Правдата за децата не смее да остане само законска одредба – таа мора да биде присутна во секоја институција, во секоја постапка и во секоја одлука што ги засега децата.
На научно-стручната расправа „Правично постапување со деца – искуства во примената на Законот за правда за децата“, организирана од Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца, беше испратена јасна порака: секое дете заслужува заштита, достоинство и шанса за иднина.
Со новиот Закон за правда за децата, државата прави суштински исчекор – од казна кон поддршка, од стигма кон ресоцијализација, од формална заштита кон вистинска грижа за детето.
- Најдобриот интерес на детето е во центарот на системот
- Се зајакнува заштитата на децата жртви и сведоци
- Се унапредуваат механизмите за превенција и ресоцијализација
- Се градат политики усогласени со европските стандарди и Конвенцијата за правата на детето
Но, законите имаат вистинска вредност само кога се применуваат доследно.
Наша обврска е да изградиме систем во кој ниту едно дете нема да биде заборавено, маргинализирано или оставено без поддршка.
Министерството за правда доследно ги исполнува законските обврски и обезбедува финансиска поддршка за работата на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца.
Особено значајно е што Советот континуирано ја следи примената на Законот за правда за децата преку систем од 32 индикатори, што овозможува реална слика за состојбите и предизвиците на терен.
Овие податоци претставуваат силна основа за понатамошно унапредување на системот на правда за децата, во согласност со меѓународните стандарди и најдобрите практики.