Министерот за правда, Јетон Шасивари, денеска присуствуваше на отворањето на манифестацијата „Нотарски денови 2026“, организирана од Нотарската комора, на тема „Расправање оставина: помеѓу законската рамка и нотарската практика“.
Во своето обраќање, министерот Шасивари го истакна значењето на нотаријатот како еден од столбовите на правниот систем и гарант на правната сигурност на граѓаните, нагласувајќи дека работата на нотарите има директно влијание врз заштитата на сопственичките права, семејните односи и сигурноста на правните трансакции.
Тој посочи дека довербата на граѓаните е најголемиот капитал на институциите, а вршењето на нотарската професија, покрај правната стручност, бара интегритет, независност, професионална етика и високо ниво на одговорност.
Министерот Шасивари информираше дека Министерството за правда, во рамки на претстојните реформи и процесот на европска интеграција, ќе посвети особено внимание на унапредувањето на законската регулатива во областа на нотаријатот, нејзиното усогласување со современите стандарди и дигитализацијата на постапките и услугите.
Според него, дигитализацијата треба да овозможи побрзи постапки, помалку административни пречки, пониски трошоци, поголема транспарентност и полесен пристап на граѓаните до правните услуги.
Во таа насока, Шасивари нагласи дека Нотарската комора ќе биде важен и рамноправен партнер на Министерството за правда, бидејќи одржливите реформи не се реализираат само преку законски измени, туку и преку тесна соработка со професионалците кои секојдневно ги применуваат законите во практика.
На крајот, министерот изрази надеж дека „Нотарски денови 2026“ ќе послужат како платформа за суштински дискусии, размена на искуства и конкретни предлози за понатамошен развој и унапредување на нотаријатот во земјата.
„Правната сигурност ја гради довербата, професионалноста ја штити, а одговорноста ја прави правдата опиплива за секој граѓанин“, истакна министерот Шасивари.