За „Утрински брифинг“ на „Слободен печат“, министерката Дескоска истакна дека очекува денешната јавна расправа да донесе предлози како да се подобри Предлог – законот за Јавното обвинителство, а не злоупотреба на времето за дебата.
“Дебатата треба да се води по законот по она што е содржано како решение и да слушнеме евентуално ако има предлози за подобрување на текстот. Во спротивно, секое било какво поинакво однесување, особено од опозицијата ќе биде протолкувано како опструкција на процесот и одолговлекување“, потенцираше Дескоска.
Според министерката Дескоска, би било идеално доколку сите пратеници го поддржат законот, но доколку не дојде до тоа, тогаш очекува да се обезбедат осумдесет пратеници за поддршка на законот.
“Доколку при собрани осумдесет пратеници за поддршка на законот, ВМРО – ДПМНЕ се обиде да го блокира процесот со илјадници амандмани, мислам дека тоа ќе биде за нив политички самоубиство, бидејќи ќе ја прати вистинската порака во јавноста дека всушност се за блокирање на ефикасна борба против криминалот и корупцијата и за блокирање на евроинтеграциските процеси“, истакна Дескоска.
Според Дескоска, сите сигнали од ЕУ се дека ќе биде многу корисно да се донесе законот, затоа што тоа ќе ги побие сите аргументи против отворањето на преговорите со нашата држава.
Во разговорот, министерката Дескоска потврди дека бегството од правдата е црвената линија на ВМРО – ДПМНЕ, дека тоа не влева оптимизам дека тие би се приклучиле на мнозиството за носење на законот, затоа што постојано ја праќаат пораката дека сакаат да ги затворат предметите започнати од СЈО.
Видео од утринското гостување на министерката Дескоска во „Утрински брифинг“
VIDEO