Денеска (05.04.2011), министерот за правда Михајло Маневски оствари средба со шефот на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија Н.Е. г. Питер Соренсен, во придружба на претставниците од Делегацијата на Европската унија: г. Роберт Лидел, раководител на одделот за политика и информации и г-ѓа Марина Курте, советник за правни прашања.
На средбата министерот Маневски го информираше амбасадорот Соренсен и присутните претставници од Делегацијата за реформските активности на Министерството за правда во изминатиот период, од легислативен аспект и од аспектот на градење на институциите.
Во рамки на презентацијата, за информирање на амбасадорот Соренсен и присутните претставници на Делегацијата, министерот за правда се осврна на интензивната нормативна активност – во периодот од 2006-2010 година, за подготвените 143 закони од кои 141 се донесени, и за во истиот период донесените 98 подзаконски акти за имплементација на законите. На новите закони интензивно се работеше две години, а во процесот на нивна подготовка побарани се мислења од домашни и странски експерти, истакна министерот Маневски.
Исто така, министерот Маневски го информираше амбасадорот Соренсен за основаните 10 нови институции во правосудниот систем на Република Македонија, нивното основање, кадровско екипирање и успешност во функционирањето.
Основата на независноста на судството е во зајакнување на стручноста на кадрите во судовите, транспарентноста во работењето на судовите и подобрувањето на пристапот до правдата. Со тоа се изградува авторитетот на судовите, потенцираше министерот Маневски.
За постигнување на оваа определба законски се воведени построги критериуми за вршењето на судиската функција, како што се: остварен просек на успех на студиите од најмалку 8, познавање на странски јазици (од кои задолжително познавање на англискиот јазик) и работа со компјутери.
Покрај инвестирањето во инфраструктурата на судовите, министерот Маневски, меѓу другото, го информираше амбасадорот Соренсен и за новиот Закон за судски буџет и зголемувањето на средствата издвоени од Буџетот на Република Македонија во функција на судството, за Законот за бесплатна правна помош, за изменувањата и дополнувањата на Законот за парничната постапка и континуираните обуки во врска со новините кои Законот ги пропишува, функционирањето на електронското судство, објавувањето на судските одлуки на веб-страниците на судовите, за успешното функционирање на Секторот за информатичко-комуникациски технологии на Министерството за правда и за можностите од користење на информатичките бази на податоци, закони, други прописи и акти, достапни за сите судии, адвокати, нотари, извршители, како и за сите граѓани.
Според презентираните статистички податоци, бројот на решените предмети во судовите е во постојан пораст. Во 2010 година, судовите во Република Македонија решија вкупно 967 352 предмети, што е повеќе во однос на претхоната година за 53%. Сите судови успеаја да го решат приливот на новите предмети и да ги намалат заостатоците на нерешените за околу 200 000 предмети, а како никогаш досега инвестирано е во пенитенцијарниот систем и подобрувањето на условите во казнено-поправните установи, информираше министерот Маневски.
Амбасадорот Соренсен се заблагодари за средбата и изрази големо задоволство од презентираните информации за напредокот во областа на правосудството и борбата против корупцијата, примената на информатичко-комуникациските технологии во правосудството и реформата во пенетенцијарниот систем.
Министерот за правда изрази задоволство од досегашната поддршка, помош и соработка упатена од страна на Делегацијата на Европската унија во проектите важни за реформа на правосудниот систем, на што Амбасадорот Соренсен возврати со уверување за продлабочување на соработката.