесот на медијација;
5) реализирање на комуникацијата меѓу учесниците;
6) регулирање на процесот на медијација и
7) разбирање со содржината на конфликтното прашање.
(3) Вториот дел на испитот се состои од студија на два индивидуални случаи за спроведување на постапка на медијација и прашања што треба лицето да ги одговори врз основа на анализата на случајот.
(4) Третиот дел на испитот се реализира како интервју со лицето со цел да се оценат неговите лични особини, карактеристики и потребните вештини и способности за медијатор да ги слуша страните, да го разбере кажаното од нив и да го парафразира, сублимира и елоквентно презентира пред нив во форма што ги изразува нивните интереси. Лицето преку одреден случај (играње на улога) треба да ги демонстрира и презентира постапките и техниките на медијацијата.
(5) Испитот се полага најмалку два пати во текот на годината според програма во која се содржани градивото и прописите.
(6) Програмата за полагање на испитот ја донесува министерот зa правда.
Формирање на базата на прашања за првиот дел и базата на студии на
случај за вториот дел од испитот за медијатори
Член 49
(1) Базата на прашања за првиот дел и базата на студии на случај за вториот дел од испитот ја формира Одборот.
(2) За подготвување на прашањата од првиот дел од испитот, студиите на случај од вториот дел на испитот и случаите за оцена на вештините министерот за правда ангажира судии, професори од факултети на акредитираните универзитети во Република Македонија, социолози, психолози, педагози, адвокати, стопанственици, медијатори и други.
(3) Одборот врши ревизија и ажурирање на базите на прашања и базите на студии на случај од членот 48 на овој закон најмалку двапати годишно.
(4) При ревизијата Одборот особено ги има предвид измените на правните прописи на кои е засновано прашањето, односно случајот, бројот на лицата кои го одговарале, успешноста во одговарањето на истите, како и други критериуми кои можат да влијаат на подобрувањето на квалитетот на базите од членот 48 од овој закон.
(5) Врз основа на извршената ревизија и ажурирање на базите на прашања и базите на студии на случај, Одборот одлучува најмалку 30% од прашањата и студиите на случај да бидат изменети или целосно отстранети и заменети со нови од базите од член 51 на овој закон.
(6) Лицата од ставот (2) на овој член и членовите на Одборот имаат право на паричен надоместок што го определува министерот за правда.
(7) Износот на паричниот надоместок од ставот (5) на овој член се определува врз основа на бројот на изготвени прашања и студии на случај.
(8) Годишниот износ на паричниот надоместок од ставот (5) на овој член не го надминува нивото на месечна плата на судија во апелационен суд.
Полагање на испитот
Член 50
(1) Стручните и административните работи за потребите на спроведување на испитот за медијатори ги врши Министерството за правда за што министерот за правда определува одговорно лице кое утврдува дали кандидатот ги исполнува условите за полагање на испитот, а испитот технички го спроведува правно лице регистрирано во Централниот регистар избрано од министерот за правда.
(2) Со глоба од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе се казни лицето од ставот (1) кое ќе дозволи да полага кандидат кое не ги исполнува пропишаните услови од овој закон.
(3) На одговорното лице од став (1) на овој член за секоjа одржана испитна сесија му следува паричен надоместок, во износ од една третина од просечната нето плата во Република Македонија, за што Министерството за правда донесува решение.
(4) Испитот се полага во просторија за полагање на испит, посебно опремена за полагање на стручен испит со материјално-техничка и информатичка опрема, интернет врска и опрема за снимање на полагањето.
(5) Полагањето на испитот се снима и во живо се емитува на веб страницата на Министерството за правда, а ако поради технички причини снимањето се прекине, снимката од целиот испит се поставува на веб страницата на Министерството за правда.
(6) Критериумите во однос на просторните услови и материјално-техничката и информатичката опрема на просториите за полагање на испит за медијатори ги пропишува министерот за правда.
(7) За време на полагањето на испитот на лицето не му се дозволува користење на мобилен телефон, преносни компјутерски уреди и други технички и информатички средства, законски текстови, претходно подготвени предмети и слично. Воедно не е дозволено меѓусебно контактирање на лицата кои го полагаат испитот.
(8) Во просторијата за полагање на испитот за време на полагањето присутни се по еден претставник на Министерството за правда и Министерството за информатичко општество и администрација и еден претставник од Владата на Република Македонија на предлог на Канцеларијата на претседателот на Владата.
(9) На претставниците од ставот (8) на овој член за секоја одржанa испитна сесија им следува паричен надоместок, во износ од една третина од просечната нето плата во Република Македонија, за што Министерството за правда донесува решение.
(10) Овластеното правно лице кое технички го спроведува испитот е должно да го блокира радио френквенцискиот опсег во просторијата за полагање на испитот за време на спроведување на испитните сесии.
(11) Агенцијата за електронски комуникации (во натамошниот текст: АЕК) врши постојан мониторинг на блокирањето на радио френкфенцискиот опсег во просторијата за полагање на испитот, со цел да се спречи секаков вид на електронска комуникација со околината надвор од просторијата за полагање на испитот.
(12) АЕК во просторијата за полагање на испитот инсталира мерна опрема која обезбедува електронски запис од извршените мерења во траење од 30 дена и истите се
складираат во централниот контролен систем на АЕК.
(13) АЕК формира тричлена комисија која изготвува извештај врз основа на електронските записи складирани во централниот контролен систем на АЕК и истиот го доставува до Министерството за правда најдоцна во рок од 15 дена од завршување на испитната сесија.
(14) Глоба во износ од 10.000 евра во денарска противредност ќе се изрече на овластеното правно лице кое технички го спроведува испитот од ставот (1) од овој член доколку не го блокира радио фрекфенцискиот опсег во просторијата за полагање на испитот.
(15) Овластените претставници од ставот (8) на овој член за време на полагањето на испитот не смеат да се задржуваат подолго од пет секунди во непосредна близина на лицето кое го полага испитот, освен во случај на отстранување на технички проблем кога не смеат да се задржат подолго од пет минути.
(16) Ако техничкиот проблем со компјутерот ќе биде отстранет за пет минути, испитот продолжува, а доколку не биде отстранет во овој рок испитот само за тоа лице прекинува и ќе се одржи во рок од најмногу три дена од денот на прекинатиот испит. Ако има технички проблеми на повеќе од пет компјутери и тие не бидат отстранети во рок од пет минути испитот се прекинува за сите лица кои го полагаат испитот и ќе се одржи во рок од најмногу три дена од денот на прекинатиот испит.
(17) Доколку лицето кое го полага испитот постапува спротивно на ставот (7) на овој член, не му се дозволува натамошно полагање на испитот и се констатира дека лицето не го положило испитот во записникот од полагање на испитот и му се изрекува забрана за полагање на испитот во траење од три години, за што министерството за правда донесува решение против кој може да се поведе управен спор пред надлежен суд во рок од 30 дена од денот на приемот на решението .
(18) Глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе им се изрече на овластените претставници од ставот (8) од овој член ако постапат спротивно на ставот (7) од овој член.
(19) Глоба во износ од 100 до 200 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на кандидатот кој постапува спротивно на ставот (7) од овој член.
(20) Првиот дел од испитот содржи најмалку 50 прашања со пет опции за избор од кои една е точна, две се слични, една не е точна во мал обем (на неа се губат мал број поени) и една не е точна во голем обем (на неа се губат поголем број поени). Ако лицето при полагање на првиот дел од испитот за медијатор освои повеќе од 70% од вкупниот број поени, тогаш се стекнува со право да го полага вториот дел од испитот.
(21) Вториот дел од испитот од членот 48 став (3) од овој закон се состои од две студии на случај кои се однесуваат на спроведување на процес на медијација. Прашањата кои се составен дел од студиите на случај имаат десет можни опции на одговори од кои едната е точна, пет се слични и четири се различни. Ако лицето при полагање на двата дела од испитот за медијатор освои повеќе од 70% од вкупниот број поени, тогаш се стекнува со право да го полага третиот дел на испитот.
(22) Третиот дел од испитот лицето за медијатор го полага пред Комисија од пет члена, составена од претставници на Одборот. Комисијата лицето за медијатор го оценува со оцена „задоволува“, односно „не задоволува“, согласно со вредносните критериуми за оцена на личните особини, карактеристики и потребните вештини и способности за медијатор, утврдени од страна на министерот за правда. Лицето кое добило оцена „задоволува“ го положил испитот за медијатор и се стекнува со право да аплицира за лиценца за медијатор.
(23) Министерот за правда формира Комисија за ревизија на одржаните испити, во која членуваат: два претставника на Одборот, претставник на Владата на Република Македонија, претставник на Министерството за правда и претставник на Министерството за информатичко општество и администрација.
(24) Комисијата од став (23) на овој член се состанува по секоја одржана испитна сесија и врши ревизија на спроведување на испитот, вклучувајќи и дали испитот го полагале кандидати кои не ги исполнуваат условите за полагање на испитот согласно член 47 од овој закон, за што доставува извештај до министерот за правда.
(25) Со глоба од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе се казнат членовите на Комисијата од став (23) на овој член доколку утврдат неправилности во спроведувањето на испитот, а за тоа не го известат министерот за правда.
(26) На членовите на Комисијата од ставот (23) на овој член им следува паричен надоместок, кој на годишно ниво изнесува една просечна нето плата во Република Македонија, за што Министерството за правда донесува решение.
(27) Доколку Комисијата од став (23) утврди нерегуларности во спроведувањето на испитот од страна на поединци во смисла на ставот (7) на овој член, ќе предложи одземање на уверението за положен испит.
(28) Министерот за правда донесува решение за одземање на уверението врз основа на предлогот на Комисијата од став (23) во рок од три дена од приемот на предлогот. Против решението може да се поведе управен спор пред надлежен суд во рок од 30 дена од приемот на решението.
(29) Глоба во износ од 1.000 до 1.500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на министерот за правда ако не го донесе решението во рокот утврден во ставот (28) на овој член.
(30) Глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на овластеното правно лице од ставот (1) на овој член кое технички го спроведува испитот доколку не го снима, емитува во живо на веб страницата на Министерството за правда или не ја постави снимката на целиот испит на веб страницата на Министерството за правда согласно со ставот (3) на овој член.
(31) Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на овластениот претставник од ставот (8) на овој член, доколку постапи спротивно на ставот (7) на овој член.
(32) Глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на овластеното правно лице од ставот (1) на овој член кое технички го спроведува испитот доколку не го прекине испитот согласно со ставот (16) на овој член.
(33) За прекршоците пропишани со овој член прекршочна постапка ќе води и прекршочна санкција ќе изрече надлежен суд.
(34) Надзор врз спроведувањето на одредбите на овој член врши Министерството за правда.
Член 50-а
Одмерувањето на глобата за правното лице се врши согласно Законот за прекршоците.
Начин на полагање
Член 51
(1) Полагањето на првиот дел од испитот за медијатори се врши со одговарање на прашањата.
(2) Прашањата од тестот зависно од тежината, се вреднуваат со определен број поени и се полагаат електронски.
(3) Прашањата содржани во тестовите за полагање на првиот дел на испитот за медијатори и нивните одговори се чуваат во единствениот електронски систем за полагање на испит за медијатори
(4) Електронскиот систем од ставот (3) на овој член содржи и јавно достапна база од најмалку 2.000 прашања за потребите од првиот дел од испитот, како и јавно достапна база од најмалку 100 студии на случај за потребите на вториот дел од испитот.
(5) Во електронскиот систем е содржано и посочување на прописите и стручната литература во кои се содржани одговорите на прашањата од првиот дел од испитот и прописите за вториот дел од испитот.
(6) Резултатите од полагањето на првиот и вториот дел од испитот му се достапни на лицето, на компјутерот на кој го полагал испитот, веднаш по неговото завршување.
(7) Електронскиот систем за полагање на испитот не може да дозволи постоење на идентична содржина на електронскиот тест за првиот дел на испитот, односно електронска студија на случај за вториот дел од испитот, во еден термин за повеќе од едно лице.
(8) Условите и начинот на полагање на испитот за медијатори ги пропишува министерот за правда.
Медијатори во специфични области
Член 52
(1) За вршење медијација во спорни односи од одредени области каде што со закон е предвиден задолжителен обид за медијација, можат да се утврдат дополнителни услови, кои покрај условите предвидени во членот 46 од овој закон, треба да ги исполнува лицето за полагање на испит за медијатор во дадената област, како и надзорот и контролата над нивното работење.
(2) За случаите од ставот (1) на овој член во лиценцата на медијаторот се внесува податок за специфичната област.
Услови за обучувач на медијатори и вршење
на обука на медијатори
Член 53
(1) Обуката на медијатори ја вршат обучувачи на медијатори.
(2) Обучувачи на медијатори можат да бидат сите деловно способни физички лица кои поседуваат лиценца за обучувач на медијатори (во натамошниот текст: лиценца за обучувач).
(3) Лиценца за обучувач им се издава на лицата кои до Одборот ќе достават барање за издавање на лиценца заедно со доказ за:
1) завршени обуки за обучувачи на медијатори од вкупно најмалку 32 часа во Република Македонија, односно странство во последните три години или универзитетска диплома за завршено високо образование VII/I или 300 кредити според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС) во Република Македонија во областа на медијацијата, решавањето на конфликти, преговарањето, односно мирењето или решение за признавање на соодветна високо - образовна квалификација стекната во странство во соодветната област издадено од Министерството за образование и наука на Република Македонија;
2) упис во Регистарот на медијатори или соодветен регистар од странска држава, доколку апликантот е странски државјанин, за својство на медијатор;
3) упис од Регистарот за евиденција на постапките за медијација или соодветен регистар од странска држава доколку апликантот е странски државјанин, за спроведени најмалку 12 постапки за медијација во последните три години и
4) најмалку две препораки од лица кои професионално го познаваат апликантот и сведочат за неговите способности за пренесување на теоретско и практично знаење.
(4) Издадената лиценца за обучувач може да се продолжи или одземе во зависност од резултатите од евалуацијата на квалитетот на работењето на обучувачите на медијатори.
(5) Евалуацијата на квалитетот на работењето на обучувачите ја врши Одборот најмалку еднаш во пет години согласно со методологијата и постапката за вршење на мониторинг и евалуација на квалитетот на работењето на обучувачите на медијатори.
(6) По покана и во присуство на обучувачите на медијатори, дел од обуката на медијатори, не поголем од 10%, можат да вршат и истакнати стручњаци од практиката од соодветна област од значење за медијацијата.
(7) Формата и содржината на лиценцата за обучувач ги пропишува министерот за правда.
Услови за акредитација на програма за обука
на медијатори
Член 54
(1) Обуката на медијатори се врши според акредитирани програми за обука на медијатори.
(2) Акредитација се издава на програми кои ќе ги исполнат условите за акредитација на програмите за обука на медијатори.
(3) Условите за акредитација на програмите за обука на медијатори и кругот на лицата кои можат до Одборот да поднесат барање за акредитација на програми ги утврдува Одборот.
(4) Издадената акредитацијата може да се продолжи или одземе во зависност од резултатите од евалуацијата на квалитетот на спроведувањето на акредитираните програми за обука на медијатори.
(5) Евалуацијата на квалитетот на спроведувањето на акредитираните програми за обука на медијатори ја врши Одборот најмалку еднаш во пет години согласно со методологијата и постапката за вршење на мониторинг и евалуација на квалитетот на спроведувањето на акредитираните програми за обука на медијатори.
Регистри и водење на регистрите
Член 55
(1) Лицата на кои им е издадена лиценца за обучувач се запишуваат во Регистарот на обучувачи на медијатори.
(2) Програмите за обука на медијатори на кои им е издадена акредитација се запишуваат во Регистарот на акредитирани програми за обука на медијатори.
(3) Лицата, односно програмите на кои им е одземена лиценцата, односно акредитацијата се бришат од соодветниот регистар.
(4) Регистарот на обучувачи на медијатори и Регистарот на акредитирани програми за обука на медијатори ги води Одборот.
VIII. ОБЕЗБЕДУВАЊЕ, СЛЕДЕЊЕ И ОЦЕНУВАЊЕ НА КВАЛИТЕТ
НА РАБОТИТЕ НА МЕДИЈАЦИЈАТА
Одбор за обезбедување, следење и оценување на квалитетот
на работите на медијацијата
Член 56
(1) Квалитетот на работите на медијацијата го обезбедува, следи и оценува Одборот.
(2) Одборот има печат кој содржи натпис Република Македонија - Одбор за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата - Скопје. Во средината на печатот е грбот на Република Македонија.
Состав на Одборот
Член 57
(1) Одборот е составен од десет члена именувани од Владата на Република Македонија, и тоа:
- еден член на предлог на Комората од редот на медијаторите запишани во Именикот на медијатори,
- еден член на предлог на Судскиот совет на Република Македонија од редот на судиите на истиот,
- еден член на предлог на Адвокатската комора на Македонија од редот на адвокатите,
- еден член на предлог на Интер - универзитетската конференција од редот на професорите на високообразовните установи,
- еден член на предлог на Комората на психолози на Македонија од редот на дипломирани психолози со посебна лиценца за вршење на психолошка дејност,
- еден член на предлог на Министерството за правда од редот на вработените кои работат на прашања од областа на медијација,
- еден член на предлог на Министерството за труд и социјална политика од редот на вработените кои работат на прашања од областа на медијација,
- еден член на предлог на Министерството за економија од редот на вработените кои работат на прашања од областа на медијацијата,
- еден член од редот на стопанските комори во Република Македонија и
- еден член на предлог на Здружението на потрошувачи на Република Македонија.
(2) Од редот на членовите на Одборот, Владата на Република Македонија именува претседател на Одборот кој го застапува и претставува Одборот и врши други работи утврдени со закон.
(3) Членовите на Одборот имаат право на месечен паричен надоместок за присуство на седниците на Одборот, најмногу во износ од половина од просечната нето плата во Република Македонија, во зависност од бројот на одржани седници и нивно присуство на седниците, како и право на надоместок на патните трошоци во рамки на реално направените трошоци за што Министерството за правда донесува решение. Доколку во текот на месецот не се одржи седница на Одборот, членовите немаат право на месечен паричен надоместок.
(4) Начинот на пресметување на месечниот паричен надоместок и признавањето на
патните трошоци од ставот (3) на овој член ги пропишува министерот за правда.
Мандат на членовите на Одборот
Член 58
(1) Членовите на Одборот се именуваат за време од четири години. Едно лице не може да биде именувано за член на Одборот повеќе од двапати едноподруго. Претседателот на Одборот се именува за период од четири години без право на реизбор.
(2) Мандатот на член на Одборот престанува со истекот на времето за кое е именуван во следниве случаи:
- по лично барање,
- кога Одборот ќе констатира дека не е во состојба да ги врши обврските подолго од шест месеци или
- кога ќе се утврди постоење на судир на интереси или не спојливост на функции согласно со закон.
Делокруг на работа на Одборот
Член 59
(1) Одборот, врз основа на начелото на самостојност и стручност ги врши следниве работи:
а) ја утврдува исполнетоста на условите за издавање на уверение за завршена обука на медијатори;
б) ја формира базата на прашања за полагање на испит за медијатори;
в) ги утврдува, испитните сесии и начинот на полагање на испит за медијатори, го организира и спроведува испитот и ги издава уверенијата за положен испит;
г) ги издава лиценците за медијатори и за обучувачи на медијатори;
д) акредитира програми за обука на медијатори и креира систем на следење на постапки на медијација во рамките на обуката за лицата кои посетуваат обука за медијатор;
ѓ) води регистар на обучени медијатори, обучувачи на медијатори, односно акредитирани програми за обука на медијатори;
е) ја утврдува методологијата и начинот за вршење на мониторинг и евалуација на квалитетот на работењето на медијаторите, обучувачите на медијатори, односно спроведувањето на акредитираните програми за обука на медијатори, го следи и оценува квалитетот на работењето на медијаторите, обучувачите на медијатори, односно спроведувањето на акредитираните програми за обука на медијатори и врз основа на резултатите од периодичната евалуација донесува одлуки за продолжување или одземање на лиценците, односно акредитациите;
ж) ги разгледува и одлучува по поплаките на работењето на обучувачите на медијација, односно спроведувањето на програмите за обука за медијација и
з) врши други работи утврдени со закон.
(2) Начинот на вршење на работите од ставот (1) на овој член поблиску се уредува со Деловник на Одборот, по претходно добиена согласност од Владата на Република Македонија.
Организација и работа на Одборот
Член 60
(1) Конститутивната седница на Одборот ја свикува и со неа раководи министерот за правда.
(2) За вршење на работите од својот делокруг Одборот формира стручни и испитни комисии од редот на членовите. По потреба Одборот во комисиите може да ангажира и надворешни стручни лица.
(3) Стручните и административните работи за потребите на Одборот ги врши Министерството за правда.
Средства за работа на Одборот
Член 61
(1) Средства за работа на Одборот се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија и од сопствени приходи.
(2) Министерот за правда донесува Тарифник за висината на реално потребните трошоци за полагање на испитот за медијатор, признавање на обуките завршени во странство и издавање на лиценците, односно акредитациите од овој закон.
(3) Трошоците од ставот (2) на овој член се на товар на апликантот.
IX. ИНФОРМИРАЊЕ
Член 62
Министерството за правда, судовите во Република Македонија и Комората го објавуваат Именикот на медијатори на нивните интернет страници. Судовите го објавуваат Именикот на медијатори и на огласните табли на судовите.
X. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 63
Лицата кои до денот на влегувањето во сила на овој закон се запишани во Именикот на медијатори, како и лицата кои до денот на влегувањето во сила на овој закон завршиле обука за медијатори, согласно со Правилникот за начинот и постапката на спроведување на обука за медијатори („Службен весник на Република Македонија” број 12/11), подлежат на постапката за лиценцирање од членот 46 од овој закон, при што се должни да презентираат доказ за исполнетост на условите од членот 47 став (1) точки д), ѓ) и е) од овој закон.
Член 64
(1) Во рок од еден месец од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе се формира Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата.
(2) Во рок од два месеца по формирањето Одборот ќе ја утврди програмата и начинот за полагање на испити за медијатор и ќе ги формира стручните и испитните комисии на Одборот согласно со одредбите од овој закон.
(3) Во рок од шест месеци по формирањето Одборот ќе го организира првиот испит за медијатори.
(4) Во рок од седум месеци по формирањето Одборот ќе започне со постапката за лиценцирање на медијаторите.
Член 65
Во рок од четири месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон министерот за правда ќе ги донесе подзаконските акти предвидени со овој закон.
Член 66
Комората на медијатори формирана согласно со Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија” број 60/2006, 22/2007 и 114/2009) престанува да функционира со денот на конституирањето на Комората согласно со овој закон.
Член 67
Комората предвидена во членот 32 од овој закон ќе го одржи своето Изборно собрание и ќе изврши избор на своите органи согласно со овој закон. Изборното собрание ќе го свика министерот за правда, а со него до изборот на органите ќе претседава претседателот на Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата.
Член 68
Со денот на започнувањето на примената на овој закон престанува да важи Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија” број 60/2006, 22/2007 и 114/2009).
Член 68-а
(1) Медијаторите кои се стекнале со лиценца за медијатор согласно со членот 46 од овој закон, а не се запишани во Именикот на медијатори од денот на влегувањето во сила на овој закон до денот на нивното запишување во Именикот на медијатори, можат да вршат медијаторски работи согласно со одредбите од овој закон.
(2) Медијаторите од ставот (1) на овој член се должни да достават пријава до Комората
на медијатори за упис во Именикот на медијатори во рок од 30 дена од денот на формирањето на Комората.
(3) Доколку медијаторите од ставот (1) на овој член не поднесат пријава за упис во Именикот на медијатори во рокот од ставот (2) на овој член, немаат право да вршат медијаторски работи согласно со одредбите на овој закон.
Член 69
Ако со посебен закон постапката за медијација е уредена како законска претпоставка која претходи на започнувањето на судска постапка, таквите законски одредби утврдени со посебниот закон имаат важност од три години сметано од денот на примената на посебниот закон.
Член 70
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”, а ќе започне да се применува девет месеци по денот на влегувањето во сила.