Министерот за правда Јетон Шасивари денеска оствари средба со Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на Мисијата во Амбасадата на Соединетите Американски Држави, на која беше потврдена силната и континуирана соработка меѓу Министерството за правда и САД како стратешки партнер во спроведувањето на реформите во правосудството.
На средбата се разговараше за клучните приоритети на Министерството за правда, со акцент на реформите во правосудството, владеењето на правото, дигитализацијата на правосудниот систем, законодавната агенда и борбата против корупцијата. Министерот за правда Јетон Шасивари побара во натамошниот период да се овозможи размена на искуства и експертска помош од САД во областа на кривичното законодавство.
Министерот Шасивари изрази благодарност за континуираната поддршка што САД ја обезбедуваат за Министерството за правда и за реформските процеси во државата, нагласувајќи дека таа има значајна улога во зајакнувањето на институционалните капацитети, особено во борбата против транснационалниот организиран криминал, како и во унапредувањето на соработката меѓу домашните институции и меѓународните партнери.
Во фокусот на разговорите беше и реформата на кривичното законодавство, која останува еден од стратешките приоритети на Министерството за правда. Во таа насока, беше истакнато дека започна реализацијата на проектот „Поддршка за спроведување на Националната стратегија за дроги во Република Северна Македонија“, финансиран од Bureau of International Narcotics and Law Enforcement Affairs (INL) при Стејт департментот на САД.
На средбата беше потврдена заедничката заложба за понатамошно продлабочување на партнерството преку нови заеднички проекти, експертска поддршка и размена на искуства во областите од заеднички интерес.
Министерството за правда останува цврсто посветено на спроведувањето на реформите, зајакнувањето на владеењето на правото и исполнувањето на европските стандарди, во интерес на граѓаните и на европската интеграција на државата.