Бесплатната правна помош не е привилегија. Таа е право. Пристапот до правда не смее да зависи од материјалната состојба на граѓанинот“, порача министерот за правда Јетон Шасивари на Осумнаесеттиот состанок на Националното координативно тело за бесплатна правна помош.
„Зад секое барање за бесплатна правна помош стои човек. Човек со конкретен проблем, конкретна потреба и право кое треба да биде заштитено. Затоа, успехот на системот не треба да го мериме само преку бројот на поднесени барања или донесени решенија, туку преку тоа дали граѓанинот навреме добил квалитетна и ефикасна правна помош“, истакна Шасивари.
Тој нагласи дека државата има обврска да обезбеди систем во кој материјалната состојба нема да биде пречка за остварување и заштита на правата.
„Пред законот сите мора да бидеме еднакви, а еднаквоста има вистинска смисла само ако секој граѓанин има реална можност да ги заштити своите права. Не смее никој да се откаже од правдата затоа што не може да си ја дозволи“, порача министерот за правда.
Шасивари посочи дека Министерството за правда има централна и одговорна улога во функционирањето на системот на бесплатна правна помош, преку Одделението за бесплатна правна помош, подрачните одделенија и овластените службени лица кои се директно достапни за граѓаните.
Во таа насока, како приоритети беа истакнати потребата од полесен пристап до правни информации, поефикасни постапки, навремена и квалитетна правна помош и зајакнување на довербата на граѓаните во институциите.
На состанокот учествуваа претставници на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, Министерството за правда, Адвокатската комора, Народниот правобранител, овластени здруженија на граѓани, правни клиники, експерти и други релевантни партнери.