Денес во Собранието се одржа јавна расправа за Предлог-законите за судска служба и за јавнообвинителска служба, со активно учество на експерти, претставници на судската и јавнообвинителската служба, институции, синдикати и други засегнати страни.
На расправата беа разгледани предложените законски решенија и клучните измени насочени кон унапредување на статусот на судските и јавнообвинителските службеници, воспоставување поефикасен систем за вработување и напредување, зајакнување на професионалноста и независноста на службите, како и обезбедување подобри услови за работа и кариерен развој.
Предложените решенија се резултат на континуирана координација и усогласување со сите надлежни институции. Предлог-законите се целосно усогласени со Министерството за финансии, Министерството за јавна администрација и Секретаријатот за законодавство, при што се земени предвид нивните забелешки и предлози со цел обезбедување квалитетни, применливи и финансиски одржливи законски решенија.
Учесниците имаа можност да ги споделат своите мислења, предлози и забелешки, со цел создавање квалитетни законски решенија што ќе придонесат за поефикасна судска и јавнообвинителска служба и поквалитетни услуги за граѓаните.
Отворениот дијалог и вклученоста на стручната јавност се клучни за градење силен, професионален и независен правосуден систем.