Јетон Шасивари
Министер во Министерство за правда на Република Северна Македонија
Министер во Министерство за правда на Република Северна Македонија
Биографија:
Д-р Јетон Шасивари е редовен професор по уставно и управно право. Од 13 јули 2026 година ја извршува функцијата министер за правда на Република Македонија.
Докторските студии по уставно и управно право ги завршил на Правниот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа, каде што се стекнал со научниот степен доктор на правни науки. Магистерските студии по уставно и управно право ги завршил на Правниот факултет при Универзитетот во Приштина, стекнувајќи се со звањето магистер по правни науки. Дипломирал на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на правосудната насока, стекнувајќи се со звањето дипломиран правник.
Од 2002 година е вработен во Правниот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.
Во текот на академската кариера бил избран во наставно-научните звања: помлад асистент (2002-2006), асистент (2006-2009), доцент (2009-2014), вонреден професор (2014-2019), а од ноември 2019 година е редовен професор по уставно и управно право.
Наставата ја изведува на албански, македонски и англиски јазик.
Професионално искуство
Од 2006 до 2014 година бил продекан на Правниот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа.
Од 2012 до 2016 година бил член на Сенатот на Универзитетот, а од 2014 до 2016 година и член на Централниот комитет за истражување.
Од 2015 до 2019 година ја извршувал функцијата заменик-претседател и член на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование.
Од март 2019 година е предавач по уставно право во Академијата за судии и јавни обвинители.
Во 2020 година бил дел од групата уставни експерти поканети од Претседателот на Републиката за стручни консултации во врска со прогласувањето вонредна состојба поради пандемијата на COVID-19.
Во периодот 2021-2023 година бил член на судските совети и стручните жирија на регионалните натпревари во импровизирани судења пред Европскиот суд за човекови права, во организација на шведската меѓународна организација „Civil Rights Defenders“, одржани во Пиран, Ниш и Подгорица, кадешто учествувале апсолвенти од 13 правни факултети од земјите на поранешна Југославија и од Тирана.
Од 2021 до 2023 година бил надворешен советник на претседателот на Собранието во рамките на европскиот дијалог „Жан Моне“ за подготовка на новиот Деловник на Собранието.
Од октомври 2023 година до јули 2026 година бил член на Програмскиот совет на Академијата за судии и јавни обвинители, а од јануари 2024 година е заменик-член на Република Македонија во Венецијанската комисија.
Како уставен експерт учествувал на повеќе подготвителни седници на Уставниот суд, како и на стручни тркалезни маси организирани во соработка со ОБСЕ и Европската Унија за унапредување на организацијата и функционирањето на Судот. 2
Меѓународно искуство
Учествувал на бројни меѓународни академски и професионални студиски престои и програми во Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство, Франција, Германија, Италија, Словенија, Австрија, Шпанија, Турција, Швајцарија, Белгија и Литванија.
Во 2008 година бил учесник во престижната програма International Visitor Leadership Program (IVLP) на Стејт департментот на САД, посветена на американскиот судски и политички систем, при што посетил повеќе федерални институции, вклучително и Врховниот суд, Конгресот, Сенатот и Министерството за правда на САД.
Член е на асоцијацијата на американските алумни во Република Македонија.
Научно-истражувачка дејност
Автор е на универзитетските учебници „Уставно право“, „Управно право-материјално и процесно право“ и „Вовед во правото“, како и коавтор на повеќе научни и стручни публикации.
Автор е и на учебниците за средно стручно образование „Административно право“, „Прекршоци во постапка пред прекршочни органи“ и „Прекршоци во судска постапка“, издадени од Министерството за образование и наука.
Има објавено повеќе од 100 научни и стручни трудови во домашни и меѓународни научни списанија, зборници од конференции и други академски публикации од областа на уставното и управното право.