Обуката која денеска се одржа во "Клубот на пратеници" на тема "Администрирање на локални даноци и такси" имаше за цел здобивање со основни предзнаења на вработените во инспекторатот од областа на администрирањето на локалните даноци и такси , заради успешно реализирање на редовниот инспекциски надзор во оваа област.
Инспекцискиот надзор кој стартува во ноември , претставува прв надзор од ваков вид по отпочнувањето на процесот на децентрализација.
На обуката присутните ги поздрави заменикот министерот за правда Ибрахим Ибрахими кој им посака успешна работа во иднина, и укажа на активностите кои инспекторатот ги имаше реализирано во тековната година согласно Годишната програма за 2008 година и месечните планови за вршење на редовен, контролен и вонреден инспекциски надзор, големиот број на аналитички материјали кои беа изготвени и усвоени од Владата на Република Македонија, како и на измените во легислативата во областа на управното правосудство чиј носител беше инспекторатот.
Директорот на Државниот управен инспекторат Димитар Ѓеорѓиевски направи краток осврт по однос Предлог – програмата за работа на инспекторатот за 2009 година која им беше доставена на вработените со цел истата да ја разгледаат и да дадат свои сугестии по однос на истата. Во рамките на излагањето на директорот особено внимание беше посветено на големата новина во работењето на Државниот управен инспекторат, а тоа е Правилникот за начинот за вршење на инспекциски надзор на управната инспекција(„Службен весник на Република Македонија“ бр114/08) кој стапи на сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија„ согласно кој треба да постапуваат инспекторите.
Во рамките на обуката беше одржан и редовниот шестомесечен работен состанок на вработените во Инспекторатот на кој беше дискутирано и за повеќе технички и стручни прашања и проблеми од секојдневната работа на инспекторатот за чие што надминување ќе бидат преземени соодветни мерки со цел да се зголеми ефикасноста и да се унифицира работата.
За успешно реализирање на обуката за вработените во инспекторатот од областа на администрирањето на локалните даноци и такси,со свои презентации се погрижија Ирена Василеска - Шалевиќ од Министерството за финансии – Сектор за систем на утврдување и наплата на даноци, такси и други јавни приходи, Весна Цекова – раководител на Подрачното одделение на Министерството за правда во Кратово и Цветан Ангелески – раководител на сектор во Државниот управен инспекторат.