Во организација на Полското претседателство со Советот на Европската Унија, се одржа Состанокот на високите претставници за правда и внатрешни работи (СОМ).
Сесијата за правда беше посветена на клучни теми од областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата со посебен акцент на заштитата на укажувачите.
Се разговараше за значењето на граѓанското општество, независните медиуми и бранителите на човековите права во зајакнувањето на демократијата и заштитата на правниот поредок, како и за потребата судството да биде заштитено од несоодветно политичко влијание. Во своето обраќање, претставникот од Министерството за правда, државниот советник Никола Прокопенко го истакна значењето на владеењето на правото и независноста на судството како основа на секое демократско општество. Притоа, информираше дека активно се работи на спроведување на Развојната секторска стратегија за судството, со значајна вклученост на граѓанскиот сектор. Посочи дека граѓанските организации активно учествуваат во работни групи за изработка на законски решенија и се дел од различни комисии и тела, што претставува доказ за отвореност и инклузивност на институциите. Дополнително, беше најавена подготовката на новата Стратегија на Владата за соработка со граѓанското општество за периодот 2025–2028 година. Во рамки на дискусиите поврзани со борбата против корупцијата, од наша страна беше истакнато дека ова прашање претставува еден од главните приоритети на Владата.
Претседателството и Европската комисија во своите излагања ја нагласија важноста на соработката со партнерите од Западен Балкан и ја потенцираа улогата на граѓанското општество во зачувувањето на европските вредности.